Судии од Управниот суд скоро една година се под истрага за местење избори

by fokus

Против дел од судиите од Управниот суд веќе десет месеци води истрага Специјалното јавно обвинителство, во случајот „Титаник” кој опфаќа изборни нерегуларности за време и по локалните избори во  2013 година.

За СЈО спорни се нивните одлуки од локалните избори, кога беа прифатени 32 тужби од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, поради што дојде до прегласување во општина Центар и во општина Струга

Во февруари годинава, специјалните обвинителки информираа дека отворена е истрага против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

-Извесно е дека истрагите ќе се прошируваат и нема да биде поштеден никој кој дејствувал на криминален начин- рече тогаш Фатиме Фетаи.

Како што пишува СДК.мк, од СЈО не одговараат на прашањата дали истите судии кои биле викнати таму на распит, ќе решаваат по жалбите и на последните избори, кои се одржаа минатата недела, бидејќи, како што велат, случајот се уште е во предистражна постапка.

Управниот суд вечерва ќе одлучува за жалбите на СДСМ за изборни нерегуларности во четири гласачки места. Од нивната одлука зависи дали ќе има прегласување во спорните единици.

До Управниот суд, тужби поднесе и ВМРО-ДПМНЕ, а БЕСА бојкотира, бидејќи како што велат, не веруваат во независноста на судот и однапред ја знаат одлуката.

Поврзани новости