Во рамки на стечајната постапка за друштвото „Салус Плус“, кое своевремено стана познато за пошироката јавност откако, под тогашниот назив „Новоматрикс“, преку ноќ склучи неколку договори со АД ЕСМ за работа во РЕК Битола вредни 3 милиони евра, формиран е 3-член одбор на доверители и признати се побарувања на 14 доверители, плус еден разлачен доверител.
Ова произлегува од одговорот што го добивме од надлежниот Основен суд Битола, од каде патем информираат дека, во рамки на овој стечај започнат во 2024 година, досега одржано е испитно рочиште, изготвен е извештај за економско-финансиската состојба на стечајниот должник и одржано е извештајно собранието на доверители, на кое е одлучено деловниот потфат на стечајниот должник да се затвори.
„Со решение на Основниот суд Битола СТ 127 /24 од 22.11.2024 година, објавено во Службен весник на РСМ на 13.12.2024, отворена е стечајна постапка над имотот на „Салус Плус ДООЕЛ Битола“, со седиште на ул. Партизанска бр.85-56 во Битола и за стечаен управник е именуван Николче Петкоски од Скопје.
Во рамки на стечајната постапка, одржано е испитно рочиште на 20.03.2025 година. Признати се побарувања четиринаесет доверители и еден разлачен доверител. Со решение СТ-127/24 од 20.03.2025 година, основан е Одбор на доверители во состав: Стопанска банка АД Скопје од Скопје, РСМ Министерство за финансии-Управа за јавни приходи Скопје и Профи Сервис од Битола.
Од страна на стечајниот управник изготвен е извештај за економско-финансиската состојба на стечајниот должник, кој е депониран во стечајното досие на 10.09.2025 година, во кој е предложено затворање на деловниот потфат на должникот.
На 10.12.2025 година одржано е извештајно собрание на доверители, на кое се донесоа одлуки стечајниот управник Петкоски да продолжи да ја врши работата на стечаен управник, именуваниот одбор на доверители да остане во ист состав и деловниот потфат на стечајниот должник да се затвори.
Во досегашниот тек на стечајната постапка, стечајните доверители не се намирени преку авансна распределба на средствата. По однос на предлозите за излачно право на Специјал Градба, со решение на овој суд СТ 127/24 од 27.11.2025 година, истите се отфрлени како недозволени.
Ова решение, со решение на Апелациониот суд Битола ТСЖ бр.3.26 од 23.01.2026 година е укинато и предметот е вратен на повторно одлучување. По однос на вака пријавеното излачно право, Ве известувам дека е во фаза на повторно одлучување“, гласи одговорот на битолскиот суд.
Инаку, „Фокус“ веќе пишуваше за стечајната постапка на „Новоматрикс“ или „Салус Плус“, при што, меѓу другото, акцент ставивме и на пријавата на т.н. излачно право од страна на доверителот „Специјал Градба“, кое всушност се однесува на недвижен имот на скопско Водно.
Станува збор за некогашниот Поштенски дом среде Водно, чиј формален сопственик до ден денес е токму „Новоматрикс“. Имено, пред да падне во стечај, денешната „Салус Плус“ склучила преддоговор за купопродажба на овој имот со „Специјал Градба“ во износ од 1,3 милиони евра со вклучен ДДВ.
Притоа, според документацијата што ја обезбедивме, дел од купопродажната зделка биле договори за асигнација, цесија и компензација меѓу повеќе субјекти, преку кои купувачот ги презел долговите на продавачот кон трети страни, додека кредиторот Комерцијална банка ги наплатил побарувањата кон „СВ Инвест“ и повторно воспоставил заложно право-хипотека врз имотот.
Но, иако купопродажната цена била исплатена, сепак, процесот не бил целосно заокружен со солемизација на договорот пред „Салус Плус“ да падне во стечај, па сега „Специјал Градба“, во својство на доверител, доставила пријава за утврдување на излачно право врз недвижниот имот.
Иако стечајниот управник Петкоски ја прифатил оваа пријава и му предложил на Основниот суд во Битола да донесе решение купувачот да се запише како сопственик на имотот, сепак, судијата Иван Колевски ја отфрлил оваа пријава, посочувајќи дека доверителот не го пријавил излачното право навремено.
Арно ама, Апелациониот суд веднаш потоа го укинува првостепеното решение и го враќа предметот на повторно одлучување. Покрај останатото, од апелација навеле оти основани се жалбените наводи дека првостепеното решение е нејасно и неразбирливо и дека не содржи образложени причини за донесената одлука.
Дополнително, овој суд му укажува на првостепениот суд во Битола при повторното одлучување „да постапи согласно одредбите од Законот за стечај кои се однесуваат на излачни доверители и излачни права, како и постапката што во рамки на стечајната постапка се спроведува по поднесени пријави за утврдување на излачни права на доверители, па да донесе правилна и законита одлука по барање на доверителот“.
Наспроти насоките на второстепениот суд и предлогот на стечајниот управник, битолскиот суд се уште не донел одлука, што ја прави неизвесна судбината на имотот во срцето на Водно, кој е во руинирана состојба, но атрактивен го прави фактот што таму ДУП-от предвидува изградба на објект со максимална површина од 2.240 квадрати.
Влатко СТОЈАНОВСКИ