Средба на Заев со Нансен дијалог центар: Стремиме кон образовен систем за интеграција на мултиетничките вредности

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Нансен Дијалог Центарот Скопје (НДЦ Скопје), која како локална невладина и непрофитна организација, е силно поддржана од страна на Нансен Академијата од Лилехамер, од Норвешка и од програмите за поддршка на Владата на оваа земја.

Делегацијата на НДЦ Скопје, предводена од директорот Сашо Стојковски, и во придружба на поранешната холандска амбасадорка во Скопје Симоне Филипини, како член на бордот на Нансен Академијата во Норвешка, и на други членови на бордот и претставници на норвешката амбасада, го информираа Заев за актуелните проекти на организацијата на полето на интеретничкиот дијалог, како и во делот на мултиетничката кохезија, интеграцијата, рамноправноста и толеранцијата, особено во делот на образованиот систем.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев за време на средбата истакна дека му се многу добро познати проектите на НДЦ Скопје, и дека активностите на оваа организација се од особено значење за нашето општество во овој исклучителен период кога земјата го постави интеретничкиот дијалог и интраетничкото помирување како централни вредности. Овие процеси премиерот Заев ги оцени како исклучително неопходни во период кога се спроведуваат клучните политички активности за имплементација на уставните промени како чекор за прифаќање на Договорот од Преспа за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Заев нагласи дека Нансен Дијалог Центарот Скопје и понатаму ќе ја има целосната поддршка на Владата на РМ за нивните проекти, со особен акцент на програмата за дизајнирање на интеркултурно образование во училишната програма за основно образование во нашата земја како пример за еднакви можности и пристап до образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини.

Премиерот оддаде признание дека подготовката на современ интегриран образовен модел, кој ги негува, поттикнува и интегрира мултиетничките вредности, а во исто време ги промовира и поддржува партнерските односи помеѓу учениците, наставниците и родителите, го поттикнува вклучувањето на заедницата преку воспоставување на хармонични односи, кои се темелат на почитување на разликите, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Поврзани новости