Спасовски: Нашиот македонски јазик е света обврска за сите нас

by Fokus

Премиерот Оливер Спасовски денеска преку видео порака упати честитка по повод 5 мај – Денот на македонскиот јазик.

– Нека ни е честит 5 мај – Денот на македонскиот јазик. Денеска го одбележуваме овој значаен ден во реалност која е современа, но неспорна – го зборуваме јазикот македонски, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето, вели премиерот во обраќањето.

Сега, додава тој, нам ни останува да го чуваме и унапредуваме, таа наша обврска има уште поголема важност ако се има предвид улогата на големите дејци, Мисирков и Конески.

Овој ден, вели во честитката, не обврзува уште еднаш да испратиме јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ.

– Токму поради тоа, Владата го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија го објави решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик. Денес, наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината, а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Нашиот, македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина, е света обврска за сите нас, нагласува Спасовски.

Поврзани новости