По иницијатива на ССМ до Уставниот суд, нормираниот учинок повеќе нема да биде основ за минимална плата во Република Македонија.
Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија на седница одржана на 18 април 2018 год со Одлука У. Бр. 133/2017-1 ги укина член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017).
Сојузот на синдикатите на Македонија, поведе постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот за минимална плата во кој е наведено дека работодавачот е должен да му исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата која според законските одредби не зависи само од извршената работа во полно работно време, туку и од исполнет нормиран учинок, кој го утврдува работодавачот во рамки на своите дејности во процесот на работење и делување.
Сојузот на синдикатите на Македонија уште при подготовката на Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во РМ, на седниците на Економско-социјалниот совет и со официјални дописи до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии даде свое мислење и забелешки со кои ССМ не се согласува со Предлогот содржан во член 1 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата кој се однесува на член 2 од Законот за минимална плата и со истиот се предлага по ставот 1 (од член 2 на Законот) да се додадат три нови става со кои се дефинира поимот „нормиран учинок„.
Во текот на постапката за донесување на измените на Законот, ССМ укажуваше дека не се согласува минималната плата да биде условена од – нормиран учинок за кој во предложените измени на Законот е предвидено да се утврдува единствено по критериуми утврдени од работодавачот .
Своето несогласување покрај на седница на ЕСС, Сојузот на синдикатите на Македонија го изрази и со писмен допис до МТСП и Министерството за финансии.
Сојузот на синдикатите на Македонија поднесе иницијатива за оцена на Уставноста на законското решение која беше прифатена од Уставниот суд на 21 февруари 2018 година. Уставниот суд расправајќи по иницијативата донесе Одлука за укинување на наведените одредби со што ќе се овозможи правна сигурност во примената на Законот за минимална плата и исплата на минималната плата за сите работници во РМ.
ССМ и со оваа постапка докажа дека како репрезентативен синдикат и актуелен социјален партнер во државата се грижи за заштита и унапредување на правата од работен однос за сите работници во РМ.