Собранието ги изгласа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

by fokus

Со 74 гласа „за“, без против и воздржани, Собранието попладнево го донесе Законот за субвенциониран студентски оброк.

Оваа точка беше ставена на дневен ред на собраниската седница откако во понеделникот студентите на протест искажаа револт од ненавремената исплата на продолжените студентски стипендии, од задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, од доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите и проблемите со мерката субвенциониран студентски оброк.

Во попладневниот дел од седницата беше завршена општата расправа по повеќе предлог одлуки, за кои пратениците дополнително ќе се гласаат.

Пратениците ја почнаа расправа по Предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Станува збор за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Ана Павловска-Данева, да биде нова уставна судијка.

Предлогот Павловска-Данева дојде откако на 24 јануари по речиси една и пол година расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.

Претседателот на Собранието Јован Митрески во 18 часот ја прекина работата по оваа седница и за утре најави нејзино продолжување.

Претходно, Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Измените, меѓу другото, предвидуваат објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.

Поврзани новости