Таен и спорен избор на конзул, се полнат и амбасадорски места

На затворена седница менаџирана од Османи, Владата одлучила ТВ-презентерката Ејупи да ја испрати за конзул во Њујорк, иако законски тоа мора да биде „афирмирана личност во надворешната политика“.

by Фокус

Телевизиската презентерка Бесмира Ејупи го минала последниот филтер за македонски генерален конзул во Њујорк синоќа на затворена владина седница, која ја менаџирал министерот за надворешни работи Бујар Османи, со присуство на членови на Владата што поседуваат безбедносен сертификат.

Иако од Владата не ја потврдуваат оваа информација, а официјална потврдува изостанува и од причина што записникот од затворени владини седници се класифицирани, високи владини извори за Фокус велат дека 28-годишната Ејупи е избрана како предлог на ДУИ.

Воедно, додаваат нашите соговорници, таа има блиска релација со директор на една институција што ги штити интересите на државата, кој своевремено важеше за кадар на Алтернатива, меѓутоа од оваа партија се оградуваат од него, истакнувајќи дека се зближил до интегративците.

Воедно, упатените велат дека дискутабилно е дали Ејупи ги исполнува условите од Законот за надворешни работи, кои, меѓу другото, предвидуваат кандидатот за генерален конзул да има стекнато високо дипломатско звање во случај кога е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, односно да биде „афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи“.

Освен што се бираат конзули, истовремено течат постапки и за пополнување на испразнети амбасадорски места, но за разлика од конзулите, кандидатите за амбасадори избрани од страна на Владата на предлог на МНР мора да ги одобри и претседателот на државата Стево Пендаровски.

На нашето прашање за колку и кои испразнети места во македонските дипломатско-конзуларни претставништва течат постапки за упатувања конзули и амбасадори, од МНР засега не добивме конкретна информација, туку само одговор дека течат постапки за сите слободни места.

Според информации од претседателскиот кабинет, пак, пред извесно време е завршена постапката за испраќање на универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски при Обединетите Нации во Њујорк, додека во тек е изборот на амбасадор во Софија, каде треба да замине дипломатот од кариера Агнеса Руси.

Инаку, повеќе амбасади извесен период немаат амбасадор, вклучително и амбасадата на САД, каде неофицијално се споменуваше дека ќе замине поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, додека довчерашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров сам изјави дека му била понудена оваа функција, меѓутоа ја одбил.

В.С.

Поврзани новости