Судиите и обвинителите со заклучок: Притворот секогаш да биде правно оправдан!

by fokus

Судии од Кривичниот суд и јавни обвинители денеска дебатирале за притворот и другите мерки на претпазливост, при што донеле неколку заклучочи.

-Правото на слобода и безбедност во смисла на чл.5 од ЕКЧП е од најголемо значење во едно демократско општество, па затоа секое лишување од слобода треба да има фактичко и правно оправдување.

1.При постапувањето по предлозите за определување, продолжување или (и) укинување на мерката притвор неопходно е континуирано да се унапредува имплементацијата на стандардите и ставовите изразени во одлуките на ЕСЧП.

2.Да продолжи трендот на подобрување на квалитетот на одлуките во правец на давање на доволно образложени и аргументирани причини засновани на конкретни фактички околности за основите за определување, продолжување или укинување на мерката притвор или други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.

3.Потребно е да се воспостави ефикасна и ефективна соработка со релевантите домашни органи, институции и судови во спроведување во одлуките за притвор и другите мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.

4.Да се продолжи со организирање на дебатни средби во кои ќе бидат вклучени и јавното обвинителство, адвокатурата и Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП.

5.Да се поддржат едукации со учество на домашни и странски експерти во кои ќе се разгледува и анализира домашната судска пракса и праксата на ЕСЧП, информираат судијата Илија Трпков, претседател на подружница на Здружение на судии Основен суд Скопје 1 Скопје.

Дебатата била во организација на Подружница на Здружение на судии при Основен суд Скопје 1 Скопје, во соработка со Академијата на судии и јавни обвинители и со финасиска поддршка на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Поврзани новости