Тајна фабрика за рачна изработка на пасоши! Дали биле користени за избори?

by lali

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на 28-ми ноември 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 999

Анонимен граѓанин до „Фокус“ достави ексклузивен видеоматеријал од 45 секунди, за кој се верува дека е снимен пред локалните избори во 2013 година, и 14 фотографии од кои се гледа дека во приватен стан или куќа, рачно се изработувале пасоши! Во просторијата – мануфактура може да се видат неколку картонски кутии, во кои се наредени стотици патни исправи, кутии за отпадоци, две машини за сечење и лепење на хартијата, маса на која стои печат, маса со компјутер, женско лице кое седи на подот боса, а во фонот се слуша машки глас, кој зборува на телефон и им издава наредби на теренците да продолжат според договорениот план! Иако според видеото и фотографиите не можеме директно да посочиме кој стои зад операцијата, јасно е дека обвинителството дефинитивно треба да отвори истрага за двата исчезнати АФИС-системи за изработка на лични карти и пасоши за кои „Фокус“ веќе пишуваше.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, во колумната од минатиот број на „Фокус“, посветена на Македонците муслимани и дилемата дали тие се природна или вештачка нација создадена од власта, во еден дел отворено напиша – „Мисионери на ВМРО-ДПМНЕ ги посетуваат домовите на торбешите и им нудат вработување во администрацијата само за да го променат идентитетот. Во Министерството за финансии функционира штаб на партијата, кој се занимава со зголемување на заедницата на Македонците муслимани. Зошто? Со цел да се придобие оваа заедница за гласови“. Така се отвори сомнежот каков е тој издвоен партиски штаб во државен орган, кој, наместо државна, остварува партиска политика со купување гласачи.

Дали само присилувањето да се смени идентитетот со ветено работно место е мерката за множење гласови за избори или постојат и поинакви можности? На пример, дали со издавање пасоши на цели групи не се постигнува истата цел? Не се формираат ли и така групи гласачи за изборни потреби и победи!? Сомнеж дека ваквиот начин може да се користи за штанцање пасоши и лични карти, а со тоа и гласачи, отвори исчезнувањето на двата система за отпечатоци за изработка на лични карти и пасоши, наречени АФИС, кои не е познато каде завршиле или, пак, надлежните не сакаат да откријат.

„Фокус“ ја објави целата документација, која е во Јавното обвинителство и која потврдува дека Министерството за образование платило три системи, еден за научни цели на Факултетот за безбедност и два за Македонската радио-телевизија. Иако за скапата опрема се користеле пари од ресорот образование, сепак, со незаконити одлуки на владата, еден од АФИС-ите завршил во Министерството за внатрешни работи, додека на другите два, наменети за МРТВ, им исчезнува секаква трага. Ќе изминат две години откако Јавното обвинителство очекува МВР да се смилува и да обезбеди докази дали и како вработени во полицијата биле вклучени во процесот на набавка и трансфер на опремата.

Но, она што изненадува е зошто МВР самото не истражи како е можно да снема два огромни апарати, каде исчезнале или каде се сместени и дали се користат за издавање пасоши и лични карти? Откако „Фокус“ објави сторија за сомнежите дека не е исклучена можноста, некаде во приватни простории, АФИС-ите да се ставени во употреба, неколкумина граѓани се јавија да изнесат свои информации и сознанија за случајот. Сепак, освен зборови, немаа конкретни докази што се случило со опремата.

Но, минатата недела, анонимен граѓанин до „Фокус“ достави видеоснимка и фотографии. Претпоставка е дека се направени пред локалните избори 2013 година, а на кои се гледа како во една соба, очигледно во приватен стан или куќа, се произведуваат пасоши.

Материјалот остава впечаток дека навистина некаде, на приватен имот, се изработуваат пасоши! За какви цели, не можеме да тврдиме но може да се претпоставува. Секако, видеоснимката е вредна да послужи за истрага на јавните обвинители или како надополнување на постапката, која трага по опремата за АФИС-ите, со месеци.

