Стевчо Јакимовски: Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси!

by Фокус

Текстот е објавен на 27 август 2010 во неделникот „Фокус“ во бројот 791

Разговарала
Јадранка КОСТОВА

ФОКУС Последнава недела влеговте во жестока полемика со „Нова Македонија“. Како политичар, Ви користи ли тоа препукување со новинари, со цел еден медиум?

ЈАКИМОВСКИ Јас немам обичај да се препукувам со новинари. И кога бев министер, сум бил критикуван, но, не сум се расправал. Тоа не е моја пракса. Меѓутоа, овде се работи за груби навреди. Новинарот ме споредува со некои што до политичките цели доаѓале по пат на убиства на луѓе, со мачење. Кога ме ословуваат со такви имиња, мислам дека нема зошто да им премолчам, па не да е „Нова Македонија“, тука ако сака нека биде и „Њујорк тајмс“. Апсолутно нема цена која не би се платила за такви навреди!

ФОКУС Зошто толку Ве навредува споредбата со учките, кога дел од таа воена формација, преку ДУИ, беше дел од владата во која бевте министер? Тоа не ве навредуваше?!

ЈАКИМОВСКИ Мојата политичка борба е пред сѐ реторичка. Ниту сум земал, ниту ќе земам оружје да се борам против некого за остварување за политичките цели. Тоа ме навредува. Второ, не мислам дека за нашата политичка борба треба да гинат луѓе, туку треба да се има ниво на политичка култура…

ФОКУС Но, ете, борбата на ОНА со оружје беше оправдана од меѓународните фактори, а вие потоа ги прифативте овие лица да бидат и министри во вашата влада? Сепак, повод за коментарот што Ве навредил беше Вашата изјава дека немате намера да го спроведувате законот за домување во скопската општина Карпош!

ЈАКИМОВСКИ Она што е најбитно, јас дадов аргументи, зошто овој закон за домување е неприменлив и кои се неговите аномалии.  Впрочем, податокот дека од 50 илјади станбени единици, само во 500 се регистрирани куќни совети, јасно покажува што мислат граѓаните за овој закон и дека тоа е диво месо ставено во нашиот систем!

КАДЕ ЌЕ СУШАТ АЛИШТА, АКО НЕМААТ СУШАРИ!?

ФОКУС Да, но, сепак, не е својствено за една правна држава, за политичари што се декларираат за проевропски, кога функционер, градоначалник повикува да не се спроведува еден закон. Постојат други средства за негово оспорување…

ЈАКИМОВСКИ Едноставно, овој закон е неприменлив. Владата носи закони со кои не обврзува да вработуваме нови луѓе. Тоа го оптоварува буџетот и ги троши нашите ресурси. Како што гледате, ние како општина имаме ограничени просторни можности каде да ги вработуваме тие луѓе. Од друга страна, владата има илјадници луѓе кои што ги плаќа, а седат дома. Зошто со законот не ги обврза тие луѓе, не им даде одредено овластување, да го контролираат законот за домување. Зошто нас, како општина, не тераат да трошиме буџетски средства, да вработуваме нови луѓе, и, згора на се, ние да се караме со граѓаните токму околу ова шкакливо прашање!?

Тие истото тоа го направија и со законот за чистота. Ги обврзаа општините, меѓутоа, ние не можеме да казниме на лице место кога некој го крши законот, туку мораме тоа да го правиме преку министерството за транспорт и врски. А, ако кажам дека се изречени преку 170 казни, но, за ниту една немаме повратна информација! Каков е тој закон, со кој ние не можеме да казнуваме, туку целата работа оди преку министерството за транспорт и врски!? Носат чудни закони, кои се неприменливи. Владата нека си донесе закон, со кој себеси ќе си се обврзе. Зошто мене ме обврзува?

ФОКУС А, каде потоа одат казните?

ЈАКИМОВСКИ За законот за домување, не знам каде одат казните. Ние директна можност за казнување немаме по ниту еден закон. Еве, замислете, имаме закон со кој што, доколку лицето не ни дава лична карта, ние не можеме со сигурност да го утврдиме неговиот идентитет. Тој ќе си замине, меѓутоа, ако повикаме полиција, таа ако му земе лична карта, ние треба да пратиме допис до МВР и да уплатиме 250 денари за да ни го дадат податокот за тој што, на пример, фрлал ѓубре спротивно на законот!? Значи, навистина прават чудни закони кои се неприменливи во стварноста!

ФОКУС Несомнено, има недостатоци кои треба да се коригираат, меѓутоа, во секој случај треба да има некаков ред во однос на хигиената во градот. И во европскиве држави постојат правила, кога зборуваме, на пример, и за сушење на алишта. Тежнееме кон ЕУ, па, тие правила кога тогаш ќе треба да ги прифатиме!

ЈАКИМОВСКИ Ама, каде ние ќе сушиме алишта, кога нема сушари во зградите!? Ако луѓето немаат машини, и за перење и за сушење? Како на некој пензионер со 100 евра пензија ќе му речете дека алиштата нема да може повеќе на тераса да ги суши, туку ќе треба да си купи машина за сушење?! Тоа се работи кои не можат да се спроведат. Треба да се даде временски период од кога тоа ќе треба да се применува!

ФОКУС Добро, според Вас, која е тогаш поентата на тој закон?

ЈАКИМОВСКИ Па, според коментарот на Мирка Велиновска, излегува дека целта на овој закон била да се утврди кои се сопствениците на становите. Но, очигледно не го прочитала законот. Како ќе се види со законот за домување кој колку станови има, кога тоа е веќе видено!? Тој податок го имате во УЈП и во Катастарот за недвижности. Државата не почнува со Мирка и Груевски, тој закон постои и секој имот е евидениран токму во овие две институции. Каква врска има законот за домување со ова!? Нејзината алузија беше дека ние од СДСМ го напаѓаме законот од политички причини, за да не ни се виделе имотите!?

СТАНОВИТЕ НА ИМЕ НА МАЈКИТЕ СЕ МИНСКО ПОЛЕ

ФОКУС Колкав имот има Стевче Јакимовски?

ЈАКИМОВСКИ Сѐ има во УЈП и Катастар. Парите на сметка што ги имам се во банката и тие се достапни до државните органи.

ФОКУС Колку станови имате?

ЈАКИМОВСКИ Немам ниту еден стан. Имам само една куќа, плац и автомобил!

ФОКУС Се зборува дека, кога се гради зграда, градоначалникот често пати добива рушвет по еден стан, кој потоа обично се води на име на негови роднини, стрини, тетки, пријатели..!

ЈАКИМОВСКИ Истите наводи на моја адреса ги изнесува и Мирка Велиновска. Но, ниту толку се зема, ниту толку луѓето нудат, ниту можат такви работи да се прават како што таа зборува, ниту пак тоа е така едноставно!

ФОКУС Не заборува само таа, овие шпекулации се побајаги раширени?

ЈАКИМОВСКИ Секогаш се зборува со претпоставки, вујковци, стрини, чичковци, па, еве, ако алудира на мене, јас имам три стрини, од кои двете се починати, третата живее во моето село Подржикоњ и има три крави, а понекогаш собира печурки. Тоа може да се земе како приход, кој не и е оданочен. Тетка ми е старица од 78 години и својот стан не успеала да го доплати, туку го исплаќа на 40 години. Не можам да разберам од каде такви алузии!?

ФОКУС Тврдите дека немате станови кои се водат на Ваши блиски роднини?

ЈАКИМОВСКИ Тоа е смешна работа. Ги набројав сите мои роднини, но, не знам зошто споменува само стрини и тетки. Штом веќе зборуваме за женски род, зошто не зборуваме, на пример, за мајките? Ама, изгледа тоа е минското поле, на кое новинарката не смее да нагази, оти, ако зборуваме за мајките, ќе дојдеме до најбогатата мајка во Македонија, а тоа е мајката на Груевски. Или, да зборува за транзициони богаташи, за тие што се богатат во транзицијата, а во исто време се прашувам, како кога седнува на кафе со својот газда може да го погледне во очи, кога сето ова што го зборува, се однесува токму на него!?

