Миле Јанакиески не е жртвата, рекоа специјалните јавни обвинители за бомбите во случајот „Топлик“

by fokus

Одбраната во случајот „Топлик“ каде првообвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска побара од Апелациониот суд одложување на јавната седница каде се одлучува дали бомбите да бидат употребени како доказ во постапката, но барањето беше одбиено. Адвокатите на обвинетите велат дека се нарушени нивните права кои се темелат на Европската конвенција, но специјалните јавни обвинители кои го застапуваат предметот одговорија дека Јанакиески во случајот не е жртва.

-Тој бил прислушуван од неговите најблиски соработници, додека бил во врвот на политичката моќ. Јанакиески не е жртва – рече обвинителот, Бурим Рустеми од СЈО.

СЈО поднесе жалба до Апелација откако Кривичниот суд одлучи бомбите да не се користат како доказен материјал. Лиле Стефанова од СЈО, бранејќи ја жалбата, посочи дека доколку не се бомбите, специјалното јавно обвинителство не би знаело што да истражува.

-Не може со приватниот интерес да се штити криминалот – додаде таа.

Во „Топлик“, Јанакиески и петмина соработници од Комисијата за јавни надавања, се обвинети дека го оштетиле буџетот за над еден милион евра при продажба на градежно земјиште за изградбата на „Сончев град“ во скопско Сопиште.

Апелацијата има рок од 48 часа да одлучи по жалбата на СЈО.

Поврзани новости