Афера „Афис“: Невешт криминал или вешта изборна измама

Текстот е објавен на 24-ти октомври 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 994

За да ги архивира отпечатоците на криминалците, ФБИ го користи Системот за идентификација наречен АФИС (Automated fingerprint identification system). Тоа е комплетна техничка опрема со мултифункционални способности. Откако ги наметнал своите перформанси како исклучително погоден за обработка на податоци со отпечатоци, системот почнале да го користат многу американски држави, пред сѐ, полициите и научно-истражувачките институции и универзитети.

Цената на пазарот може да достигне и до еден милион евра за еден систем. АФИС-от на ФБИ има архивирано историја од преку 70 милиони кривични дела, потоа отпечатоци на повеќе од 40 милиони граѓани, како и податоци за стотина илјади криминалци, претежно терористи. Инаку, интересно е дека АФИС-системот во себе интегрира и дел кој произведува биометриски документи.

АФИС системот во Америка има свое место и во секојдневната практика. На пример, во базата мора да се внесат податоци за лицата што ќе купат оружје. Во некои држави на САД, отпечатоци од прстите се неопходни за медицинскиот персонал што работи со малолетници. По примерот на ФБИ, и Македонија има современ и скап АФИС систем во сопственост на МВР.

Но, како системот заврши во полиција и како наместо три, колку што се предвидени со јавната набавка, денес има само еден систем? Како при набавката на системот се направени незаконски постапки? Зошто и како е искористен Факултетот за безбедност, кој практично учествувал на огласот за опремување лаборатории објавен од Министерството за образование и наука (МОН)?

Кои се повисоките претставници од власта чија вклученост во криминалот ја истражува Јавното обвинителство? Зошто повеќе од една година државните институции не соработуваат со обвинителката задолжена за досието?

Дали, можноста за користење на системот АФИС за производство биометриски документи – лични карти и пасоши, значи дека двата системи што фалат, можеле да бидат искористени за штанцање биометриски документи заради изборна измама!?

„Фокус“ е во потрага по одговори на многуте прашања кои се наметнуваат во обвинителската истрага за сомнителното купување на АФИС-от, која трае повеќе од една година, односно погрешното спроведување на целата постапка и обидите отпосле да се сокријат траги преку кои обвинителот може да допре и до покрупни „фаци“ и скандал од поголеми размери, секако ако има храброст до крај да истражи и да утврди одговорност.

Ова последното е неопходно затоа што Јавното обвинителство лесно затвора досиеја кога сомнежот е вперен во високите функционери на власта, па макар и да постои снимка како доказ. За првпат пред јавноста ќе изнесеме како се одиграла шемата со софистицираната опрема. За полесно да се објасни играта со документи преку кои МВР стигнува до АФИС-системот на незаконски начин, ќе потсетиме на јануари 2010-та.

АПЛИКАЦИЈАТА СЕ ПИШУВАЛА ВО МВР!?

Во тоа време траел огласот на МОН, кое преку посебна потпрограма на својата буџетска сметка испратило повик до високообразовните институции да пријават проекти за опремување лаборатории. Огласот се однесувал исклучиво на државните универзитети и јавните научни установи.

Факултетот за безбедност, членка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, се пријавил со намера да опреми лабораторија за криминалистичка регистрација и идентификација. Но, уште на самиот старт почнуваат нелогичностите. Тогашниот декан Јанко Јакимов аплицира за опремата, но не го известува Наставно-научниот совет, Деканската управа и катедрите на факултетот, кои е неопходно да знаат и да одлучуваат. Зошто криел?

Наместо професори, на проектот насловен како „Набавка на систем за автоматизирана обработка на отпечатоци и траги од папиларни линии (АФИС)“, како раководител е потпишан Бранко Петрески од одделот за крим-техника при МВР. Со тоа практично е нарушена автономијата на универзитетот „Св. Климент Охридски“. Секако, нејасно е и зошто вработен во структурата на полицијата потпишува проект на научна институција? Но, неговото име не е исклучок. На документите во апликацијата стојат имиња и на други вработени во МВР!

Со повикот, МОН планирало да потроши дури 60 милиони евра за опремување универзитетски лаборатории, што навистина би ги олеснило истражувањата и би ги ангажирало научниците. Но, колку пари навистина се потрошиле и каде завршила опремата, особено онаа што се користи во полициските истраги? Кога факултетот ја подготвил апликацијата, се пријавил за опремување на АФИС лабораторија. Во огласот за доделување договор за јавна набавка е јасно наведено дека ќе се купи опрема за три АФИС-а. И тоа – еден на факултетот и два во Македонската радио-телевизија (МРТВ).