ФОКУС Мислите на Минчо Јорданов?

ЈАКИМОВСКИ Ако е газда на „Нова Македонија“, се однесува за него!

ФОКУС Со него бевте министри во иста владата?!

ЈАКИМОВСКИ Добро, бевме во иста влада, но, очигледно е дека во таа влада, некои си влегоа со одредени цели, да си завршат одредени работи. Веројатно е дека не ги завршиле работите кои очекувале да ги завршат, затоа што ние како влада немавме таква цел, туку имавме некои државни цели, кои што требаше да ги оствариме. Меѓутоа, изгледа дека некои се фрустрирани токму од таквите работи кои што не успеале да си ги завршат!

ФОКУС Бидете конкретен: Минчо Јорданов не завршил приватни бизнис работи додека беше во вашата влада? Кои работи?

ЈАКИМОВСКИ Добро, како поголем стопанственик, посебен интерес во делот кој што го имаше тој, секако му беа прашањата околку гасоводот, околку цената на електричната енергија на големите потрошувачи, околу железницата… Тоа беа прашањата кои будеа посебен интерес кај него!

МЕДИУМИТЕ ГО АМНЕСТИРАА МИНЧО?!

ФОКУС Ама, велите, не си ги завршил тие проекти во своја полза?

ЈАКИМОВСКИ Да, како што гледате, до сега не се завршени.

ФОКУС Можеби ќе успее да ги заврши со оваа влада?

ЈАКИМОВСКИ Луѓето се менуваат во зависност од потребите, во зависност од политичката ситуација во државата. Сега имаме друга политичка ситуација од онаа што била пред 5 години. Се водат големи компании, кои имаат допирни точки со владата и нормално е дека мора да се биде близок со власта, да се биде сервилен кон власта, доколку се сака успех во бизнисот. Затоа што големите компании, особено според капиталот на овој сопственик, имаат сериозни допирни точки со владата во градежништвото, здравството и слично!

ФОКУС Верувате ли дека тоа што Вашата втора реакција не е објавена во „Нова Македонија“, дури ни како платен оглас е по интервенција на газда Минчо или лична одлука на главниот уредник?

ЈАКИМОВСКИ Сметам дека тоа е срамота, но, има решение. Ако тие не ни дозволуваат во весник со мал тираж, тогаш ќе ја објавиме реакцијата во весник кој што има поголем тираж, како Шпиц, и, нормално, ќе се обидеме да се објасниме!

ФОКУС Која е логиката на Минчо и на неговиот директор или главен и одговорен уредник, да не објават дури ни платен оглас?  

ЈАКИМОВСКИ Мислам дека главен проблем беше тоа што таму, во еден дел се закачаше сопственикот на весникот и дека тоа беше главната причина за необјавувањето на текстот. Јас не можам да разберам, како еден весник со широк дијапазон на критики за транзиционите аномалии и транзиционите богаташи, да не сака да дозволи да отвориме полемика за сите богаташи во државата!? Јас се занимавам со политика долго време и сосемна е легитимно некој да споменува, дури и да дава претпоставки за тоа колкав и каков имот имам. Но, исто така е легитимно да одговорам на тие нивни тези, па и да ги прашам: Од каде му е имотот на оној што нив ги плаќа?

ФОКУС Избегнувате да го споменете Минчо Јорданов по име?

ЈАКИМОВСКИ Па, некако, во овој круг на богати, него никој не го споменува. Можеме да кажеме дека дури е и амнестиран од медиумите. Тој никаде не се споменува како човек кој се збогатил во оваа транзиција. Оти, јас не верувам дека било кој од овие богаташи, вклучувајќи го и Минчо, дека дури бил многу побогат од татко ми во 1990 година. Претпоставувам, со сигурност не можам да кажам.

