Соколов ја повика Александрова на кафе, а таа предложи да се соочат на ТВ дуел

by fokus

Околу отворените прашања со Бугарија се судрија Иван Соколов од ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката Емилија Александрова, која беше исклучена од партијата по гласањето за уставни измени од Преспанскиот договор.

Соколов ѝ порача на Александрова дека, негацијата на Бугарија на македонскиот јазик е директна последица на уставните измени и промената на името.

„Ти и другите 7 твои соборци платеници, како и вашите ментори, слуги на Заев, учествувате во разнебитувањето на македонската држава и нација. Негацијата од Бугарија на нашиот јазик и корени е директна последица и на Вашето предавничко однесување. Јас, за разлика од Вас, учествував во создавањето и кревањето на ВМРО-ДПМНЕ, кога сегашните твои газди од УДБА ја следеа партијата и сакаа да ја уништат. Истите кои тогаш сакаа да ја уништат ВМРО и Македонија, денес го прават истото само што сега Ве имаат и Вас, кои го предадовте народот кој ве гласаше“, напиша Соколов на фејсбук и ја повика поранешната сопартијка да одат на кафе за да ги соочат аргументите.

Таа, пак, го повика Соколов на ТВ-дуел.

„Те повикувам јавно да избереш медиум и време, да позборуваме со факти. Секако, после тоа ќе одиме и на кафе. Иване, ако за тебе е разнебитување членството во НАТО и интеграцијата во ЕУ, тогаш ДА, срами се. Дали македонскиот успех ти смета поради соработката со КОС? На средбата ќе дојде и еден твој другар да те потсети на твоите одработувања за службите. Искрено да ти кажам, не очекував да ја отвориш темата за Бугарија. Тука морам да ти признаам дека си експерт. За бугарскиот пасош кој го поседуваш, те молам не заборавај да им го покажеш на луѓето. Сигурно си горд на бугарските корени кои во пријавата си ги потполнил. Да те замолам да го гледаш твојот претседател кога гласот му трепери пред г. Борисов и на прашањето за договорот со Бугарија вели ’всичко добре’. Ова мора да е некој нов македонски јазик“, вели Александрова.

Преписката меѓу Александрова и Соколов започнаа по вчерашната изјава на Христијан Мицкоски со која тој порача дека не сака да биде мандатар и истовремено да брои жртви од пандемијата, по што пратеничката Александрова го обвини опозиционерот дека бега од избори.

Поврзани новости