Секако, нејасно и нелогично е како МРТВ се пријавува на оглас предвиден за научно-истражувачки образовни институции!? Апликациите на факултетот, пак, се подготвувале во одделот за криминалистичка техника на МВР, институција која немала право да се јави на огласот на МОН и да искористи буџетски средства наменети за ресорот образование, но очигледно била заинтересирана за опремување лабораторија.

Затоа факултетот се пријавил како легитимен апликант, но во фиктивна постапка од која има само штета врз угледот на установата. Практично, раководството на факултетот учествувало во противправни дејствија, кои сега се во фокусот на обвинителската истрага, но отвораат и сомнежи за одговорност и кај повисоки функционери. Уште од самиот почеток било јасно дека факултетот се пријавува, а МВР ќе ја ќари опремата.

Можеби затоа за ваквата акција знаеле само малкумина на факултетот и затоа се прескокнати Наставно-научниот совет и Деканската управа, за да може што потајно да се набави опремата, за потоа да ѝ се предаде на МВР. Така и се случило, но со многу пропусти и незаконски постапки. Во секој случај, обвинителството има случај. Се разбира, ако му се дозволи да го затвори со обвинителен акт и одговорни лица.ЧУДНИ ОДЛУКИ НА ВЛАДАТА

Вкупната вредност за трите системи, според документот од Бирото за јавни набавки, изнесува приближно 152 милиони денари или безмалку 2,5 милиони евра.

Оваа цифра треба да се памети, затоа што калкулациите околу цената се прават подоцна. Опремата е набавена од француската фирма „Сафран“. Првично била во сопственост на МОН, но според логиката требало да заврши на факултетот.

Во договорот за трансфер на опремата со француската фирма, како краен корисник се наведува факултетот, но ставена е адресата на МВР и контактот на Министерството, како полицијата да е примател. Практично, опремата како да завршила во МВР. Значи, можно е од самиот старт да била однесена таму!

На почетокот, уште пред да се набави опремата, деканот Јакимов потпишал изјава под морална, кривична и материјална одговорност дека ќе ја инсталира лабораторијата и за 30 дена ќе ја стави во функција, но приемот ќе го направи откако ќе завршат градежните активности на објектот во факултетот, кој никогаш не постоел, ниту се градел.

Подоцна, во јули 2012 година деканот се премислил и напишал писмо до МОН, адресирано на лице без функција, извесен Игор Николовски, со кое укажува на потребата опремата да му ја отстапи на МВР, иако лабораторијата што ја отстапил со одлука на владата му била доделена пет месеци подоцна, во декември 2012 година.

Деканот, кој не им открил на колегите професори дека аплицирал на огласот, а бил должен, бидејќи според законот тој не одлучува сам, туку спроведува одлуки на органите на факултетот, сега повторно самиот се откажува од опремата која никогаш формално не ја ни примил, иако потпишал пријава под морална, материјална и кривична одговорност.

Тој во дописот до Министерството признал дека поцелисходно ќе биде ако современата и скапа опрема заврши во просториите на МВР! Деканите и ректорите како одговорни лица на факултетите и Универзитетот имаат законска обврска да се грижат за имотот и не можат самостојно да го отуЃуваат.

Но, само неколку дена по писмото на деканот, или во август 2012-та се прави примопредавање со записник  на опремата од француската фирма набавувач до Факултетот за безбедност преку МОН, односно до МВР, наместо до факултетот како краен корисник.

Дека факултетот наводно бил подготвен да ја прими опремата, потврдува токму дописот на Јакимов до Министерството оти во тек се градежни активности за оспособување на лабораторијата, но со ветување дека до април 2012-та просторот ќе биде подготвен.

Дописот практично бил искористен да се пролонгира доставата која никогаш и не се случила. Тоа го утврдила и комисијата на самиот факултет формирана заради одговор на барања за пристап до информации од јавен карактер околу лабораториите. Во извештајот, комисијата напишала дека нема никакви предадени средства на факултетот, не постои комплетна документација за целата постапка, ниту, пак, некакви договори.

Каде заминала опремата? Кој и каде ја инсталирал? На ова ќе се обиде да најде одговор истрагата на јавното обвинителство. Неколку месеци подоцна, во декември 2012-та, со одлука на владата потпишана од вицепремиерот Владимир Пешевски, МОН ја дава опремата на трајно користење на Факултетот за безбедност.