ФОКУС Сопственици на медиум се главно тие што имаат некакви бизнис империи. Дали ќе ги наречеме транзициони богаташи, олигарси или било како, но, ним медиумскиот бизнис им е само алатка за постигнување на други бизнис и политички цели. И, делува смешно кога медиум на еден таков газда ги критикува другите од сличен калибар транзициони газди…

ЈАКИМОВСКИ Тоа е лицемерно! Велам, јас не знам како не им е срам кога ќе си го погледнат својот газда во очи! А таа приказна им е секогаш подготвена за членови на СДСМ. Јас неодамна бев во Велес, со член на СДСМ разговараме, и тој ми вели вака: „Не постои во Велес ниту еден поранешен или било когашен функционер на СДСМ, кој денес е богат. Сите денеска што се најголеми богаташи, се членови на ВМРО-ДПМНЕ“!

ФОКУС Е, сега дури ќе се расплачам заради сиромаштијата на СДСМовците…

ЈАКИМОВСКИ Зборувам конкретно за Велес. Но, тие си ја прават приказната за транзиционото богатење само за луѓе од СДСМ, па дури и за луѓе кои никогаш не биле членови на СДСМ!

СЕГА ИМАМЕ ДЕСНА БУРЖОАЗИЈА

ФОКУС Сакате да кажете дека покрај вашата, сдсмовска, во меѓувреме и вмровциве си направија своја олигархија?

ЈАКИМОВСКИ Не олигархија, сега имаме десна буржоазија токму од владечката гарнитура. Мислам дека тоа им беше смислен концепт уште во 1998 година, од една полупролетерска провиниенција пополека да создаваат дел кој ќе биде нивна буржоазија!

ФОКУС Па, зарем само СДСМ е предодреден да има своја олигархија? Проблемот е како се создадоа овие транзициони богаташи? Или, дека вмровската буржоазија не се создаде на почесен или законски начин од она за што го критикуваа СДСМ!ЈАКИМОВСКИ Јас правам три градации во тој дел. Правата градација е да почнеш од нула и да создадеш капитал. Втора градација е да бидеш на чело на некоја компанија, да ја приватизираш и да стекнеш поголем дел од акционерскиот капитал…

ФОКУС Ама тоа да го стекнеш без пари?!

ЈАКИМОВСКИ Во секој случај, сепак си морал да се мачиш за тој дел, си ја водел таа фирма. Оној третиот богаташки дел е оној кој што не водел вакви компании, но стануваат моќни и богати само со помош на буџетот, на функциите, на блискоста до власта!

ФОКУС Зарем оние што приватизираа не беа блиски до власта?

ЈАКИМОВСКИ Овие третиве буквално почнале со ништо, не се знае ниту како почнале. Имаме пример за кој што ние, се сеќавам како влада утврдивме дека има купено капитал за вкупно 33 милиони евра, како земјоделски задруги, фабрики, земјиште, станови, други имоти…

ФОКУС Еден човек?

ЈАКИМОВСКИ Да, еден човек кој сега е надвор од земјата, во бегство.

ФОКУС Драган Даравелски?

ЈАКИМОВСКИ Се знае од прилика кој е, а таа фирма направила вкупно промет само за 650 илјади евра, а имотот што го поседува е 33 милиони евра. Не може СДСМ да биде обвинуван за криминална приватизација која што е извршена во рамките на законот. Може да зборуваме за стратешки погрешно направена приватизација, но, ние имаме извонредни примери каде што е извршена приватизација со прекршување на законот. Имаме 74 претпријатија кои се приватизирани во еден ден без објава, со дисконт дури до 99 отсто во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот 2001-2002 година!

МОРА ДА РАСПИШАТ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

ФОКУС Зошто не ги расчистивте ваквите незаконски приватизации, кога веќе тврдите дека бил прегазен законот? Вие бевте дел од владите во периодот од 2002 до 2006 година!

