Економиите на Западен Балкан, вклучително и Македонија, ќе забележат умерено забавување на растот во 2025 година, но Светска банка очекува закрепнување веќе од 2026 година, поттикнато од посилен извоз и повисоки инвестиции. Податоците во извештајот се засновани на состојбите до 20 септември 2025 година.
Во најновиот регионален економски извештај, Светска банка предвидува дека комбинираниот економски раст на шесте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, ќе изнесува 3,1% во 2026 година, а ќе се зголеми на 3,6% во 2027 година.
„Економскиот раст во Западен Балкан годинава забави поради инфлацијата што ја намали потрошувачката и ја зголеми неизвесноста, што ги ограничи трговијата и инвестициите, и покрај растот на платите и кредитите“стои во документот.
За Македонија, Светска банка проектира економски раст од 3,1% во 2025 година, а умерено зголемување и во следните години. Како главни фактори на растот се наведуваат јавните и приватните инвестиции, растот на извозот, стабилизацијата на инфлацијата и фискалната дисциплина.
Работни места и демографски предизвици
Сепак, извештајот укажува и на сериозни структурни предизвици со кои се соочува целиот регион. И покрај растот, пазарот на трудот останува недоволно искористен, со високи стапки на невработеност и ниско учество на работната сила, особено меѓу жените, младите и постарите лица.
„За да му се помогне на регионот да стане модерна економија, важно е да се преиспитаат стратегиите за вработување – како што се поттикнување поголемо учество на пазарот на трудот, подобрување на вештините на населението и зајакнување на фирмите преку дигитални надградби“, изјави во извештајот Сјаоќинг Ју, директор на одделот на банката за Западен Балкан.
Се предупредува и на демографски ризици – според извештајот, населението во работоспособна возраст во регионот се намалува и се очекува да опадне за околу 20% до 2050 година, што може да доведе до недостиг од повеќе од 190.000 работници во наредните пет години, доколку не се преземат мерки.
Потенцијал преку реформи и инвестиции
Светска банка препорачува инвестиции во инфраструктура, образование и здравство, како и реформи за подобрување на бизнис-климата и зголемување на продуктивноста. Како клучни сектори се издвојуваат енергетиката и транспортот, каде што е потребна поголема конкуренција, реформи на државните компании и поддршка на иновативни стартапи.
И покрај забавувањето на растот во 2025 година, извештајот ја оценува фискалната позиција на регионот како стабилна, со комбиниран фискален дефицит под 3% од БДП, намалување на јавниот долг и дисциплинирана буџетска политика.
С.Т