Така ли, јунаци, ќе го рушиме режимот?

by lali

За мојот вчерашен фејсбук статус градоначалникот на Центар Андреј Жерновски да си поднесе оставка поради неуспешниот референдум, добив многу прекори од пријатели, опозиционери, новинари, аналитичари, добронамерници, а рака на срце и од душмани. Ми забележуваат дека сум бил премногу емотивен, дека сум претерал, дека жестоко сум реагирал, дека сум бил аматер, сум и нанесувал штета на опозицијата, но истовремено и дека сум бил сончоглед, дека сум одработувал за власта!? Зошто, забога, сум барал оставка од Жерновски, да не сум сакал можеби нови избори во Центар на кои ВМРО-вец ќе дошол за градоначалник!? Куририте, пак, ме зедоа што се вели „низ нозе“, за да демонстрираат оти „пукнала тиквата“ во опозицијата. Овде-онде имаше и по некоја пцовка и погрдни изрази. Но тоа е фејсбук!

Сепак, чувствувам потреба да појаснам неколку работи.

На фејсбук реагирам исклучиво како граѓанин, а новинарски текстови и анализи пишувам во неделникот Фокус и тука, на порталот. Во случајов реагирав како граѓанин кој вчера гласаше на референдумот на општина Центар, каде што сум роден и живеам од 1964 година.

Како граѓанин, значи, без политички, партиски или какви било други калкулации на фејсбук побарав оставка од мојот градоначалник зашто сметам оти политичарите мора да сносат морална и политичка одговорност за своите неуспеси. Без оглед што политиката во Македонија е валкана, а Груевски и братијата не сакаат да дадат оставки иако се фатени во криминал, мислам оти единствениот начин да ги вратиме честа и моралот е за секој политички неуспех да има и одговорност. Работа на вкус е дали ќе бараме оставка од градоначалникот или можеби и од претседателот на СДСМ во општина Центар, како што побараа некои други или ќе му простиме на градоначалникот задоволни од бројот на граѓаните што му се спротивставиле на режимот. Но мислам оти не е доволно да ја обвиниме партијата на власт и нејзиниот бојкот за неуспехот на референдумот – тоа се разбира беше пресудно, туку е доблесно дел од грешките да ги побараме и кај опозицијата.

Се разбира, не е добро да се биде генерал по војна и никогаш тоа не сум го правел, но морам да бидам искрен дека ден-два по распишувањето на референдумот, лидерот на ЛП, Ивон Величковски ми предочи мошне аналитично и убедливо дека референдумот нема шанси да успее со ваков избирачки список и со бојкот на ДПМНЕ, како што се најавуваше. Уште тогаш се прашував каква е смислата на одржување референдум кој нема шанси да успее, за тоа прашував и повеќе истакнати челници на опозицијата, а особено ме интересираше – не сметаат ли оти неуспешниот референдум ќе и нанесе штета на борбата за рушење на режимот? Но, главно добивав одговори дека референдумот ќе успее.

Сега, пак, многумина сега ја пласираат тезата дека вчерашниот референдум сепак не значел неуспех (оттаму нема потреба и од одговорност и оставки), зашто речиси 100 отсто од граѓаните кои гласале биле „за“ – а тоа е огромно мнозинство од 16. 836 граѓани. Значи, тоа не било неуспех, без оглед што не бил постигнат цензусот од 50 отсто излезност, зашто таков цензус било невозможно да се постигне во вакви услови, со илјадници фантомски гласачи – иселени млади центарци во странство, граѓани од Пустец присутни на избирачкиот список кои сега ги немаше на гласачките места, спречувањето на некои граѓани да гласаат со подземни активности на ДПМНЕ итн. итн.