ЈАКИМОВСКИ Во некои од тие претпријатија влегоа крупни компании. Фирмите што беа тотално на дното, почнаа  успешно да работат. Тоа ќе значеше враќање на целиот процес назад, бркање на странските инвеститори и повторно влегување во еден затворен круг, бидејќи крајниот ефект ќе беше луѓето повторно да останат на улица.

Мислам дека не е добро тоа така да се направи, туку веројатно треба да се оди со носење на некој посебен закон, во кој сите вакви аномалии ќе се ревидираат. Едно е да се има морална одговорност, а друго е да се има финансиска одговорност, да се плаќа на државата, но, да не дојдеме до таму на фирмите повторно да им ставиме клуч.

Кога ние во 2002-та дојдовме на власт, веќе беа затворени 38 големи компании: Топилница Злетово, Бучим- Радовиш, Саса, Тораница, Црвена звезда- Штип, Порцеланка… Ако одевме на варијанта на затворање на нови 74 претпријатија, тогаш што ќе останеше од македонското стопанство?

ФОКУС Значи, тоа е политичка проценка да не се гони одредена незаконитост? Неофицијална амнестија на криминалот?!

ЈАКИМОВСКИ Ако се оди во поништување на овие приватизации, се отвараат сериозни проблем. Тоа ќе бидат страшни ломови. Мислам дека беше добар предлогот на претседателот Црвенковски да го оставиме ова прашање вечно отворено. Значи, ќе дојде време кога ќе го гледаме со друга диоптрија, ќе се донесат посебни закони по тоа прашање, за да видиме како, ем тие што се сторители да сносат соодветна санкција, а, во исто време, да не направиме поголема штета, бидејќи во меѓувреме дошле други сопственици.

ФОКУС Мислам дека кога вечно се држат отворени одредени приватизации, тоа служи само за да се рекетираат газдите. Но, да минеме на друга тема. Дали очекувате предвремени избори на пролет?

ЈАКИМОВСКИ Работите на владеачката гарнитура не ѝ одат добро. Прво, државата е дојдена во ќорсокак, се гледа дека сме дојдени во една безизлезна состојба по прашањето на евроатлантските интеграции, спорот си името не се разрешува, економски паѓаме надолу. Главните полуги на кои што се држеше оваа власт – земјоделието, е тотално крахирано, прашањето за здравството, исто така, инвестициите, покачувањето на плати, популизам… Сето тоа е веќе видено и полека но сигурно премиерот и владата ја губат довербата кај граѓаните. Јавноста веќе ги доживува како луѓе кои не ја зборуваат вистината. Поради сопствениот неуспех, кој ќе им биде толку голем, ќе мора да распишат нови избори!

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ ВНАТРЕШНИТЕ ВМРОВСКИ ПРЕСМЕТКИ

ФОКУС Но, како? Ќе го загубат мнозинство во парламентот? Ќе има удари во коалицијата? Ако им паѓа рејтингот, која е логиката да одат на избори пред истек на мандатот во 2012-та?

ЈАКИМОВСКИ Гледате и самите дека на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат да му пукаат неговите шафови. Најголема потврда за тоа беа неколкуте внатрешни превирања. Клучна работа е да излезе директорот на една таква битна институција, како што беше Ване Цветанов од Управата за спречување на перење на пари, и да ви каже дека владеачката гарнитура пере пари, и тоа на големо. Но, и дека ни случајно се нема желба тоа да биде санкционирано од страна на премиерот и дека он е жртва токму на оние што ги перат тие пари. Гледаме внатрешни превирања и сега, околу прашањето за конфликт на интереси. Гледаме што се случува и на Економскиот факултет, превирањата околу промената на деканот…

ФОКУС Тоа се внатревмровски пресметки?

