Истражителот на СЈО е приведен откако бил забележан од обезбедувањето на екс директорот на УБК Сашо Мијалков како фотографира негов објект, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Истражителот на СЈО денеска бил забележан од обезбедувањето на екс директорот на УБК Сашо Мијалков како фотографира објект и бил приведен во ПС „Беко“ на разговор. По насоки на ЈО се побарани негова изјава и целиот предмет е во ЈО, а истражителот е пуштен, изјави Спасовски.
Тој информира дека речиси две третини од документацијата што е предмет на истрагата на СЈО во УБК е изнесена. Останува уште една третина која ќе биде земена кога ќе се создадат услови за тоа и кога ќе дојде претставник од „Ериксон“, производителот на опремата, додаде Спасовски.
„Се што не е земено од страна на СЈО од УБК е на сигурно. Законот е јасен дека наредбите треба да се спроведат, а доколку не се спроведат тоа е кривично дело“, додаде Спасовски.
В. С.