СНИМКАТА ФОКУСИРАНА ВО ПАСОШИТЕ НИЗ СОБАТА

Анонимниот доставувач, во страв за својата сигурност, не открил повеќе детали за изработените пасоши, и клучното – не одговорил на прашањето дали се користеле двата исчезнати система за биометриски документи кога се штанцале пасошите. Непознато е зошто не ги искористил институциите да ги извести за материјалот, за кој е очевидно дека самиот го снимил, но претпоставка е дека не им верувал оти ќе ја истераат потрагата докрај и ќе утврдат кој е одговорен за нелегалната акција.

Во отсуство на одредени клучни сознанија за да се посочи виновник за производството патни исправи, „Фокус“ ја пренесува содржината на видеото и на фотографиите. Преку нив се добива впечаток дека се произведувале пасоши надвор од МВР!

Направивме проверка на видеоматеријалот составен од снимка од 45 секунди и 14 фотографии. Ако внимателно го погледнете видеото, објавено на интернет-порталот на неделникот „Фокус“, се забележуваат некои интересни моменти, кои секако се причина Јавното обвинителство да не замижува, туку да отвори истрага и да провери каде е просторијата во која се изработуваат пасошите, која и колкава е групата што ја организирала акцијата, со каква цел се правело тоа, дали и колку пасоши се издадени на ваков сомнителен начин, за кого биле наменети и каде завршиле, дали сопствениците потоа ги користеле за гласање на избори!?

Граѓанинот, чиј е материјалот, со објавата на снимките, всушност открива дека и самиот учествувал во групата задолжена за изработка на пасошите! Со оглед дека се исплашил да открие повеќе детали за просторијата и за инволвираните лица во незаконскиот процес, нам ни останува да направиме текстуална анализа на материјалот и да поставиме некои логични дилеми и прашања.

Според снимениот материјал, сигурно е дека работилницата за „црните пасоши“ е сместена во приватен стан или куќа. На подот има тепих, а врз него се наредени неколку картонски кутии, во кои педантно се наредени стотици патни исправи. Во други кутии, пак, се фрлале отпадоците. На подот се забележуваат остатоци од хартијата која вработените во мануфактурата ја сечеле за да ги подготват внатрешните страници на пасошите. Може да се забележат две машини за сечење и за лепење, со кои, може да се претпостави, дека ги обработувале страниците.

На една од масите има десетина пасоши од кои само едниот е отворен, и тоа во делот каде што се наоѓа адресата на корисникот и каде што по правило стои печатот на МВР, што значи дека не може да се видат личните податоци на кого гласи пасошот. На истата маса, загрижува и зачудува, стои и печат со перниче во мастило!? Како таквиот печат завршил во приватен дом!? Чиј е? Дали го има отисокот на МВР? Ако да, дали е тоа оригинален печат или, пак, фалсификуван и користен само за специјални намени!? На друга маса, во истата просторија лежи друг пасош. Тој изгледа како да е целосно завршен и подготвен за употреба. На него е поставена и биометриската страница со личните податоци на корисникот, но со оглед на послабиот квалитет на камерата од мобилниот телефон, не може јасно да се прочита името на носителот, иако се гледа фотографијата на лицето за кого е наменет пасошот.

Од свртувањата и движењата на човекот што го снима видеото, очигледно е дека тој се крие за да не го забележат другите присутни во просторијата. Впечаток е дека тој снима тајно и ги користи моментите кога бил сигурен дека никој нема да го забележи, ниту да се посомнева дека ја вклучил камерата на мобилниот телефон. Во собата има и трета маса на која е поставен компјутер. Во моментот на снимањето, на мониторот јасно се гледа страница од пасош, онаа со личните податоци. На неа има возрасна жена со шамија преку главата, а од податоците, барем од тоа што е можно да се прочита, се дознава дека таа е родена во Битола, а живее и користи пасош на Република Турција. Дали ова значи дека со тајната операција се произведувале македонски патни исправи на име на државјани на други држави кои се родени во Македонија? Иако неколкупати „тајниот снимател“ се обидува да зумира во фотографиите и во личните податоци во пасошите, сепак, неговата попреченост за нормално снимање не му дозволува јасен кадар, па затоа сликата станува поматна со секој нареден зум.