ЈАКИМОВСКИ Да, и тие внатревмровски пресметки ќе одат сѐ повеќе и повеќе, а тоа значи дека и на нив внатре не им оди најдобро работата. Моја претпоставка е дека тие ниту можат, ниту, пак, ќе останат компактни како што беа до скоро. Оти, грешките на „вождот“ се евидентни. Вие не можете да продавате цело време лопаташка политика. Тогаш, зошто ни е нам политичар на чело на владата? Можевме да ставиме и 8-ма или 9-та група работник од ГП Маврово или Пелагонија, и пак ќе го имавме истото.

Имаме една страшна ситуација, државата да ни е ставена на автоматски пилот. Ние немаме политичар на чело на државата, туку пи-ар агенција, која што каде Груевски ќе промаши, гледаат брзо да го заташкаат, а каде ќе ја погоди, да ја повторат таа работа сто пати. Претседателот на државата ни е индиспониран. Премиерот, освен со лопатата, не води апсолутно никаква политика и практично целата работа што го држи неговиот рејтинг е препуштена на оние што ја работат неговата медиумска пропаганда, на спинување на неговите успеси и прикривање на неуспеси, што е многу опасно за државата!

ФОКУС Не верувате дека веќе има договорено промена на името, се споменува  додавката – Вардар на Република Македонија?

ЈАКИМОВСКИ Не, мислам дека тоа се само фолирања, дека тој до крај ќе остане цврсто на тие позиции да нема компромис . Како што споменав, сите негови политики се тотално крахирани, па ова му е единствената сламка за спас!

ФОКУС Преговорите се обичен блеф?

ЈАКИМОВСКИ Да, тој само глуми преговори. Ова е единствената сламка за која тој ќе се држи, дека името не го дава по секоја цена. Практично, настојува последниот атом на силите да го искористи токму околу прашањето за името и токму на таа тема да го држи својот рејтинг. Не можеме да видиме ниту една друга политика освен таа – ,Не го даваме името,!

ГРУЕВСКИ НЕ Е ПОДГОТВЕН ДА ЈА ДАДЕ ВЛАСТА ПО НИКОЈА ЦЕНА

ФОКУС Значи, тој не е подготвен за компромис. Не Ви делува реално, исто така, шпекулацијата дека е можна експертска влада, која треба да го одработи тој проект за компромис за името, бидејќи Груевски лично не е подготвен за тоа?

ЈАКИМОВСКИ Јас мислам дека Груевски не е подготвен власта да ја даде по никоја цена. Тој прави сѐ, за што подолго да се одржи на власт, па, сметам дека ситуацијата треба да биде толку многу искомплицирана во државата, за да се дојде до некакво решение за експертска влада. Во сите други нормални услови, ни на крај памет не му паѓа на Груевски да прифаќа експертска влада!

ФОКУС Но, ако му паѓа рејтингот, ако нема компромис, зошто тој би одел на предвремени избори за да изгуби? Не му се дава власта, а има мандат до 2012 година!

ЈАКИМОВСКИ Политичкиот притисок ќе биде многу голем, притисокот од јавноста, нефункционирањето на институциите на системот, на државата, ќе го доведат до таму да мора да оди на предвремени избори. Евидентно е дека веќе има револт кај граѓаните. Вие до пред една година не можевте да видите ниту еден штрајк, демонстрација, ниту еден збор против премиерот, но, од ден на ден се повеќе се засилува незадоволството, и тоа станува сѐ поголемо!

ФОКУС Слушнав една интересна шпекулација, дека Стевче Јакимовски пројавил интерес да биде министер за внатрешни работи, после падот на Груевци?

ЈАКИМОВСКИ Прв пат слушам за тоа. Сакам да кажам дека ми е задоволство што ја обавувам оваа функција – градоначалник на општина Карпош, и благодарен сум им граѓаните кои ми ја дадоа довербата. И овој пат, јас и граѓаните на Карпош ќе се дружиме до крајот на мандатот.

ФОКУС Како соработувате со владата на Груевски?

ЈАКИМОВСКИ Со министерството за транспорт и врски и со министерството за образование соработуваме добро. Но, не можам да кажам дека со други институции, со владини претставници, дека имаме соработка, бидејќи немаме соработка, ниту пак директно со премиерот. Вие гледате дека, кога доаѓа во општината Карпош, или не се јавуваат или се јавуваат две минути пред тоа, што би рекле – „Реда ради“.

