Некогашниот Поштенски дом на Водно, кој долги години е запустен и се наоѓа во руинирана состојба, е заглавен во стечајна постапка што се води за компанијата „Новоматрикс“, во меѓувреме преименувана во „Салус Плус“, поради судски процес без епилог за утврдување на т.н. излачно право, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Имено, оваа компанија, која беше во сопственост на семејството Камчеви пред да премине во рацете на Александар Наумов, осуден во случајот „Синџир“, се „прослави“ откако за кратко време доби тендери вредни 3 милиони евра за работа во РЕК Битола, веднаш откако поврзаната компанија „СВ Инвест“ на Стојан Чифлигароски падна во стечај и згасна.
Арно ама, во меѓувреме била отворена стечајна постапка и за „Новоматрикс“ или „Салус Плус“, Поточно, според достапните информации, кон крајот на 2024 година прво е отворена претстечајна постапка за друштвото, а набргу потоа, на предлог на „Стопанска банка – Битола“ (ребрендирана во „Алта Банка“) е отворена и стечајна постапка со решение на Основниот суд – Битола, така што моментално стечајот е во фаза на ажурирање.
Инаку, „Новоматрикс“ или „Салус Плус“ до ден денес се јавува како сопственик на недвижен имот среде скопско Водно. Станува збор за некогашниот Поштенски дом или Поштенско одморалиште, кое одамна е дисфункционално, но се наоѓа на атрактивна локација, дотолку повеќе што важечкиот Детален урбанистички план таму предвидува изградба на поголем објект.
Според Катастарот на недвижности, „Новоматрикс“ е запишан како сопственик на имот на КП 1183/2, во рамки на КО Горно Водно, каде преку ИЛ 172 поседува парцела со површина од 2.271 квадратни метри. Преку истиот имотен лист, друштвото го поседува и објектот со намена А4-времено домување, со нето-површина од 850 квадратни метри.
Но, според изводот од ДУП-от Ски-центар Водно донесен во 2012 година со кој располагаме, на оваа локација е вцртана маркичка за изградба на поголем објект со иста намена (А4), чија максимално изградена бруто-површина може да достигне 2.240 квадрати.
Документацијата што ја обезбедивме покажува дека врз овој недвижен имот, друштвото „Специјал Градба“ лани во април доставило пријава за утврдување на т.н. излачно право, кое произлегува од (пред)договор за купопродажба со „Новоматрикс“ од 2021 година. Меѓутоа, работата се искомплицирала поради тоа што пред целосно да се заокружи овој купопродажен процес со солемизација на договорот, бил отворен стечај за продавачот.
Па, купувачот, сега во својство на доверител, бара овој недвижен имот да се издвои од стечајната маса, зашто веќе била отуѓена и се извршила исплата на средства. Конкретно, во поднесокот до битолскиот суд и до стечајниот управник „Специјал Градба“ наведува дека во 2021 година склучил преддоговор со „Новоматрикс“ за купопродажба на недвижниот имот за 1,1 милиони евра плус ДДВ, или вкупно 1,3 милиони евра.
Патем, купувачот ги обезбедил овие средства по пат на кредит од Комерцијална банка, под услов да се обезбеди заложно право-хипотека во корист на кредиторот врз имотот, додека купувачот требало да добие својство на заложен должник. И дотогаш овој имот бил под хипотека кај истата банка, но заради обезбедување на средства за „СВ Инвест“.
Практично, договорните страни постигнале согласност купувачот „Специјал Градба“ да ја плати договорената цена за затварање на финансиските обврски на „СВ Инвест“ кон Комерцијална банка по основ на договор за одобрување на 2 кредитни линии, На тој начин, бил склучен трипартитен договор меѓу купувачот „Специјал Градба“, продавачот „Новоматрикс“ и кредиторот „Комерцијална банка“.
Се на се, дел од целата „зделка“ биле договор за асигнација меѓу „Новоматрикс“, „СВ Инвест“, „Специјал Градба“ и „Комерцијална банка“ за нивно меѓусебно регулирање, плус договор за цесија и договор компензација каде вклучени биле уште 2 субјекти, со што „Специјал градба“ ги регулирала обврските на „Новоматрикс“ кон трети страни, а Комерцијална банка обезбедила наплата на обврските на „СВ Инвест“ и кредитирала нов купувач на недвижноста на Водно, врз која воспоставила заложно право.
Во врска со сето тоа, стечајниот управник Николче Петкоски оценил дека поднесената излачна пријава на „Специјал Градба“ е основана. Во тој правец, тој наведува повеќе причини, како на пример дека склучен е преддоговор за купопродажба на имотот, дека извршено е плаќање за недвижноста на сметка на КБ по основ на договор за асигнација, дека постои судска пракса со која се признава излачно право при вакви околности…
Имајќи го тоа предвид, Петкоски предложил стечајниот судија да донесе решение со кое ќе се утврди излачно право на „Специјал Градба“. Меѓутоа, судијата Иван Колевски го отфрла предлогот за издвојување на недвижниот имот на Водно од стечајната маса, посочувајќи дека доверителот не го пријавил излачното право во предвидениот рок од 15 дена од објавување на решението за стечај, па така за него не се произнел стечајниот управник во табела-шема итн.
Сепак, ова решение на Основниот суд-Битола веднаш падна на второстепениот Апелациски суд, кој на почетокот на оваа 2026 година ја уважи жалбата на „Специјал Градба“, односно го укина решението на понискиот суд и предметот го врати на повторно одлучување. Покрај останатото, од апелација навеле оти основани се жалбените наводи дека првостепеното решение е нејасно и неразбирливо и дека не содржи образложени причини за донесената одлука.
Дополнително, овој суд му укажува на првостепениот суд во Битола при повторното одлучување „да постапи согласно одредбите од Законот за стечај кои се однесуваат на излачни доверители и излачни права, како и постапката што во рамки на стечајната постапка се спроведува по поднесени пријави за утврдување на излачни права на доверители, па да донесе правилна и законита одлука по барање на доверителот“.
Но, наспроти ваквата одлука и насоки на апелацискиот суд, предлогот на стечајниот управник и низата ургенции на доверлителот/жалителот, основниот суд се уште не се произнел повторно, поради што се уште неизвесна е судбината на објектот среде Водно, кој на терен е во лоша состојба, меѓутоа на оваа локација се предвидува можност за изградба на поголем објект, со нето-површина од околу 2 илјади квадрати.
За потребите на оваа сторија, се обративме до битолскиот суд и до стечајниот управник, но не добивме одговори на нашите прашања, меѓу кои: во која фаза моментално е стечајната постапка за „Салус Плус“; колку/кои субјекти пријавиле побарувања и колку изнесуваат вкупните признаени побарувања; има ли средства и имот на располагање со кој може да се исплатат доверителите; колку од побарувањата досега се намирени…
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК



















