Таксин Шинаватра пуштен на условна слобода

by Fokus

Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра, кој има и црногорски пасош, беше пуштен на условна слобода на 18 февруари, што е негов прв ден на слобода во својата татковина по 15 години бегство.

Веста за неговото ослободување ја соопшти неговиот адвокат, јавува Радио Слободна Европа.

Влијателниот милијардер, чија семејна партија се уште е на власт во Тајланд, е ослободен од затворската болница во Бангкок каде ги поминал последните шест месеци. Пред тоа, кралот на Тајланд му ја преиначи казната за злоупотреба на власта и судир на интереси од осум години затвор на една.

Шинаватра (74) имаше право на условно ослободување поради неговата возраст, здравје и времето поминато во затвор.

Тој беше премиер на Тајланд од 2001 до 2006 година, кога беше соборен со воен удар. Потоа му беше забрането да учествува во политиката и се соочи со обвиненија за даночна измама и злоупотреба на власта.

Следните 15 години ги помина во самонаметнат егзил во странство, тврдејќи дека обвинението е политички измислено. Тој се врати во Тајланд во август минатата година за да отслужи намалена казна.

Иако во својата земја беше законски осуден за корупција, во 2009 година доби пасош како почесен граѓанин на Црна Гора.

Помина повеќе од 15 години во егзил поради пресуда за повеќе кривични дела во Тајланд.

Поврзани новости