Сето тоа зборува за односот кон една опозициона општина, односно, кон водството кое е опозиционо. Но, ние покажавме дека имаме ниво на политичка култура, што значи дека во Карпош не е запрен, ниту опструиран ниту еден владин проект. Ќе ви кажам, тоа беше прашањето на „Алумина“ и трговскиот центар, кој треба да се гради, прашањето за касарната „Илинден“,  прашањето на комплексот болници кои треба да се градат во кругот на Воената болница, прашањето за Пантелејмон – Етно село, како и издавање на градежни дозволи за Карпата, за тениски игралишта… Во сето тоа сме биле максимално кооперативни, дури каде што побарале на наш трошок да се извршат одредени приклучоци на струја, вода, сето тоа било завршено без никаков проблем. Но, и не треба никако поинаку да се однесуваме, освен така, дека треба да бидеме максимално кооперативни. Јас сум им дал отворено светло за сите проекти што имаат во Карпош да ги спроведат. До сега, освен смешната Карпа, 2-3 тениски игралишта…

ФОКУС Зошто е смешна Карпа?

ЈАКИМОВСКИ Па, смешна карпа е! Затоа што, прво, ја нема никаде, а, второ, до карпа ли ни дојде во оваа ситуација?! Срамота е за градоначалник, се надевам дека нема да се навреди градоначалникот, еве, на пример, од општината Сопиште, да става камен темелник на две тениски игралишта! Мислам дека и тој не би правел прес-конференција, а не пак премиер. Ред е премиер да се појави со лопата в рака пред новинари, доколку става камен-темелник на некој голем тунел, автопат, хидро или термо-електрана, брана…

Навистина е смешно за инвестиции од 50 илјади евра да доаѓа и да се појавува пред граѓаните на мојата општина Карпош. А, ако ви кажам дека на тој дел, каде што тој се појавува, во моментов општината Карпош има 500 илјади евра инвестиција. Што јас треба да направам? Можеби митинг?! Или можеби треба да го повикам премиерот да дојде и да фрли лопата барем на малку поголема инвестиција, бидејќи тој се навикна до 50 илјади евра, толку му е максимумот!

 

Реакцијата на Минчо Јорданов:
СРАМОТА Е ЗА СДСМ ШТО ПРЕБЕГНАТ ЛИБЕРАЛ ПРИМЕНУВА СТАЉИНИСТИЧКИ МЕТОДИ!

(Повод: Интервју со Стевче Јакимовски: Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси, Фокус бр. 791, од 27.08. 2010)

Во вашиот неделник Фокус, во објавеното интервју со градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, повторно се прави обид на невистинит, навредлив и клеветнички начин да се подметнат некакви ставови за мене за кои не постојат никакви факти, со цел персонална дисквалификација со типичен стаљинистичко-бољшевистички стил што продолжувате да го ползувате.

Се разбира дека е добро за демократскиот развој кога постојат различни ставови. Уште подобро е да се отвора расправа по нив. Меѓутоа расправата што започна во Нова Македонија и продолжи во други медиуми на непрофесионален и недемократски начин, наместо да се води за факти и вистината, се претвори во пресметка со новинарот, односно со личности! Срамно е што се оди уште подалеку и во текстот се прави обид за пресметка и со мене.

Во интервјуто, еклатантна лага и клевета за мене е дека сум „транзициски богаташ“. Додека јас во странство повеќе од десет години работев и раководев во голема мултинационална компанија, тука вие по кафеани ја креиравте, контролиравте и спроведувавте вашата т.н. транзиција.

За да ти биде јасно, сите мои инвестиции и аквизиции во реалниот сектор во нашата држава, Република Македонија, се направени во пост-приватизациониот период и од лоши фирми-загубари сега тие станаа водечки фирми во своите области. Правиш ли разлика?