Она што е интересно за анализа е машкиот глас што се слуша во заднината на видеото. Јасно е дека станува збор за повозрасен човек, кој според содржината на разговорот и тоналитетот, зборува преку телефон. Секако, може само да се претпоставува со кого разговара, затоа што се слуша исклучиво едниот глас, на човекот кој е во „работилницата за пасоши“. Со енергичен глас и со зборови кои звучат како наредба, тој им дава упатства на теренците да не се откажуваат од намерата и да продолжат со договорениот план. Нејасно е за каков план станува збор и каде „шефот“ ги испратил теренците.

Во првиот дел од разговорот, гласот од видеото говори „А бе, кој ќе се расправа сега, мајката нивна комунистичка. А бе, слушај, батали ги таму, што ги онадиш. Дајте, ајде соберете се, ајде ти, ти, тоа, тоа, ајде работи. Дотерувај ги работите, нека одат работите таму, што е тоа?“ По кратка пауза во траење од една секунда, во која најверојатно соговорникот од другата страна на телефонската линија нешто изустува, продолжува да зборува човекот од „пасошко“.„Ма не ги шајкали ич, ајде терај, знаеш што треба да работиш. Ајде вози.“ – завршува категорично неформалниот „издавач“ на пасоши. Тешко ќе биде за обвинителството да утврди чиј е гласот, уште потешко со кого зборувал и каков „заговор“ подготвувале.

ФОТОГРАФИИТЕ ОТКРИВААТ АМАТЕРСКА ИЗРАБОТКА,  А ЗА БИОМЕТРИЈАТА?

Тоа што не може да се види на снимката, се гледа на фотографиите. Но, и тие не покажуваат јасно чии имиња се на патните исправи, освен што се забележуваат фотографиите на корисниците на пасошите. Врз една фотографија, на една масичка, стои придружната опрема – скалпел, ножици и шрафцигер. Понатаму, на друга фотографија се гледаат цели табаци изгравирана хартија поставени врз некаква машина на која се сечат внатрешните страници за пасошите. Подредени по број, страниците се ределе на тепихот за да им се стави црвената корица. Од ова може да се заклучи дека биометрискиот дел, тврдата пластика, што е главна страница на секој пасош, се додавала на крај.

На фотографиите има пасоши на кои сѐ уште не е поставена биометриската страница, но има и такви што се целосно завршени. На една фотографија има бел лист хартија на кој се испробувал печатот, кој завршил во секој пасош. На истата слика има и три отворени пасоши, кои се во завршна фаза на изработка. Луѓето кои посветено штанцаат најчесто седеле на подот, но нејасно ни остана зошто сите се боси. Барем тие што се гледаат, немаат обувки, а ваква практика сигурно немаат вработените во МВР. Инаку, собата што служела за „множење“ патни исправи некој ја користел како теретана. Јасно се гледа машина за вежбање, како и мали тегови на подот.

Познавачите на компјутерската техника што ги консултиравме тврдат дека „производителите“ ја користеле програмата за графичка обработка „Корел“. Шаблоните од кои ги сечеле страниците и крпењето на пасошите покажуваат дека е користена широко распространета програма, а не специфична, професионална програма, како таа на МВР. Но, непознато остана како се правела главната страница на пасошот со фотографиите и со личните податоци. Таа е од поинаков материјал, кој не може да се обработи на обичен компјутер. Немаме одговор дали во истиот простор има други, поинакви машини кои тоа би го извеле или, пак, на „тајните производители“ од некаде им биле доставувани само биометриските страници, а тие само ги вметнувале во пасошите.

Снимката и фотографиите не можат да откријат колку овие патни исправи наликуваат на оригиналните, иако ги имаат сите составни делови и на надворешната, и на внатрешната страница, а се знае дека се македонски. Но, дали, доколку намената била да се користат за избори, е неопходно тие да се 100 проценти идентични со оригиналите?! Може да е опасно да се патува со таков пасош преку граница, но член на избирачки одбор сигурно нема да препознае дека патната исправа е рачна, од домашна изработка! Исто така, дилема е дали фотографиите на сопствениците на пасошите одговараат на  нивните лични податоци? Односно, нејасно е дали станува збор за истите лица. Што ако фотографија од познат партиски член се вметнува во пасош со лични податоци на некој одамна иселен државјанин на Македонија, кој никогаш нема да се појави да гласа?! И, секако, прашањето на кое ќе го одговори Јавното обвинителство, ако МВР му помогне во истрагата – дали на исчезнатите АФИС-и им врти бројчаникот?

