Судски процеси во Делчево за родителите што не ги вакцинирале девојчињата со ХПВ вакцина, треба да платат казна од 300 евра

by Fokus 15:52
15:52

Повеќе од десетина семејства последните два дена биле на судски рочишта во Делчево, откако претходно на домашна адреса им стигнало дека треба да платат 300 евра казна затоа што не ги вакцинирале своите 12-годишни ќерки против хуман папилома вирус (ХПВ), кој е причинител за рак на грлото на матката.

Оваа вакцина е ставена во редовниот календар за имунизација уште пред седум години, во 2009 година, но и по толку години кај родителите се уште постои отпор да ги вакцинираат нивните ќерки со вакцината, сметајќи дека таа е неквалитетна и небезбедна за нивното здравје. Кај нив, уште поголем отпор се појави откако во медиумите излегоа информации какви несакани реакции имале девојчињата по светот, откако ја примиле вакцината.

- Advertisements -

Стравот кај родителите доаѓа поради неизвестеноста колкава е користа од ХПВ вакцината и дали девојчињата ќе имаат доволно отпорност кон овој вирус, особено затоа што се вакцинираат на 12 години, а најчесто стануваат сексуално активни околу и по 18-годишна возраст.

Според нив, колку и да им бараат пари, тие нема да дозволат ќерките да им бидат имунизирани со вакцини, која според нив само може да им наштети.

– Мојата ќерка требаше да биде вакцинирана лани. Јас тоа не го дозволив затоа што сметав дека вакцината не е доволно испитана и се плашам да нѐ и предизвика одредени здравствени проблеми. Ми стигна дека треба да платам казна од 300 евра и да се појавам на судење. И, после тоа немам намера да дозволам детето да го вакцинираат, без разлика дали треба да платам – објаснува за „Фокус“ револтиран родител.

На денешното судско рочиште, 43-годишниот О.А. од Делчево и кажал на судијката дека не е вработен и нема како да ја плати казната.

– Една од инспекторките што беше таму објасни дека ако јас не сум вработен, тогаш жена ми да ја плати или од сега и двајцата родители да бидат тужени. Работата е само до пари да се дојде. Јас моето дете нема да го вакцинирам затоа што тоа не е експериметнално глувче – истакна 43-годишниот делчевец во изјава за „Фокус’.

Во последните неколку години постојат многу контроверзии околу тоа со каков квалитет се вакцините ставени на задолжителниот календар за имунизација. Дел од родителите ги носат децата надвор од државата, во Солун или Врање за да примаат вакцини, сомневајќи се во квалитетот на вакцините што се користат во Македонија.Тие најмногу отпор имаат спрема ХПВ вакцината и од тие причини многумина од нив се дадени на суд и мораат да платат парични казни што се движат од 300 до 500 евра.

Според законската регулатива, доколку родителите одбиваат да ги вакцинираат децата со задолжителните вакцини, следува опомена, а потоа и прекршочна пријава.

Од министерството за здравство веќе подолг период водат битка да ги убедат родителите дека треба да ги вакцинираат 12-годишните девојчиња, тврдејќи дека на тој начин ги штитат од ХПВ инфекции кои се причинители на рак на грлото на матката.

Доктор Јованка Костовска од Секторот за превентивна заштита при ресорното министерство во неколку наврати досега потврди дека инспекторите доставиле решенија за судски постапки на родителите кои одбиле да ги имунизираат своите деца.

– Во пораст се антивакциналните кампањи во земјава, а родителите преку разни веб сајтови од нестручни лица се информираат за негативните ефекти од вакцините и одбиваат да ги имунизираат своите деца. Тие со писмени изјави потврдуваат дека нема да го вакцинираат своето дете. Казните за родителите се 500 евра, а колку досега се изречени во Министерството за здравство немаат информации, но тие апелираат до јавноста и родителите да не се дозволи да се наруши имунизацијата кај децата која години наназад успешно се реализира во земјава – тврдеше пред една година доктор Костовска.

Слична е ситуацијата и во другите градови низ земјава. И, по толку години, се уште не се знае вкупната бројка, против колку родители биле поднесени прекршочни пријави и колку од нив платиле парични казни затоа што не ги вакцинирале 12-годишните девојчиња против ХПВ.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

 

 

 

Поврзани новости