Но, ниту тогаш факултетот не видел опрема. Значи, одлуката била фиктивна, односно никогаш не се спровела. Десет месеци подоцна, во октомври 2013-та, со одлука потпишана од премиерот Никола Груевски, се укинува одлуката на Пешевски со која опремата за лабораториите му се предава на факултетот!? Истиот ден владата донела нова одлука, исто така потпишана од Груевски со која сега опремата му се дава на трајно користење на МВР.

Тука се направени најмалку две грешки. Прво, кога се даваат предмети на трајно користење, каков што бил првичниот пример, мора да изминат најмалку 10 години за да можат да се отпишат или отуѓат, или, пак, порано, но само доколку корисникот непрописно и несовесно ги користел.

Дали може писмото на деканот Јакимов до МОН со кое бара опремата да му се предаде на МВР наместо на факултетот, да се смета дека тој практично се откажува од опремата, ако се знае дека тој немал законско право сам да одлучува за имотот на Универзитетот?

Но, дури и да е така, тогаш како деканот утврдил дека факултетот не може да го користи системот АФИС и оти е неопходно да се откаже од него кога воопшто и не му бил испорачан на факултетот за да го инсталира? Зошто тогаш во јануари 2010-та деканот аплицирал за лабораторија за која тврдел дека му е неопходна за научно-истражувачки цели?

Во случајов, наместо за 10 години, Владата ги одзема стварите за 10 месеци без претходна проценка за нивното користење и за местото каде што тие биле евентуално инсталирани.

Следува втората грешка. владата ја предава опремата на МВР, иако таа е набавена како систем за опремување на државните универзитети и јавните научни установи.

Со тоа се потврдуваат првичните сомнежи дека подготвената апликација зад која стојат крим-техничари на МВР, а не професорите на факултетот, била наменета за опремување на полицијата, под изговор дека се опремуваат лаборатории на факултетот и во МРТВ. И на крајот, како владата повторно му ја доделува опремата на МВР, кога тоа и претходно е направено со договорот со Французите?МИНИСТРИ ПОПРАВАЛЕ ГРЕШКИ, НАПРАВИЛЕ НОВИ

Еден месец по чудните одлуки на владата, во ноември 2013-та, министрите за внатрешни работи и за образование, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски потпишуваат договор за користење на опремата. Со тоа практично се прави обид да се заокружи целата постапка и да се прикаже дека работата е законски завршена.

Но, дали е така? Според договорот, опремата се дава на трајно користење без надомест. Така, мисијата се комплетира. Почнала со апликацијата на факултетот како образовна институција. Потоа се потрошиле 152 милиони денари за набавка.

Но, иако постоела одлука на владата, опремата не завршила на факултетот. По десет месеци им е одземена и предадена на МВР, но никој не знае за тие десет месеци зошто опремата не била на факултетот. Логично е од моментот на давање до моментот на одземање, системот АФИС да бил инсталиран на факултетот.

Во договорот меѓу Јанкуловска и Ристовски наведена е целата спецификација на опремата. Од неа е очигледно дека на МВР на користење му се дава еден АФИС систем. Но, тоа што остава сомнеж, а извори за „Фокус“ потврдуваат дека и обвинителката во истрагата е насочена да го утврди, е сумата која се наведува во договорот меѓу двете министерства. Имено, Јанкулоска и Ристовски потпишале дека опремата што ја презема МВР е вредна приближно 152 милиони денари или нецели 2,5 милиони евра – цифрата која и претходно ја забележавме во договорот за јавна набавка. Но, има една голема разлика, иако бројката е иста.

Во договорот стои дека опремата е за еден АФИС систем, додека во јавната набавка за истите пари се предвидени уште две такви лаборатории сместени во МРТВ. Како наеднаш е сменета сумата? Просто, првично со 152-та милиони денари се предвидело да се набават три системи, а на крајот толкава е вредноста на само еден АФИС!?

Каде се другите два, ако се знае дека дел од опремата можела да се употреби и за биометриски документи – пасоши и лични карти и дали сето тоа може да се доведе во врска со обвинувањата за штанцање документи и изборна измама?

Дополнително, преку Законот за слободен пристап до информации, кога МВР одговара за опремата, наведува дека таа е запишана во книговодствената евиденција во Министерството дури на 31 декември 2013 година, а не во август 2012 кога е извршено примопредавањето, а вредноста изнесува 60-тина милиони денари.

Што значи, малку повеќе од една третина од договорот на министрите од ноември 2013-та!

Останува енигма како е сменета вредноста на опремата за само неколку месеци!? Ова, од друга страна, пак, значи, ако се следи сумата, дека МВР, преку Законот за пристап до информации, признава дека има опрема само од еден АФИС, а министрите претходно потпишале договор со вредност за три. Тогаш одново е нејасно каде се другите два АФИС-а, ако набавката била 152 милиони денари и зошто во нивниот договор со МОН стои повисоката сума?

