Делков ќе ја исправи неправдата кон постарите немажени девојки во Неготино: По 500 евра и за жените кои ќе се омажат по четириесеттата година!

by Fokus
Општина Неготино ќе стави крај на дискриминацијата над немажените жени постари од 40 години, кои според програмата на поранешниот градоначалник Ванчо Апостолов не добиваа субвенции доколку стапат во брак, за разлика од постарите ергени во градот, на кои за прв брак по 40 години им следуваа околу 500 евра општински пари. Веста за предивидените измени во субвенционирањето, со цел да се поттикне стапувањето во брак кај лицата постари од 40 години ни ја потврди новиот градоначалник Тони Делков.

Тој додава дека апослутно се согласува со реакциите на неготинчанките дека се дискриминирани според родова основа, и вели дека неправдата кон нив ќе биде исправена.

,,Без дилема се согласувам дека истите мерки за поттикнување на бракови кај повозрасни лица треба да важат за припадниците на машкиот, но и за припадничките на женскиот пол. Планираме да направиме измени во овој дел, затоа што сите сме еднакви и нема потреби од вакви родови поделби. Но она што е загрижувачко во моментот, а кое што го согледав откако дојдов на функција, е податокот дека своите субвенции со месеци не ги добиле ниту ергените кои што стапиле во брак, ниту пак лицата кои што добиле новороденчиња, како што беше предвидено во програмата на мојот претходник. Работиме на решавање на овој проблем во најбрз можен рок’’ – ни изјави Делков.

Во времето кога започна мерката за стимулирање на стапување во брак кај лицата постари од 40 години, пред околу двеипол години, беше воведена и мерка за стимулација на наталитетот во Неготино.

Според тогашниот градоначалник Апостолов, за секое новороденче во општината родителите добиваа по 7.000 денари еднократна помош, а по 14.000 денари за раѓањето на трето дете. Но, последната исплата на вие субвенции се случила во февруари годинава, и од тогаш ниту родителите кои што добиле принова, ниту пак повозрасните ергени кои што стапиле во брак не добиле ниту денар. Многу од нив реагирале, се јавувале, па и лично оделе во општинската зграда, барајќи одговор на прашањето дали и кога ќе ги добијат ветените пари, но до денес сеуште не биле исплатени.

,,Станува збор за 90 лица кои што чекаат исплата на субвенции за новородено дете, и за едно лице кое чека исплата на субвенциите за брак на лица над 40 години. Согласно состојбата во буџетот, нивните побарувања ќе бидат подмирени во најкраток рок’’ – ни потврдија од општината.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости