Таравари чека понуда од владата, но дали партнерите ќе се усогласат?

Неофицијално, Алијанса очекува најмалку 3 министерски ресори, од кои 2 би биле со голема тежина, како на пример здравство, образование, правда, земјоделство, транспорт и врски, а се споменува и МНР.

by Фокус

Арбен Таравари, в.д. претседател на Алијанса за Албанците кој треба да биде избран за партиски лидер на конгрес во средината на декември, чека конкретна понуда од владините партнери, кои се уште меѓусебно не се усогласиле како да настапат пред потенцијалниот нов партнер.

Како што велат за „Фокус“ високи партиски извори од АА, нивната одлука дали ќе станат дел од владата не зависи од партискиот конгрес закажан за 17 декември, туку од понудата што ќе ја добијат и за која потоа ќе расправаат партиските органи.

Генералното расположение е да се поддржи владата во овој специфичен домашен и меѓународен контекст. И покрај тоа што тоа ќе значи во иста влада со ДУИ, не сметате дека лошо ќе се одрази врз нашиот рејтинг, бидејќи важно ќе биде како ќе се однесуваме и работиме – вели функционер на Алијанса.

Меѓутоа, се уште нема согласност од сите владини партнери дали воопшто е потребна оваа партија на Илинденска, од причина што, според нив, владата подолго време функционира со мнозинство од 64 пратеници, додека за сите крупни прашања поврзани со интеграциите албанските партии даваат поддршка, без разлика дали се на власт или во опозиција.

Откако објавивме дека ако Алијанса влезе во Владата, „огнената група“ во ДУИ ќе формира фракција, водечките луѓе на „огнените“ Изет Меџити и Блерим Беџети јавно изјавија дека се против пристапувањето на АА, со образложение дека тоа нема политичка цел, како што своевремено имаше влезот на Алтернатива.

Но, и партијата на Африм Гаши, која со своите 4 пратеници ја спаси оваа влада откако Беса одлучи да ја урива со опозицијата, е против влезот на Алијанса, особено ако тоа значи дека и тие ќе треба да отстапат еден ресор во корист на новиот партнер.

Во меѓувреме, и Демократски сојуз на Павле Трајанов порача дека со влезот на АА ќе се наруши етничкиот баланс во владата, па затоа од таму посочија дека доколку тоа се случи, тогаш ДУИ да отстапи министерски ресори.

Неофицијално, Алијанса чека понуда која ќе предвидува најмалку 3 министерски ресори, од кои 2 би биле со голема тежина, како на пример здравство, образование, правда, земјоделство, транспорт и врски, но се споменува и МНР.

Доколку осумте пратеници на АА го поддржат мнозинството, Али Ахмети ќе може да се ослободи од притисокот на „огнените“, кои контролираат неколку пратеници, што во превид би значело спас за вицепремиерот Артан Груби и другите министри што се на тапет на внатрепартиската групација.

Од друга страна, според упатените, тоа ќе му овозможи и на Димитар Ковачевски комоција да направи посериозен кадровски рез, вклучително и промена на некој од старите министри во владата (Спасовски, Николовски, Бочварски), иако некои од нив контролираат одредени пратеници.

Влатко Стојановски

Поврзани новости