УЛОГАТА НА РЕКТОРОТ ЖОГЛЕВ

Ова се само документираните податоци што ги има „Фокус“, но и јавната обвинителка во предметот, Гордана Смаќовска. Испративме неколку писмени прашања до неа, согласно процедурата на обвинителството, но нашите директни прашања дали истрагата води кон политичари, дали се знае каде била опремата во периодот кога требало да биде на факултетот, кој и колкумина се повикани на испрашување, не добија одговор.

Јавното обвинителство известува дека во обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тек се истражни дејствија и активности за прибирање на докази и утврдување на факти во врска со кривичната пријава за која прашувате. Обвинителството ги прави потребните анализи, по што ќе донесе соодветна одлука. Во моментов споделување на повеќе детали само може негативно да се одрази на истрагата“ – стои во одговорот на Смаќовска.

Со надеж дека и е неопходно повеќе време, со оглед на обемноста на предметот, но и сензитивноста која се наметнува затоа што во документите кои се истражуваат се појавуваат имиња на министри, па дури и на премиерот, очекуваме дека во наредниот период обвинителката ќе се произнесе подетално и ќе открие кој е одговорен за манипулациите со набавката на опрема и незаконските дејствија со предавање на безбедносните апарати на МВР наместо на полициската академија.

Но, „Фокус“ има информации дека нејзината истрага е отежната затоа што ниту една институција, особено МВР, не сака да соработува со обвинителството. Иако досието е отворено уште во април 2013-та, сепак, полицијата сѐ уште не ги доставува сите документи и записници што ги има за предметот.

Интересно е дека се добива впечаток оти МВР настојувало отпосле да се покрие за тоа што опремата завршила во неговите простории.

Ако кривичната пријава поднесена од професорката на факултетот Фросина Ременски била старт на истрагата, тоа значи дека јавното обвинителство веќе шест месеци трагало по докази кој се крие зад милионскиот скандал, кога владата ги донела одлуките, првата за одземање на опремата од факултетот и втората за нејзино предавање на МВР.

Договорот со сумата од 152 милиони денари на Јанкулоска и Ристовски е потпишан седум месеци по стартот на истрагата. Потоа, МВР со нов обид да се скрие срамот и стравот, испратило договор до факултетот кај еден од наследниците на Јакимов, деканот Оливер Бачановиќ.

Но тој, откако понудениот договор го ставил на дневен ред на Деканската управа, одбил да го потпише фиктивниот договор дека се согласува да отстапи предмети на МВР кои факултетот никогаш не ги ни примил, ни поседувал.

Понатаму, целата незаконита постапка ја знаел и ректорот на Универзитетот, Златко Жоглев. Тој и генералниот секретар, од професорката Ременски биле лично известени дека факултетот бил искористен како параван за опремување лаборатории во МВР.

Подоцна му биле предочени и документи. Затоа е нејасно зошто во годишниот извештај за 2012-та, инаку усвоен од Сенатот на Универзитетот во март 2013-та, нема ниту збор за опремата што ја добил факултетот, ниту збор за огласот. Иако знаел, и ректорот едноставно премолчал.

Згора на тоа, извештајот му поминал на седница на Собранието на РМ! Не е можно да не го интересирало како факултетот отуѓил ствари, кои претходно ги добил на трајно користење. Тоа е прашање за кое несомнено мора да се зборува отворено на седници на органите на Универзитетот.СЛУЧАЈОТ СМРДИ, ИНСТИТУЦИИТЕ СО ЗАТНАТ НОС

Откако професорката Ременски заедно со деканот Снежана Никодиновска-Стефановска, инаку првата наследничка на Јакимов, го пријавиле криминалот прво во ректоратот на Универзитетот, се соочиле со постапка против нив. Наместо надлежните да откријат кој тајно договарал со МОН и со МВР на каков начин да се опремат „невидливите“ лаборатории, тие ги суспендираат деканот и продеканите на факултетот.

Така, Никодиновска и Ременски за неколку месеци завршуваат со раководната кариера на факултетот, но, сепак, најмногу ќе останат запаметени, барем меѓу колегите, како професорки кои откриле криминал со опремување на лаборатории и пријавиле.

Откако останува без раководните позиции, Ременски не се откажува. Оправдани биле сомнежите дека разрешувањата на раководството се последица на откриените неправилности со лабораториската опрема.

Значи, наместо ректорот да се приклучи кон нивната пријава и да пројави интерес за случајот, тој ги симнува од позициите. Ременски не ја следи глувоста на ректоратот, туку ја исполнува граѓанската должност и самата поднесува кривична пријава.

Најпрво, против деканот Јанко Јакимов, Марина Малиш Саздовска, како проректор за финансии,  и Јован Андоноски, секретар на Факултетот за безбедност, како и против други лица, а подоцна и против ректорот Жоглев.

Е токму во тие „други лица“ се кријат имиња на повисоко позиционирани функционери. Според сознанијата на „Фокус“, пријавата четирипати е дополнувана со доказен материјал и е проширувана затоа што одговорноста се проширува кон сите што не постапиле по пријавувањето на криминалот, но и кон тие што се обиделе да прикријат докази.

Неофицијално, сега се проверува вклученоста на 15–тина лица, некои од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, дел од Крим-полицијата, како и вработени во Министерството за образование. Неколкумина од нив веќе биле испрашани за целиот случај.

На почетокот, осомничените се обиделе да ја намалат личната одговорност посочувајќи на други вмешани во дејствијата околу целиот проект со опремата.

Нагласиле дека тоа се повисоки структури во институциите. Згора на тоа, признале дека првичните состаноци како да се изведе целата операција, биле на повисоко ниво меѓу МОН, МВР и факултетот. Пониските структури само спроведувале.

Дали на тоа се должи инертноста на полициските служби кон обвинителството за законската обврска да му достават комплетен материјал неопходен за финиширање на истрагата?

Поранешниот декан Јакимов за „Фокус“ тврди дека идејата за целиот проект била на МВР. Тој имал и директни контакти со министерката. „Знаеше и министерката и врвот на МВР за целиот проект. Ние на крајот сфативме дека немаме услови за инсталирање на таквата скапа опрема. Тоа подразбираше и капитална инвестиција, која ние не бевме во можност да ја изградиме. Не се согласувам дека не знаеле професорите на факултетот. Вистина е дека опремата не дојде на факултетот и замина во МВР затоа што на крајот и владата се вклучи во процесот со носење одлуки околу опремата. Јас не знам до каде е истрагата, но знам дека ниту сум предизвикал штета, ниту сум имал лична корист“- изјави Јакимов.

Другите споменати во текстот не успеавме да ги контактираме, но со оглед на сериозноста на темата „Фокус“ останува отворен и за контрааргументи.

Како и да е, истрагата ќе мора да одговори на многу дилеми, пред сѐ, дали се купени три системи АФИС и каде се другите два, ако едниот, тој од факултетот, завршил во МВР. Од МРТВ, за каде што биле наменети другите два система, како што стои во документацијата, се изјасниле дека кај нив нема такви опремени лаборатории.

Ако навистина има уште два система во државата, ќе мора да се открие каде се и за какви цели се користат? Дали до сега се искористиле нивните „мултифункционални перформанси“? Особено зашто системите можеле да бидат користени и за производство на биометриски документи со кои на избори може да се гласа. Има ли МВР контрола на тоа?

Зошто набавена научно-истражувачка опрема заврши во МВР и зошто надлежните носеле одлуки и отпосле потпишувале договори? Кој ги принудил и какви мотиви имале деканот и ректорот да не ги известат професорите за сите активности, односно да не преземат мерки за откривање на одговорните? На крајот, сѐ се сведува на тоа дека сите знаат оти нешто смрди, но го третираат како прашање со кое, по сѐ изгледа, треба да се занимава само подносителот на пријавата и обвинителката, а не и другите институции.

Многумина од испрашаните тврделе дека, сепак, со набавката немало штета за државниот буџет, што е тотално ирелевантно. Се знае дека проневерите во јавните набавки не се однесуваат само на штета врз буџетот.

Во овој случај МВР, без ребаланс на буџетот не може да стане ниту директен, ниту индиректен корисник на буџетски средства од програми, особено не на другите министерства, каква што била оваа потпрограма во буџетот за МОН. Ако обвинителството се покаже професионално, тогаш ќе мора да удри и по „повисоките“.

Да потсетиме дека „највисоката“ шанса ја имаше еднаш јавниот обвинител Марко Зврлевски – да го гони премиерот Груевски за корупција со „Македонска банка“, но тој аудиоснимката ја прогласи за невалидна. Дали сега случајот со опремата ќе му отвори втора шанса за „крупни риби“ во мрежата? И дали воопшто ќе ја растегне мрежата? Или, тој радо би ја пропуштил и втората шанса. Е па, трета среќа!

 

Утре, вториот дел од истражувачката сторија: „Обвинителството решава дали ќе ја гони владата