Тоа е принципиелно прашање на менаџирање со компании, на знаење и умеење, на голем труд, ако сте чуле дека постои такво нешто, а не на транзициско-политички-приватизациски махинации.

Впрочем и во едни други времиња, со моето доаѓање на чело на скопска железарница, јас ја направив таа фирма рекордер во својата историја на производство, со 1.100.000 Т произведен челик. После 16 години беа покриени сите загуби и компанијата 6 години ја водев како исклучително успешна во тогашната држава.

Ако не знаеш, да те поучам, а да чујат и тие околу тебе, дека логиката на бизнисот е да се доведат компаниите да работат профитабилно. А тоа апсолутно се совпаѓа со интересот на компаниите и секако со државниот интерес!

Во тој контекст, за каква сервилност таму разговарате? Сите мои компании работат успешно повеќе години, а за тоа време се променија повеќе Влади! Тогаш, која е логиката на тврдењето за сервилност.

Зарем и работењето на многу мои пријатели македонски бизнисмени во овие години, а и сега во оваа историски голема економска криза, да ги одржат и развиваат своите бизниси – е сервилност кон некоја партија и личност?!

Моите фирми работат по здрава бизнис логика, која е во интерес и на вработените и на државата. По твојата логика, треба ли да ги отпуштиме вработените, да ги оставиме на улица за политички манипулации и во нечија функција?

Или дека бизнисите и бизнисмените задолжително треба да бидат политички обоени? Навистина е срамота во партијата во која влегоа многу интелигентни луѓе со нови идеи, промакедонски и проевропски ориентирани, да влезеш и ти со однесување и мислење кое е срам за нужните промени кои што тие ги декларираат.

Трагична ти е позицијата, како прв човек на СДСМ за град Скопје да го применуваш методот на диференцијација, па бизнисмените ги селектираш на ваши и наши, на позициони и опозициони!? Срамота е за оваа политичка партија пребегнат либерал да се обидува да применува стаљинистички методи на ликвидација. Таков ли пример и задача ти дава твојот политички ментор?

Навистина се прашувам, малку ли ви се примерите за успешно водени компании во челичната индустрија, градежништвото, земјоделството, кои од пропаднати фирми станаа водечки во своите области, како што се Макстил, Факом, Бетон, Вардар-Градско, или пак успешните гринфилд-инвестиции како што се болницата Ре-медика или винарницата Стоби?

И како тебе не ти е срам да клеветиш сакајќи да го прикажеш мојот ангажман во Владата на Република Македонија како приватен? Ако воопшто прифаќаш дека таа била Влада на Република Македонија. И ти многу добро знаеш, затоа што беше сведок, дека со вакви исти методи какви што се обидуваш да применуваш, беше срушен Премиерот. И претседателот на партијата.. И претседателот на партијата по него…

Мојот ангажман вклучително и прашањата за гасоводот, електричната енергија и енергенсите, железницата и воопшто инфраструктурата беа, се и ќе бидат прашања од највисок државен, македонски интерес. Тие се есенцијални прашања за економијата на компаниите, за граѓаните на оваа држава, за нивниот економски-социјален статус, за вработувања и за подобар живот!

Или можеби тоа е вон сферата на твојот интерес?

Јакимовски, да знаеш дека нема да ти успее лагата да ја пласираш како вистина, затоа што за вистината ти требаат документи, бројки, материјални докази, а не претпоставки и клевети. Она што го тврдиш во интервјуто претставува само клеветничка агитпроповска пропаганда и безвредна лага што постојано ја повторуваш заедно со тие платени околу тебе.

Заборави ги тие методи со кои постојано се занимавате и фатете се за работа во полза на народот, државата, компаниите, а не само да гребете под себе. И свртете се малку кон општиот државен интерес, а не кон личните интереси! Вложете труд кој ќе биде полезен и не ги држите младите сили во политички стеги со кои државата ја донесовте во оваа состојба. Вака ја гушите и државата и себе си.

Минчо ЈОРДАНОВ

Поврзани новости