Врховен го поништи разрешувањето на Стојанче Рибарев

by fokus

Врховниот суд ја прифати жалбата на својот разрешен колега, Стојанче Рибарев и ја укина одлуката што ја донесе Судскиот совет на 14-ти јули за негово разрешување и одалечување од работното место, соопшти Врховниот суд.

-Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на Република Северна Македонија расправаше по повод жалбата на Стојанче Рибарев, судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија, изјавена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија бр.10-41/21-14 од 14.07.2021 година, за негово разрешување од вршење на судиска функција.

Според процедурата, постапката сега пак се враќа во Судскиот совет и тој пак ќе одлучува дали Рибарев ќе биде пак разрешен. На оваа одлука на Судскиот совет, тој нема право на жалба.

-Судскиот совет се уште ги нема добиено одлуките на Врховен суд кои се однесуваат на два предмета, а со кои се опфатени тројца судии, и не ја знаеме содржината на образложенијата, односно немаме податок дали се укинати само одлуките за разрешување на судиите или  се укинати и решенијата за суспензија.

 

Како и да е, според Законот за Судски совет, откако ќе пристигнат одлуките на Врховен суд, а праксата вели дека одлуките стигаат за неколку седмици, постапките за судиите ќе бидат повторени од страна на комисиите формирани во Судскиот совет, а потоа новите одлуки ќе бидат конечни, вели за Фокус портпаролот на Судски совет, Љубиша Арсиќ.

Рибарев беше разрешен поради злоупотреби во АКМИС системот, а со негова интервенција, поранешниот премиер Никола Груевски се баранеше од слобода додека му се судеше за неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство.

Рибарев по неколку месеци откако стана судија во Врховен суд, беше в.д. претседател на Кривичниот суд, кога се процесуираа предметите на Специјалното јавно обвинителство. Но од таму сам си поднесе оставка, а неофицијално тогаш се објавуваше дека бил на распит во предистражна постапка за злоупотреба на АКМИС-системот во Kривичниот суд, но потоа официјално беше сведок во овој случај против поранешниот претседател на Кривечен, Владимир Панчевски кој е осуден за АКМИС-системот.

Според неговата биографија само една година откако е избран за судија во Основниот суд за граѓанска материја, во 1997 година станува претседател на овој суд. Три години подоцна, во 2000 година, станува член на телото што ги избира и ги разрешува судиите, Судскиот совет.

По завршувањето на мандатот во Судскиот совет во 2002 година, Рибарев се враќа во Штип, но како судија во повисокиот, Апелациски суд, во граѓанскиот оддел, а во 2008 година станува претседател на штипскиот Апелациски суд. Таму останува до изборот за судија во Врховен суд, во септември 2016 година. По краткото претседателствување со Кривичниот суд, Рибарев се враќа во Врховен.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости