Столтенберг: Обуката на украинските пилоти не го прави НАТО страна во конфликтот

by Fokus

Обуката на украинските пилоти за управување со американски борбени авиони Ф-16 не го прави НАТО страна во конфликтот, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

„Украина има право на самоодбрана… Ние и помагаме на Украина да го одржи тоа право“, изјави Столтенберг за новинарите, пренесе Ројтерс.

Столтенберг истакна дека одлуката за обука е важен чекор што ќе бара „во одредена фаза“ борбени авиони да бидат испорачани во Украина, пренесе АП.

Toj пред средбата со министрите за одбрана на ЕУ нагласи дека и тоа докажува дека Западот нема да отстапи од Русија.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека зеленото светло на САД да им дозволи на украинските пилоти да бидат обучени за летање со авиони Ф-16 создаде „незапирлив моментум“ што неизбежно ќе донесе борбени авиони на украинското бојно поле.

Борел рече дека е донесена одлука за воена поддршка на Украина со испорака на авиони бидејќи, како што наведе, тоа е апсолутно неопходно.

Toj изјави дека обуката на украинските пилоти веќе започнала во Полска и во некои други земји.

Поврзани новости