Текстот е објавен на 27-ми март 2015-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1016
Стравот и паниката кај родителите дополнително се зголемија откако открија дека нивните деца примаат бугарска вакцина Дитепер, за која, како што тврдат, со години се користела бидејќи била најевтина, но притоа не била ниту регистрирана, ниту заведена во Светската здравствена организација.
Дел од родителите решија децата да ги вакцинираат со современи поливалентни вакцини, и тоа најчесто во Солун, Белград и во Врање. Тоа стана редовна практика, но не и нелегален бизнис. Во соседна Грција вакцините се набавуваат од аптека, а нивната цена се движи од 50 до 70 евра, додека во Врање вакцините чинат 30 евра и плус 5 евра за боцкањето. Ацелуларни (прочистени) вакцини може да се најдат само на Клиниката за детски болести, но родителите обвинуваат дека тие се добиваат единствено преку врски и најчесто се даваат на деца на владини функционери, роднини и пријатели
Пишувала
Ирена МУЛАЧКА
Во Италија пред четири месеци починаа 13 лица, откако ја примиле вакцината против грип „флауд“, а овој вид вакцини беа забранети и пред две години, откако беше утврдено дека содржат микрочестички опасни по здравјето на луѓето, пренесуваа медиумите. Италија во тој период ја забрани употребата на 488.000 дози, а Швајцарија на 16.000.
Италијанското Министерство за здравство веднаш реагираше и побара од фирмата да му го достави комплетниот состав на вакцините, при што тие веднаш беа повлечени од продажба. Откако Италија ги забрани вакцините на својот пазар, истото го стори и Швајцарија.
И во двата случаи, вакцините против грип предизвикаа тешки последици врз здравјето на граѓаните, но затоа, пак, здравствените власти во Италија, Швајцарија и во Франција реагираа експресно, веднаш ги испитаа вакцините и ја забранија нивната продажба.
За разлика од овие земји, ситуацијата во Македонија покажува нешто сосема друго. Министерството за здравство и дел од лекарите постојано ја смируваат јавноста дека вакцините се квалитетни и безбедни и дека нема регистрирани случаи на последици од нив, но повеќето од родителите не веруваат во оваа приказна, па, како што велат, „спас“ за безбедно вакцинирање на своите бебиња и деца бараат во соседството, најчесто во Солун, Врање и во Белград.
Веќе подолг период во јавноста се кршат копјата меѓу здравствените власти, лекарите и родителите – дали децата треба да се вакцинираат или не? Колку се ефикасни вакцините, предизвикуваат ли тешки компликации или тоа се само теории на заговор?
РОДИТЕЛИ ОБВИНУВААТ ЗА НЕКВАЛИТЕТНИ ВАКЦИНИ
Четиригодишната Бојана е мало девојче, кое си игра игри на компјутерот, а потоа ѝ прави фризури на својата кукла. Таа е темпераментно, паметно и креативно девојче, за кое, како што велат нејзините родители, шири позитивна енергија наоколу. Во дружењето со неа нема никогаш да забележите дека пред само две години таа имала здравствени проблеми, и тоа поради неквалитетни вакцини, кои можеле да ја чинат живот.
– Воопшто не сакам да се потсетувам на тој период, кој претставува пекол за целото мое семејство. Поради вакцина ДТП-ер (дифтерија, тетанус, перистус), моето девојче имаше тешки здравствени компликации и слободно можам да кажам дека едвај ја спасивме. И тогаш, како и сега, лекарите тврдеа дека вакцините се квалитетни и безбедни. Не им верувам повеќе. Ја научивме лекцијата, па затоа второто дете си го вакцинирам во Врање – тврди 39-годишна мајка, која не сакаше да го открие својот идентитет.
Бојана не е единственото дете кое се соочило со тешки компликации, откако претходно била вакцинирана. Во последниот период, оваа тема е редовно на маса, а бројот на родители чии деца се соочиле со вакви проблеми сѐ повеќе се зголемува. Дел од нив јавно ги споделуваат своите маки и ги обвинуваат здравствените власти дека не обезбедиле квалитетни вакцини, а нивните деца сѐ уште се вакцинираат со обични вакцини кои се исфрлени од употреба во другите европски земји.
Која е причината? Зошто родителите се сомневаат во квалитетот на вакцините? Дали нивниот страв е оправдан или, пак, само владее паника, при што се создава отпор спрема вакцинирањето? Зошто веќе неколку години се ветува набавка на поливалентни вакцини, но тие никако да стигнат?
И по неколку години, на овие прашања ресорното Министерство ги дава истите одговори, од кои очигледно граѓаните не се задоволни. Тие повторно се навраќаат на главното прашање – кој им гарантира дека вакцините се безбедни и кој ќе сноси одговорност ако некое дете се разболи, ако има компликации или ако, не дај боже, почине?
Пред неколку недели, во дел од медиумите излегоа информации дека две бебиња од Студеничани и Шуто Оризари, едното на возраст од два, а другото четири месеци, починале за два дена, откако претходно ја примиле вакцината Дитепер, со што се создадоа првите сомнежи, дека можеби баш тоа е причината за нивната прерана смрт. Случајот го потврдија и од полицијата, но официјалните информации од што и како починале двете бебиња ќе бидат соопштени дури по завршувањето на истрагата. Во меѓувреме, од Министерството за здравство експресно излегоа со тврдење дека двете новороденчиња воопшто не ја примиле таа вакцина, со што се отфрлија сомнежите дека нивната смрт е последица од неа.
Некои од случаите стигнаа и до суд, па дури добија и судска разрешница. На почетокот на февруари, штипска Апелација донесе пресуда да се исплати отштета од 7 милиони денари поради тешко оштетување од вакцина (акутна пареза). Малата С. Г. е родена на 21 април 2007 година, а според податоците кои можат да се најдат во пресудата, таа по неколку месеци била примена на скопската Клиника за детски болести поради акутно настаната пареза на десната страна.
– Болеста почнала 18 дена по приемот на вакцината. Кај неа се манифестирала слабост на десната нога со ослабени рефлекси. Во болница престојувала до 06.09.2007 година. На 23.11.2007 година, Комитетот за верификација и квалификација на акутна парализа Апелационен суд – Штип, овој случај го класира како потврден случај на пареза асоцирана со полиовакцина со вакцинален полиовирус тип 3. Кај малолетната се утврдени ослабени тетивни рефлекси на десната нога и висечко стапало. Обемот на натколеница и потколеница се разликува помеѓу левата и десната нога – се наведува понатаму во пресудата.
Според документите, кај 7-годишното девојче е утврдено дека постои трајно оштетување на функцијата на десната нога со видлив деформитет, намален обем на мускулатурата и нарушена естетика, со што таквата состојба ќе бара доживотен третман.
– Ваквата состојба е последица на вакционен полиовирус тип 3 . Кај малолетната тужителка поради настанатото телесно оштетување, инвалидитет постои и ќе постои трајно психичка болка. Кај неа има нарушена општа животна способност, како и нагрденост од ваквиот инвалидитет. Целиот живот таа ќе има дополнителни напори да ги остварува животните потреби при секојдневните активности. Не ќе може да ги почувствува детските радости, а ваквото душевно трпење ќе се зголемува и ќе се потенцира со нејзината возраст – пишува понатаму во пресудата.
Доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство ја оправдува недовербата на родителите во вакцините, бидејќи според него, за набавката и употребата на вакцините кај нас веќе не е пресуден квалитетот и цената, туку квантитетот.
– Во другите земји има вакцини кои се квалитетни, но ние воопшто не можеме да ги обезбедиме. Кај нас се оди на опцијата, не да се добие на квалитет, туку на квантитет. Вакцините во себе содржат жива и формалин и ако не се прочистени, можат да доведат до нарушување на нервниот систем и оштетување на мозокот. Луѓето имаат одредени сознанија, не веруваат и затоа обезбедуваат вакцини од Солун. Таму има европски стандарди – тврди доктор Оровчанец.
ПО ВАКЦИНИ ВО СОЛУН И ВО ВРАЊЕ
Македонија е единствената земја во Европа, каде што децата се вакцинираат со обични вакцини кои одамна се исфрлени од употреба. Стравот и паниката кај родителите дополнително се зголеми откако открија дека нивните деца примаат бугарска вакцина Дитепер, за која, како што тврдат, со години се користела бидејќи била најевтина, но притоа не била ниту регистрирана, ниту заведена во Светската здравствена организација. Единствено познато е дека вакцината е произведена во Бугарскиот институт.
Тие пред неколку месеци поднесоа кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Министерството за здравство, обвинувајќи дека повеќе години на нивните бебиња им се дава таа вакцина која била регистрирана дури на 9 декември, 2014 година.
– Нашите деца – бебиња од две, три и петмесечна возраст беа „имунизирани“ со нерегистрирана вакцина (ДТП)! Зошто по долгогодишно незаконско работење нашите власти конечно одлучија да го легализираат својот криминал? Можеби мислеа дека ќе се спасат од кривичната пријава која ние родителите по неколкумесечно истражување и собирање на докази, ја доставивме до ОЈО – велат револтираните родители.
По лавината негативни реакции, обвинувања, претставки, пријави и пресуди на сметка на ресорното министерство, кое е одговорно за набавка на вакцините, решивме да поразговаравме со повеќе родители, кои се преплашени да ги вакцинираат своите деца во Македонија и бараат начин како тоа да го спроведат надвор од државата, каде на децата, според нив, ќе им се обезбедат квалитетни и безбедни вакцини. Војната со информации и шпекулации уште повеќе ја прави тензична атмосферата, бидејќи тука не станува збор, како што велат, за споменици, туку за животот на нивните деца.
Дел од родителите одлучуваат бебињата да ги вакцинираат надвор од државата со современи поливалентни вакцини, а најчести дестинации за тоа се Солун, Белград и Врање. Тоа стана редовна практика, но не и нелегален бизнис. Во соседна Грција вакцините се набавуваат од аптека, а нивната цена се движи од 50 до 70 евра во зависност од тоа дали се работи за петвалентна или шествалентна вакцина. Мал проблем претставува транспортот, бидејќи се патува три-четири часа, а вакцината мора да биде на одредена температура, па баш од тие причини се транспортира во специјален канистер. Подоцна, во договор со лекарот, децата се вакцинираат во некоја од скопските поликлиники или на скопската Клиника за детски болести.
Освен во Солун, родителите своите деца на вакцинација ги носат и во Врање. Но, таму не е истата процедура како кај јужниот сосед. Според неофицијални информации, родителите со новороденчето одат во Врање, ја купуваат вакцината по веќе разработена шема и нема потреба да се враќаат назад и да ја транспортираат, туку бебето ја прима таму. Нашите извори тврдат дека аптеката од каде што најчесто се набавуваат вакцините се вика „Хигија“, а цената е 30 евра плус пет евра за боцкањето. Болнички извори додаваат дека аптеката е веднаш до амбулантата каде што се врши вакцинирањето, но според процедурата, секое бебе мора да има наод од педијатар од Македонија дека е здраво и мора да има направено крвна слика.
Според лекарите со кои разговаравме, најголем отпор кај родителите има од вакцината МРП (морбили, паротит и рубеола), сметајќи дека баш таа вакцина е главниот виновник за појавата на аутизам, што покажува драстично зголемување во последните неколку години. И ваквиот тип вакцини, исто така, се набавуваат од Солун и од Врање.
Доктор Лидија Грбевска останува на ставот дека децата мора да се вакцинираат и заради своето здравје и за одржување на колективниот имунитет. Но, според неа, родителите купуваат вакцини и ги вакцинираат децата надвор од државата поради недовербата во квалитетот.
– Еве, да го споменеме примерот со МРП-вакцината. Во Македонија, меѓу родителите се шират информации дека таа е набавена од Бугарија и е со сомнителен квалитет, што е доволна причина тие да не дозволуваат нивните деца да бидат вакцинирани со неа. Многу сум лута. Во здравството мора да има приоритети, а ова е најголем, се работи за нашата иднина. Се плашам дека ќе се соочиме со болести кои веќе се искоренети и кои и ние како лекари сме ги заборавиле. Да не се повтори 1955-56-та година, кога поради недостиг од вакцината Полио се разболеле над сто и повеќе деца – истакнува доктор Грбевска.
Таа додава дека поливалентните вакцини мора побргу да се регистрираат како национална стратегија.
– Предноста на ацелуларната вакцина е тоа што бебето почнува да ја прима со полни шест месеци и се дава вкупно трипати, а не како нашиве кога во првата година се боцкаат најмалку десетина пати. Со овие вакцини нема несакани реакции зашто се ацелуларни и многу безбедни – вели доктор Грбевска.
Од друга страна, ресорното Министерство веќе петта година по ред, од 2010 наваму, најавува набавка на поливалентни вакцини. Доктор Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна заштита, неколкупати досега изјави дека овие вакцини само што не стигнале. Последните информации што ги слушнавме од таму беа дека поливалентните вакцини ќе ги има во Македонија во март или во април оваа година. „Фокус“ ја контактираше доктор Костовска и таа потврди дека вакцините ќе ги има, ама дури наесен.
– Поливалентните вакцини ќе ги добиеме во август, а од септември ќе почнат да се користат. Ги набавуваме од Пастер, Франција, но бидејќи овие вакцини се најбезбедни и се бараат многу, затоа и доцни нивната набавка – вели доктор Костовска.
ВАКЦИНИ СЕ ДОБИВААТ ПРЕКУ ВРСКИ?
И покрај сите негативни реакции, Министерството за здравство и дел од лекарите продолжуваат да ја убедуваат јавноста дека вакцините се квалитетни и безбедни, иако досега никој не прикажал никакви докази за да ги убеди родителите во тоа.
Од сите лекари, најгласна на оваа тема е доктор Аспазија Софијанова, директорка на скопската Клиника за детски болести. Таа вели дека во јавноста не зборува за квалитетот и безбедноста на вакцините, туку дека како педијатар тврди дека сите деца мора редовно да се имунизираат.
– Министерството за здравство е тоа кое ги набавува вакцините, а целата постапка оди преку Бирото за лекови. Тоа значи дека државата е таа која треба и која го гарантира квалитетот на вакцините, а ние како педијатри само ја промовираме вакцинацијата.Јас немам начин ниту пак ингеренции да се мешам во делот на контролата на квалитетот на вакцините. Моја работа како педијатар е да се грижам за здравјето на децата – вели доктор Софијанова.
Таа додава дека како педијатар со години се залага во делот на политиката со вакцините, а тоа е осовременување на календарот за имунизација со поливалентни вакцини кои се тренд во Европа.
– Знам дека дел од родителите токму овие поливалентни вакцини ги купуваат во Солун и во Врање каде што им се аплицираат на децата за потоа да се заведат во картоните за имунизација. Одговорноста за детето ја има пред се родителот и аплицирањето на вакцини во странство, впрочем како и изборот понекогаш децата и да се лекуваат во странство, е пак избор на родителот – истакнува Софијанова.
Многупати досега родителите обвинија дека ацелуларните вакцини, (прочистена варијанта на Дитепер вакцината), кои ги има само на Детската клиника ги примаат бебиња преку врски, на високи владини функционери, блиски колеги и пријатели. Тие тврдат дека ако немаат луѓе на клиниката не можат ни да замислат да дојдат до тие вакцини, бидејќи нивниот број е ограничен.
– Ја задоцнив вакцината на моето дете, трудејќи се и јас како сите други да фатам врски. Но, не ми успеа. Таму се чека во редици, си има приоритетни листи и се знае кој ги добива тие вакцини. Затоа, ние другите ќе си купуваме од Солун и Врање. Битно нема да дозволам моето дете да се вакцинира тука, не ми е сигурен квалитетот на вакцините – вели 40-годишна скопјанка која сакаше да остане анонимна.
Ваквите обвинувања ги отфрла Софијанова, која тврди дека немаат доволно вакцини колку што им се потребни, но со дозите кои ги имаат се обидуваат да ги опфатат децата, кои имаат потреба од нив.
