Сојузот на слепи ги поздрави заложбите на МОН лицата со оштетен вид да добијат пристап до учебници

by fokus

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија денеска соопшти дека ги поздравува заложбите на Министерството за образование и наука во однос на дигитализација и трансформација на образовниот процес. Посочуваат на значајниот напредок во поглед на основното човеково право, правото да читаат на лицата со оштетен вид согласно новата концепција за образование.

– Првпат досега во независна и самостојна држава Македонија лицата со оштетен вид ќе имаат право на пристап до образование и пристап до учебни и други дидактички помагала под еднакви услови со сечулните лица, односно на еднаква основа со останатата популација. Првпат во Република Северна Македонија процесот на дигитализација ќе овозможи пристапни учебници и учебни помагала за лицата со оштетен вид во аудио формат, електронски формат и на Брајово писмо, но и разноразни материјали за напредување во образованиот процес, различност на содржините, итн., се вели во соопштението.

Според нив, учебните помагала и останатите дидактички материјали согласно исполнетите услови на е-пристапност овозможуваат пристапни материјали за поширокото население. Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид Димитар Влахов од Скопје, како што се наведува, првпат станува ресурсен центар од ваков вид во државата каде ќе се изработуваат сите материјали на Брајово (Релјефно) писмо.

– Новата концепција и новите прописи на мошне дециден начин го имаат регулирано правото на пристап до образование, информации и комуникации на еднаква основа и под еднакви услови. Општеството се менува, драго ни е што дигитализацијата во образованието како процес почнува од нас, стои во соопштението.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија претставува национална инвалидска организација, непартиска, доброволна, организација од особен јавен интерес која сплотува и обединува 2.550 лица со оштетен вид преку своите 17 општински и меѓуопштински здруженија на слепи лица-членки на НССРСМ.

Поврзани новости