Со прослава ќе се става камен темелник на Мала Америка во Кавадарци: За две години градот ќе има мол според највисоки светски стандарди!

by Fokus

Денес во Кавадарци ќе се означи почетокот на градежните работи на новиот објект, модерен повеќенаменски комплекс, мол со станбени згради, наречен Мала Америка.

Со пригодна прослава која ќе започне во 11 часот ќе биде ставен камен темелникот, и се очекува присуство на голем број на граѓани, како и соработници на инвеститорот.

Овој проект, кој градоначалникот Митко Јанчев го најави како инвестиција од 30 милиони долари ќе се гради во новиот центар во Кавадарци. Ќе се простира на површина од 65.000 метри квадратни, и ќе биде единствен во регионот, изграден според највисоки светски стандарди.

Како што откри градоначалникот во претходно интервју за „Фокус”, зад Мала Америка стои бизнисменот Трајче Ристов, познат помеѓу кавадарчани како Зуко, нашинец кој со децении живее и работи во Америка.

Тој е сопруг на поранешната фолк пејачка, Јасмина Мукаетова.

Во Кавадарци Ристов е познат и како општествено одговорен приватник. Минатата година градоначалникот Јанчев откри дека донирал 2.500.000 денари за изградба на парк во градот.

Во 2019 година пак, бизнисменот, чија транспортна компанија успешно работи надвор од Македонија, од бизнис секторот доби општинска награда по повод празникот на градот, Седми Септември.

Според Јанчев, комплексот би требало да биде завршен и пуштен во употреба до август 2025 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости