Здружението на Ташко Јованов, на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, кое на крајно нетранспарентен начин донира 5 споменици во составот на Скопје 2014, во неколку наврати добивало грантови за невладини организации од Владата.
Во 2007, според податоците објавени во Службен весник, здружението на Јованов добило 247.000 денари односно нешто повеќе од 4 илјади евра. За каков проект станува збор не е објавено, а Владата на својата веб-страница не ги објавува ниту резултатите од дадените грантови на невладините организации.
Грант од пет илјади евра од Владата здружението на Јованов добило и во 2011 година. Грантот е доделен под ставката „Интеграција во НАТО“, а проектот на здружението е „културниот идентитет на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија како фактор за јакнење на довербата меѓу македонскиот и грчкиот народ.
Не се знаат ниту резултатите од овој проект ниту пак како биле потрошени средствата од страна на Здружението.
Ташко Јованов во 2009 година бил ангажиран од Владата како дел од составот на координативно тело на Владата на Република Македонија за Егејското прашање, како член на Здружението на деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Освен Јованов и уште тројца други претставници од здружението, во ова тело членувале и претставници од Министерството за финансии, Министерството за надворешни работи и Државниот завод за статистика.
Според одлуката на градот Скопје, здружението на 73-годишниот Јованов ќе донира споменик на генерал Михајло Апостолски, кој ќе биде поставен кај клучката Континентал. Кај Судска палата ќе биде подигнат споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето,а кај комплекост факултети споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Спомениците на Никола Петров Русински и Пере Тошев ќе бидат поставени во близина на Универзитетската библиотека.Сите, како по правило, ќе бидат качени на коњ освен споменикот на Андон Лазов – Јанев.
Опозициската СДСМ речиси секојдневно бара одговори од надлежните од каде ова здружение има средства за да донира 5 споменици кога еден споменик, според искуството од Скопје 2014 чини најмалку милион евра.
„Фокус“ во неколку наврати се обиде да добие одговори од Јованов, но тој одби да даде одговор со образложение дека писмено ќе се изјасни до медиумите. Тоа досега се нема случено.