Судскиот совет ќе ја „чешла“ работата на Дамева – судир на интереси или организирана хајка против неа?

by fokus

Судскиот совет во понеделник, на 5 јуни, ќе расправа и ќе заземе став дали поранешната разрешена претседателка, Весна Дамева го прекршила Законот за судски совет, одосно дали имало судир на интереси во нејзината работа.

Порталот „Рацин“ претпладнево објави дека Дамева учествувала во постапки во надлеженост на Судскиот Совет во кои се оценува или одлучува за судии, претседатели на судови, иако тие судии или претседатели на судови воделе предмети во кои инволвирано лице како тужен или тужител, бил нејзиниот сопруг Младен Дамев, претседател на Управниот Одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ кој се јавува како оштетен и како тужител во неколку предмети што се воделе, и што сѐ водат во Кривичниот и во Апелациониот суд.

Според порталот, Дамева испратила два дописи до Советот на 29 -ти мај, односно отпосле известила дека била член на на Комисија за рангирање во постапките за евалуација на судии кои воделе предмети, во кои сопругот како директор на компанијата бил тужител или оштетен, но и дека била членка на Комисијата на известители за утврдување одговорност за судија судијата Енвер Беџети.

-Во второто известување до Судскиот Совет, во кое се повикува на предметот „Таргет-Тврдина“, како случај во кој нејзиниот сопруг е оштетена странка, Весна Дамева гласала за поддршка на извештајот на Комисијата која предложила покренување постапка за разрешување на судијата Енвер Беџети, иако според Членот 33 од Законот за Судски Совет морала да се изземе од гласање, пишува порталот.

Од Судскиот совет за „Фокус“ потврдуваат дека во понеделник ќе се распарава за евентуалниот судир на интереси на Дамева под точката „разно“.

Дамева пак за „Фокус“ вели дека овие тврдења се крајно тенденденциозно извртување на фактите со цел во јавноста да се стекне погрешна перцепција. Таа за ова го известила веднаш советот откако дознала дека сопругот се јавува како оштетен во овој предмет.

-Законот за Судски совет пропишува субјективни услови за изземање предвидени во член 33 став 1 и објективни услови, односно постоење на други околности кои може да предизвикаат сомневање во непристрасноста на член на Советот во вршењето неговата функција во кој случај согласно член 33 став 4 од Законот, членот на Судскиот совет е должен веднаш за тоа да го извести Советот кој ќе донесе соодветна одлука. Известувањата кои јас ги поднесов се засноваат на член 33 став 4 од Законот за судски совет и истите се поднесени веднаш откако дознав за постоењето на околностите. Со тоа јас постапив целосно во согласност со Законот, вели Дамева.

Таа нагласува дека член на Судски совет не учествува во работа на Советот во постапки за кои се одлучува за судија со кој е во брачна заедница и тоа е субјективна околност.

-Сосема е јасно дека мојот сопруг не е судија, ниту кандидат за судија, ниту пак јас сум учествувала во постапка во која се одлучува за него лично. Фактот дека компанијата во која работи се јавува како странка или оштетен пред Судот не значи дека јас априори може да бидам пристрасна, туку постапувајќи законски и морално го известив Советот, веднаш во моментот кога дознав за наведените околности. Воедно, напоменувам дека не барам изземање и тоа е наведено во самите известувања бидејќи лично сметам дека нема основ за изземање, туку само доставувам известување до Советот кој понатаму одлучува, додава таа.

Според Дамева, против нејзе се води организирана хајка и ова е очекувана реакција откако таа поднесе тужба и кривична пријава и за што следува во Советот.

-Сосема ми јасно дека јас сум пречка за да може работите да се одвиваат онака како што некој сака и замислил и обидите за мое „отстранување“ како член на Советот ги најавав и во една од моите претходни изјави, но не помислив на моментот дека и во моментотво ситуација кога веднаш известуваш за дознавање на одредени околности, односно постапуваш совесно, чесно и одговорно, ќе бидеш „обвинета“, тврди таа.

По контроверзното разрешување на Дамева не престануваат обвинувањата меѓу членовите на Судскиот совет, и покрај критиките дека ова тело станува нелегитимно, а ова што се случува се оценува како болно за гледање и брука.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости