Судијката Весна Димишкова фаворит за шеф на Кривичниот суд

by fokus

Судијката Весна Димишкова, е главниот фаворит за претседател на Основниот Суд Скопје 1, дознава „Фокус“ од судски извори. На конкурсот за шеф на Кривичниот суд конкурираа осум судии, а седницата на Судскиот совет за избор на претседател е закажана за во среда.

Димишкова, која за судија е избрана во 2004 година, во јавноста е позната по тоа што го потпиша налогот со кој Специјалното јавно обвинителство влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање и ги обезбеди доказите потребни за предметот со нелегалното масовно прислушување. Таа го потпиша и налогот за претрес во домот на Коста Крпач, сопственикот на фирмата „Финзи“, поради сомнеж дека преку фирмата се набавувала опремата за прислушување. Крпач, пак, подоцна почина во неразјаснети околности.

Димишкова им судеше и на обвинетите во случајот „Детонатор“, а на долгогодишна казна затвор ја осуди и Станислава Чочоровска, обвинета за шферц на кокаин.

Покрај Димишкова, во трката за претседател на Кривичниот суд се и судиите Иван Џолев, Оља Ристова, Ивица Стефановски, Ѓоко Ристов, Верка Петковска, Осман Шабани и екс претседателот Владимир Панчевски.

Во судските куолари се зборува дека Димишкова и Панчевски, не се во добри односи, поради што додека Панчевски седеше на претседателското столче ја прераспореди Димишкова од судија во организиран криминал, во одделот за малолетници.

В.В.

Поврзани новости