Понатаму, мора да се провери и тоа дали овие пасоши им се издавале на граѓани кои поседуваат македонско државјанство, како предуслов за поседување пасош? Ако не е така, дали станува збор за уште еден фалсификат?! Какви сериски броеви се ставале на пасошите, дали официјални или, пак, измислени, само со цел да се искористат за гласање? Многу прашања поставуваат видеото и фотките на анонимниот извор, а малку одговори имаат надлежните, уште повеќе ако се знае дека МВР мора да го преиспита однесувањето на своите вработени при манипулацијата со опремата за биометриски документи, а сега да открие и кој рачно изработувал пасоши.

ЗА КОГО СЕ ПАСОШИТЕ?

Ако се вратиме во минатото, бројот на пасоши беше енормно зголемен кога пред повеќе од десетина години, владата на ВМРО-ДПМНЕ овозможи македонско државјанство и пасош да добијат сите што имаат потекло од Македонија, особено Македонците од Албанија, Грција, Бугарија, Косово (Гора), Србија… Претпоставките се дека на тој начин се изработени дополнителни десетици илјади пасоши. Тогаш имаше навалица од Македонците од Косово и од Албанија. Тие две групи граѓани се дежурни виновници кога се споменуваат лажни пасоши, двојни лични карти, изборни процеси.

Не се исклучува можноста дека може да се печатат пасоши во домашни услови за оние лица кои немаат пасоши, а имаат македонско државјанство. Тоа се десетици илјади граѓани кои со години живеат во странство и поседуваат друг пасош, а никогаш не извадиле македонски патни исправи. Нивното отсуство од државата може лесно да се искористи за поинакви цели. Тие никогаш не пројавиле интерес за патна исправа, уште помалку желба да допатуваат во Македонија за да гласаат на избори. Така е отворен патот да се изработи пасош на нивно име, но со друга фотографија, секако за еднократна употреба или за повеќекратна, но исклучиво за избори. Пасошот не завршува кај нив, туку кај „верниот гласач“, кој се упатува на избирачкото место каде што името на „странецот“ е заведено во списокот за гласање.

Но, не можеме да потврдиме дали во собата за која пишуваме се правеле и такви пасоши. Споменавме дека на една од фотографиите кои ги поседуваме има пасош на една Турчинка. Истражувањата ни потврдија дека имало околу 500 Турци кои имаат пасоши, но не успеавме да дознаеме, со оглед дека е тешко да се обезбеди податок, колкумина од нив имаат адреси во Македонија, што е, пак, предуслов да се гласа на избори. На овој пасош, кој е инаку турски, а не македонски, може да се прочита само местото на раѓање на сопственичката – Битола. Што бара овој турски пасош во компјутерот на „рачната работилница“ на македонски пасоши, не можеме да знаеме. Во обид да ги провериме гласините дека вакви пасоши, изработени нелегално, завршувале кај Македонците на Косово, зборувавме со претседателот на нивната организација, Исмаил Бојда.

Тој тврди дека во моментов знае за 12 илјади пасоши што ги поседуваат Македонците, но не знае колкумина од нив имаат пријавено некаква адреса за да можат да гласаат.

„Во целиот овој процес со пасоши и избори, секако дека влијание има владејачката коалиција, но од она што јас го знам, мислам дека повеќе можеме да зборуваме за претпоставки, отколку за конкретни активности. Јас сметам дека никој не смее да манипулира во однос на изборите. Тоа се само игри кои имаат негативни последици“ – ни рече Бојда, без да дополнува и да дообјасни какво влијание има владејачката коалиција.

Подложни на манипулации во изборните процеси многупати беа жителите на албански Пустец. Им се даваа лични карти со адреси кои не знаат ниту да ги изговорат, а организирано се превезуваа на гласање затоа што немаа поим каде им се избирачките места. Тоа беше особено изразено на локалните избори 2013 година во Општина Центар, изборите за кои се тврди дека се подготвувале „рачните“ пасоши, а секако и да прашаме зошто истите пасоши и тактика не би се користеле и на изборите потоа, во 2014 година?

Политичкиот лидер на Македонците во Пустец, Едмонд Темелко, за „Фокус“ тврди дека нема точна евиденција колкумина имаат државјанства, колкумина извадено пасоши, а колкумина пријавено адреси за да гласаат. „Мислам дека во 21 век е нелогично да ме прашате дали некој од моите сограѓани има пасош што не го заслужува или, пак, има заведено лажна адреса само за да гласа. Мислам дека без лична апликација, без сликање во МВР и без исполнување на условите за патна исправа, ниту еден граѓанин не може да поседува пасош. Знам само дека некои сезонски работници кои одат во Македонија пријавуваат живеалишта, па така добиваат лични карти. Но, кој од нив оди, а кој не оди на избори, не знам. Немам информации дека групно се прават пасоши и се делат на гласачите“ – вели Темелко.

Иако според видеото и фотографиите не можеме директно да посочиме кој стои зад операцијата, сепак е јасно дека обвинителството има што да проверува. Дали ќе успее да ги улови неовластените издавачи на пасоши е неизвесно, особено ако се знае дека обвинителството ги има сите докази за исчезнатите АФИС системи, а не покренува обвинителен акт за вмешаните актери за кои пишувавме. Меѓу нив има и професори и министри. Не се спорни нивните пасоши, туку нивните постапки.

МВР го повика „Фокус“ да достави докази

Согласно сознанијата и снимките што ги имавме, „Фокус“ официјално се обрати до МВР, до помошникот министер за односи со јавност Иво Котевски, со намера да дознаеме дали и полицијата има некакви сознанија и можеби води истрага за тајна изработка на пасоши на некоја локација во Македонија. Одговорите и прашањата Ви ги презентираме во целост.

ФОКУС: Дали МВР презеде мерки за двата АФИС система кои се исчезнати, а за кои има кривична пријава во Јавното обвинителство, кое пак како носител на истрагата чека МВР да преземе мерки и да му одговори?

Котевски: До Министерството за внатрешни работи нема пријава од страна на ниту едно оштетено физичко или правно лице дека му биле украдени или дека му исчезнале два AFIS системи. Министерството постапувало и продолжува да постапува по сите барања на Јавното Обвинителство и за сите преземени мерки навремено го известува.

ФОКУС: Дали сознанијата пласирани во „Фокус“ не се доволен поттик за МВР да истражи дали во некои куќи и станови е можно да се изработуваат пасоши и дали вработени во МВР помагаат при изработката?

Котевски: Од страна на „Фокус“ до Министерството за внатрешни работи не е поднесена пријава, ниту пак се приложени какви било сомненија дека во некои приватни куќи или станови се изработувале патни исправи или дека некои полициски службеници помагале при изработката на овие патни исправи. Станува збор за кривично дело и апелираме доколку „Фокус“ има каква било релевантна информација или сознание за постоењето на такви станови или инволвираноста на одредени лица, да ги сподели со органите на прогонот. МВР останува на располагање на „Фокус“ во секое време. Издржаноста, односно вистинитоста или невистинитоста на „сознанијата“ и на „Фокус“ не би сакале да ја коментираме, бидејќи за тоа ценат читателите и граѓаните.

ФОКУС: Што друго е неопходно да се случи за МВР да започне истрага во ситуација кога постојат документирани докази дека се набавени два система, а ги нема во официјалните институции?

Котевски: Во однос на отпочнувањето на истрага, би ве упатиле на новиот Закон за кривична постапка. Доколку има какви било нејаснотии околу законските одредби, ви стоиме на располагање за дополнителни образложенија во рамки на ингеренциите на министерството.

ФОКУС: Дали до сега во МВР е пријавен случај дека некој некаде изработува патни исправи?

Котевски: Не.

ФОКУС: Зошто обвинителката се пожалила на подносителите на пријавата дека не добива одговори од МВР, иако има издадено наредби да се провери улогата на вработени во набавката на Афисите?

Котевски:  До МВР досега нема упатено никаква жалба на досегашната соработка со Јавното Обвинителство. Напротив, Републичкиот Јавен Обвинител секогаш истакнувал дека соработката на министерството со обвинителството е на исклучително високо ниво и дека истата во континуитет се унапредува. Истиот заклучок е нотиран и во голем број на различни извештаи. Дали навистина постојат некакви жалби не би можеле да коментираме, но остануваме отворени за натамошно унапредување и продлабочување на соработката.

Поврзани новости