Белгија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ, Пендаровски очекува да се зголеми партнерството во трговијата меѓу двете земји

by Fokus

Белгија ѝ дава поддршка на Република Северна Македонија на патот кон Европската унија, ова на денешната средба во Брисел на македонскиот претседател Стево Пендаровски му го порача белгискиот премиер Александер Де Кро.
Белгија во првата половина на следната година ќе преседава со Европската Унија.

„Претпладнево имав средба со белгискиот премиер на која ја реафимираа својата поддршка за евроинтеграциите на нашата земја особено во светло на овие најнови обврски што ги имаме пред нас во однос на промената на Уставот“, рече Пендаровски во изјава за медиумите.

Белгискиот крал Филип со кого исто така Пендаровски имаше средба бил добро информиран за случувањата во земјата и регионот, а бил запознат и со македонско-бугарскиот спор, пренесе новинската агенција МИА.

„Се интересираше за нашите евроинтеграции и прилично добро беше запознаен со македонско-бугарскиот спор кој Бугарија ни го наметна во врска со нашиот идентитет“, рече Пендаровски, кој попладнево ја заокружува посетата на Белгија на која во изминатите денови акцент беше ставен на економскиот дел.

Претседателот очекува дека многу скоро Белгија ќе се врати повторно во топ десет трговски партнери на Северна Македонија.

„Белгија години наназад беше во топ 10 трговски партнери, но заради пандемијата изминатите две години отиде некое место подолу, но трендовите во последните квартали покажуваат дека најверојатно многу скоро ќе се врати во топ 10 трговски партнери“, рече Пендаровски во изјава за медиумите.

Поврзани новости