Арно ама, сето тоа градоначалникот Жерновски го знаеше однапред, а сепак реши да оди, што би рекол колегата Героски, на „изборна кланица“ со ДПМНЕ. Со тоа, пак, опозицијата го наруши правилото за кое јасно се залага – дека нема намера изборно да одмерува сили со власта, се додека не се создаде преодна влада, додека не се исчисти избирачкиот список, додека не се демократизира медиумскиот простор..!

Но, како што разбравме и од Заев и од Жерновски, референдумот бил олицетворение на граѓански активизам, демократска вежба пар екселанс, дека го зголемувал притисокот на граѓаните против забеганата власт и сл. Немам сомнение во тоа. Но нели смислата на секоја политичка акција, макар и на некакво финале на класичен граѓански активизам, е таа да успее?!

Значи, што беше смислата на референдумот? Да го заштитиме автентичниот изглед на ГТЦ? Дали референдумот успеа тоа да го направи? Не. Жерновски вели – борбата продолжува, сигурно ќе го заштитиме! Не сум уверен дека Груевски уште веднаш нема да фрли лопата за камен-темелникот на барокниот ГТЦ!

Дали можеби смислата на референдумот беше да се види колку противници има режимот на Груевски во општина Центар? Односно дали бомбите имале некакво влијание врз зголемувањето на бројот на гласачи против власта? Скорот не е импозантен ниту во оваа смисла – неколку стотини гласачи повеќе од ланските избори во Центар, на кои Стево Пендаровски, како кандидат на СДСМ освои граѓански и натпартиски 16.452 гласа. Факт е дека тие гласови беа тајни, а овие се јавни – многумина поради стравот да не ги забележи ДПМНЕ во својот тефтер и да не им се одмаздува, избрале да останат дома. Можеби, можеби… Но, ве молам, што ни говори тоа за нашата битка за слобода и демократија, ако некој се уште се плаши од пастирот да излезе и да гласа!? После сите овие бомби, откако Заев „искрвари“ со неколку кривични пријави, а неколкумина борци завршија и зад решетки? И откако слободните медиуми почнаа да му одбројуваат на Груевски!? Како, мајката, очекуваме на 9 мај, порано или подоцна, сеедно на плоштад или пред Владата да излезат 50.000 граѓани ако центарци, ееееј центарци, а не граѓаните на Кисела Вода или Гази Баба, на пример, се уште се плашат од пастирот, кој некни во Охрид не можеше да наполни ниту половина спортска сала? Така ли, јунаци, ќе го рушиме режимот?!

Конечно, граѓанскиот активизам за ГТЦ беше извонреден и него го забележав на манифестациите „Гушни го ГТЦ“, а гласањето и особено неговата блокада, мора да признаеме, беше класична партиска ујдурма. После ваков референдум не верувам дека граѓански активизам со референдумско финале во Македонија е можен. Нема белки со нов референдум да му ги аминуваме плацевите на Груевски на Водно? Што велиш, градоначалниче? Мислам оти многу поголеми шанси да го заштитиме ГТЦ, во споредба со референдумот, ќе имавме ако 3000-5000 граѓани подолго време протестираат пред Владата, како студентите и средношколците, впрочем.

Сепак, да бидам искрен, единствениот начин да го заштитиме ГТЦ од барок, Скопје од накарадната архитектура и Македонија од злото е Фамилијата на Груевски да замине во историјата. Не можам да видам како референдумот, кој, ете, како што разбравме, однапред бил осуден на неуспех, помага во тоа.

Конечно, не сум сигурен оти во време кога се води вистинска политичка војна на поголем фронт, со „бомбите“ на опозицијата, дека ни беше потребна споредна битка за Центар, за која однапред сме знаеле оти ќе биде загубена!? Или можеби битката е добиена? Дали е тоа само работа на толкување? Навистина ли нема да има никакви политички последици од овој резултат!? Сигурен ли е Жерновски во тоа? Нема ли луѓето што се борат против власта со овој и ваков референдум дополнително да се обесхрабрат? Нема ли вмровските зависници од режимот да се осоколат? Не е ли ова нов ветер во едрата на прилично безнадежно заринканиот брод на пастирот?

