Сопругата на Навални: Владимир Путин е лично одговорен!

by Fokus

Јулија Навални, сопругата на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални денеска изјави дека не им верува на руските медиуми кои ја објавија смртта на нејзиниот сопруг, но ако се покаже дека е вистина, таа го обвини рускиот претседател Владимир Путин за тоа и го повика светот во борба против неговиот „ужасен режим“.

„Не знам дали треба да веруваме во ужасната вест што ја добивме преку официјалните медиуми бидејќи со години знаеме дека не можеме да им веруваме на Путин и неговата влада. Цело време лажат“, изјави Јулија Навални која за смртта дознала на безбедносна конференција во Минхен.

„Ако ова е вистина, би сакала Путин, неговите луѓе во владата, неговите пријатели да знаат дека ќе бидат казнети за она што и го направија на мојата земја, на моето семејство, на мојот сопруг“, рече таа и порача: „Тој ден ќе дојде наскоро“.

Таа ја повика меѓународната заедница и сите луѓе во светот заедно да се борат „против тоа зло, тој ужасен режим во Русија“.

„Путин треба лично да одговара за сите злосторства што ги направи во последните години“, рече Јулија Навални.

Федералната затворска служба на автономниот округ Јамало-Ненец на својата веб-страница објави дека Навални „се чувствувал лошо“ по петочната прошетка и „речиси веднаш изгубил свест“.

Во соопштението се наведува дека бил повикан медицински персонал, но не успеале да го реанимираат. Причината за смртта на Навални се утврдува.

Поврзани новости