Софија Теодор до Зекири: Каква мака имаш ти, од нечија сексуална определба?

by Fokus
Активистката за права на ЛГБТ заедницата и режисер, Софија Теодор е револтирана поради ставот на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, кој ја осуди хомосексуалноста преку религиски пораки и изреки од Исламот.

И покрај тоа што генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека се работи за личен став на Зекири, а не за генерален став на СДСМ, Теодор вели дека премиерот Зоран Заев е тој кој што треба јавно да се произнесе по повод ова прашање.
,,Вакво однесување прилега само за во пештера! Зекири очигледно не е за соживот, бидејќи како човек кој до вчера бараше права, денес дискриминира!
Премиерот Заев, пред да стави луѓе во извршни одбори и на вискои позиции, да преиспита дали нивните ставови се во сооднос со 21-ви век, или се заглавени во петнаесетти век!

И да му појаснам на Зекири дека во брак помеѓу две жени, може да се добијат деца по пат на вештачко оплодување, истото тоа кое што го користат маж и жена во брачна заедница, кога не можат да добијат дете по природен пат – тврди Софија, додавајќи дека ставот на Зекири е доста дискриминирачки, како за неа, така и за сите членови на ЛГБТ заедницата.
,,Јас сум навредена! Член сум на ЛГБТ заедницата и јавно декларирана како дел од неа помеѓу првите во земјава. Очекувам и премиерот да излезе со свој личен став по ова прашање, бидејќи јас гласав лично за него, а не за Зекири или Кирацовски. Прашувам, ова ли е демократија? И зошто било кому, посебно на Зекири би му сметала нечија сексуална определба?  – револтирана е Теодор.

Таа исто така, вели дека е шокирана и од последниот статус на Фејсбук профилот на Зекири, во кој тој и порачува на ЛГБТ заедницата – Мислете и имајте различен став од мојот, тоа е ваше право, но јавен линч кон мене вам ќе ви наштети, не мене!
,,Ова е веќе закана и јас како претставник на ЛГБТ не можам да молчам – вели таа.
,,Фокус телефонски го контактираше Зоран Заев, но тој не одговори на нашите повици и СМС пораки, по повод ова прашање.
Политичките аналитичари и познавачи, ЛГБТИ центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и „ЛГБТИ Јунајтед“ веќе ги осудија хомофобичните изјави кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата.
Вики Клинчарова

Поврзани новости