Евентуална оставка на градоначалникот, како што некој тоа сака да го прикаже, воопшто не значи дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја преземе власта во Центар. Па опозицијата има сигурно гласачко тело во оваа општина, мнозинството граѓани се против владеачката партија, а јас мислам дека има и други способни кадри и во СДСМ и во ЛДП, но и во други политички структури што се борат против режимот, кои можат да ја извршуваат оваа одговорна функција.

Жерновски, пак, за мене несфатливо, неодамна си поднесе оставка на лидерската позиција во ЛДП, за што мислам оти беше акт на обесхрабрување на поддржувачите на опозицијата во Центар, оти каков и да му бил мотивот за тоа, не сум сигурен дека делувал позитивно на граѓаните на општината. Зошто јас би се борел како лав за мојата општина, ако мојот градоначалник кој треба да ме води и да ме претставува, не може истовремено да ја води и партијата и општината? Толку ли е тешко и напорно да се води ЛДП, џанам? Партииште, а? Впрочем, и Заев е градоначалник на Струмица, патува речиси секој ден до Скопје и назад, војува политички жестоко со „бомбите“, па не помислува да си поднесе оставка на некоја од функциите поради „премногу ангажман“. Луѓето сакаат вистински, а не салонски борци!

Жерновски, рака на срце, во изминатиов период беше сериозна мета на на власта. Груевски на митинзите и другите труби на владејачката врхушка постојано манипулираат со неговата наводна политичка иднина како лидер на СДСМ, кога ќе паднел Заев во аферата „Пуч“!? Тоа, се разбира, го прават како обид за растурање на опозициската коалиција, потхранување на политичките суети за раздор во опозицискиот табор и обид од Заев да предизвикаат контра-потези на недоверба кон лидерот на ЛДП. Натпартиското опозициско движење што одвреме-навреме го најувуваат претставници на помалите партии во опозициските редови, како и повремените јавни забелешки на Жерновски за тоа како функционира СДСМ, само го подгреваат ваквиот филм.

Самиот Жерновски објави прислушувани разговори од бомбите на Заев, помеѓу Латас и Мијалков, според кои Црвенковски наводно сакал да го трампа со ДПМНЕ за Стевчо Јакимовски во Карпош (Стевчо да загубел во Карпош, а Владо Тодоровиќ да победел во Центар!?) на локалните избори во 2013 г. Иако најверојатно се работи за чиста шпекулација од Мијалков – гласините ги демантираше и самиот Црвенковски, не сум сигурен оти на Жерновски му беше пријатна јавната размена на ваквите шпекулации. Оттаму, референдумот требаше да ја засили и евентуално разнишаната доверба меѓу лидерите во опозициската коалиција. Јас, пак, мислам дека довербата ја засилија бомбите, а референдумот само отвора нови страници на недоверба во опозициските редови. Жерновски минатата недела имаше предрефендумска политичка „бомба“со нарачаните шамари од Груевски во настаните во општина Центар во врска со протестите за градбата на црквата, како жртва на нарачка на безумно политичко насилство. Немам сомнение оти тој е чесен и искрен опозициски борец против режимот. Само не сум сигурен оти тој добро ги калкулира можните последици од своите политички активности.

И на крајот – никаква тиква не пукнала во никаква опозиција, драги мои курири со тоа што јас сум побарал оставка на Жерновски. Ако вие размислувате со тикви, како што сака вашиот пастир, а не со глава, тоа е ваш проблем. Јас немам никакви обврски, ниту кон СДСМ, ниту кон ЛДП и сметам дека се уште можам, без последици, јасно и гласно да го соопштам својот став за тоа како опозицијата и нејзините лидери ги водат политичките битки против режимот.

Оваа битка Жерновски ја смета за успешна. Јас ја сметам за неуспешна. И тука нема никаква драма.

Поврзани новости