Ставрески со нова партиска функција, ќе се враќаат ли на сцената и други ликови од старата гарнитура?

by Fokus

Поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески (57), кој своевремено важеше за десна рака на екс премиерот Никола Груевски, по пауза од околу шест години повторно се враќа на политичката сцена.

Економистот Ставрески, кој во 2016 година си поднесе оставка од функциите вицепремиер и министер за финансии, и кој потоа се повлече од јавниот живот, ќе раководи со логистиката на ново работно тело, формирано од ВМРО ДПМНЕ со цел да се мониторира работата на новоизбраните градоначалници од опозицијата, и да се следи остварувањето на ветените проекти во нивните општини.

Според соопштението кое го објави ВМРО-ДПМНЕ, со работното тело ќе раководи претседателот на партијата Кристијан Мицкоски, а во истото ќе бидат Зоран Ставрески и екс портпаролот на партијата, Оливер Шамбевски.

Поранешниот министер Ставрески е еден од политичарите чиј глас во повеќе наврати беше актуелен во бомбите кои ги објави СДСМ.

Од објавените разговори, кои тој најчесто ги водеше со поранешната министерка на МВР, Гордана Јанкуловска, заклучокот беше дека иако важи за десна рака на Груевски во јавност, сепак зад камерите тој не се согласува со добар дел од неговите ставови и планови.

Инаку, тој беше на министерската функција од 2009 до 2016 година, а пред тоа работел во Светската банка. Роден е во Охрид, сопруг и татко на една ќерка. Беше кум на екс премиерот Груевски во 2007 година, кога тој се венчаше со втората сопруга Боркица.

Во времето кога си поднесе оставка од функцијата, изјави дека се соочува со здравствени проблеми, а според советите на лекарите, му било било потребно подолго лекување и опоравување.

Дали Ставрески лесно ја прифатил понудата за враќање во политичкиот живот, по подолгата пауза, и со што се занимавал во изминатите години кога се повлече од јавноста, се обидовме да дознаеме од лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

До објавата на веста, тој не одговори на нашето прашање поврзано со Ставрески, како и на прашањето дали евентуално се планира враќање на политичката сцена и на останати ликови од старите партиски гарнитури.

Вики Клинчарова

Поврзани новости