– Тие деца за нас се приоритетни. Секој денес може за сѐ да обвинува, но тоа не значи дека во тоа има вистина. Можете слободно да дојдете и да разгледате во дијагнозите на децата кои ги примиле овие вакцини. Дали дете со епилепсија или дете родено 900 грама имало како што велите „врски“ да ја прими вакцината. Многу е лесно да се обвинува. Потешко е да се работи со деца кои имаат сериозни проблеми. Тоа колегите од оваа клиника најдобро го знаат – додава Софијанова.
Во редовниот календар за имунизација во Македонија има 8 задолжителни вакцини кои штитат од повеќе заразни болести, а на годишно ниво за нив се трошат од 200 до 250 милиони денари.
АКО НЕ ГО ВАКЦИНИРАТЕ ДЕТЕТО, СЛЕДУВА КАЗНА ОД 500 ЕВРА
Дополнителен проблем во целата приказна претставува тоа што дел од родителите не се согласуваат со задолжителна вакцинација. Тие сакаат право на избор, затоа што сметаат дека вакцините се штетни. Дел од нив се залагаат за промена на Законот за задолжителна вакцинација, па дури поднесоа и иницијатива до Уставниот суд за негово оспорување. Сметаат дека непотребно се шири страв и хистерично се повикува на вакцинирање.
Во овие услови, уште повеќе страв носат и сомнежите на светските лекарски имиња дека се справуваме со вештачки вируси, создадени во лабораториите само за профит.
Војната со информации и шпекулации што ја водат двата противнички табори ги збунува родителите, што треба да ги однесат децата на имунизација. Македонците ги следат светските трендови и се сѐ понервозни на секоја вакцина што им се сервира. Тие малку му веруваат на здравствениот систем, а уште помалку на фарамацевтската индустрија, која, велат, се богати на сметка на нивното здравје.
Оваа тема секојдневно е актуелна на социјалните мрежи. На Фејсбук дури постои фан –страница формирана од група родители со име „Здравјето на игла НЕ влегува“. Со еден клик на оваа страница можат да се најдат многубројни теми, од несаканите последици на вакцините, па сѐ до укинувањето на задолжителната вакцинација во другите земји.
Како е да е, вакцинацијата е топ-тема и на форумите.
Вакцините против грип ги следеа многубројни контроверзии, а истата судбина ја делеа и вакцините против ХПВ, вирусот кој може да предизвика рак на грлото на матката. Родителите одбиваа да ги вакцинираат 12-годишните девојчиња плашејќи се од неиспитаните вакцини и нивниот состав. Дел од нив заработија и казни од 500 евра, затоа што не сакаа да ги вакцинираат децата, а казни добиваат и оние кои не сакаат да ги вакцинираат децата со вакцини од редовниот календар за имунизација.
Време е владата и надлежните институции, здравјето на децата да го стават на приоритетна листа, наместо спомениците, градбите и оградите во барок стил, за кои се трошат милиони евра. Дури и критериумите се изменија во полза на овие барокни зданија, па така за нивната изградба, приоритет се дава на квалитетот, додека за вакцините, приоритет се дава на квантитетот и најниската цена. Затоа редно време е да се скрати од оградата, што ќе ја заградува владата, а која чини 700.000 евра и да се купат квалитетни поливалентни вакцини, кои чекаат веќе петта година по ред. Нели здравјето на децата е најбитно?
80.000 ВАКЦИНИ ЗАВРШИЈА ВО ДРИСЛА
Во 2009 година беше прогласена пандемија на свински грип, а Министерството за здравство во тој период набави 105.000 вакцини, од кои 5.000 дози беа донација, 20.000 беа набавени директно од производителот „Бакстер АГ“, а околу 80.000 дози од производителот „Глаксо“ беа набавени од холандската амбасада. Во земјава за време на пандемијата биле потрошени околу 5.000 вакцини, а во 2012 година околу 80.000 завршија во печките за медицински отпад во Дрисла бидејќи им истече рокот за користење.