Тактичко повлекување на Тодоров, дали се спрема за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?

by Fokus

Повлекувањето на ексминистерот и вицепремиер Никола Тодоров од пратеничката функција во парламентот, со образложение дека сака целосно да се посвети на матичната професија и на партиските активности, не е резултат на несогласувања во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, туку претставува тактички маневар пред внатрепартиската реорганизација во пресрет на локалните избори, тврдат за Фокус добро упатени партиски извори.

Партијата на Никола Груевски наскоро ќе влезе во процес на внатрепартиски реформи, во чии рамки Тодоров, според нашите извори, има големи шанси да биде избран за нов партиски генерален секретар на местото на довчерашниот премиер и актуелен пратеник Емил Димитриев, бидејќи, посочуваат тие, преовладува размислувањето дека првиот партиски оперативец треба да биде фокусиран исклучиво на оваа функција, без истовремено да врши друга јавна функција.

Иако, во партијата има неколку блиски соработници на Груевски без друг јавен ангажман, кои патем порано ја вршеле втората функција во партиската хиерархија, како Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, добро упатени соговорници истакнуваат дека ексминистерот за здравство и за образование, но и шеф на републичкиот изборен штаб на партијата, моментално се смета за најдобро решение од причина што важи за голем работник и добар организатор, одличен познавач на теренот, а воедно нема правен товар.

Инаку, Груевски веќе порача дека нема намера да се повлече од лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ во ситуација кога победил на последните парламентарни избори, но истовремено најави дека партијата ќе се реорганизира следниот месец, кога впрочем истекува мандатот на актуелниот извршен комитет, што, според него, е добра можност да се направат промени и совежувања во највисокото извршно партиско тело, како и во општинските и месните комитети.

Фокус се обиде да стапи во контакт со Тодоров, но тој не одговори на нашето прашање дали е точна информацијата дека ќе стане нов партиски генсек, чиј прв тест и мерило за успех ќе бидат локалние избори, кои ќе бидат судбоносни за актуелното партиско раководство, бидејќи во случај на пораз ќе треба да поднесе одговорност доколку не сака да ризикува да му биде изгласана недоверба на конгрес.

Иако локалните избори може да се толкуваат на различни начини и според повеќе аспекти – вкупен број на освоени гласови, број на освоени општини, број на советници, победи во големи градови и важни центри, сепак, ниту една партија или коалиција нема да може да прогласи победа ако не победи во Скопје и во мнозинство од поголемите градови со целосно или доминантно македонско население, меѓу кои Битола, Штип, Велес, Струмица, Прилеп, Охрид, Куманово…

В.С.

Поврзани новости