Со пониска понуда за 2.400 евра, „Бауер БГ“ доби тендер за градинка во Чаир од 2 милиони евра

by Фокус

Тендерот за изградбата на новата градинка во Чаир го добила градежната компанија „Бауер БГ“, која склучила договор со Министерството за труд и социјална политика во вредност од 120 милиони денари со вклучен ДДВ, или нецели 2 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Поточно, во тендерската постапка за изградба на овој објект во период од две години учествувале 5 компании, но на крајот најповолен понудувач била токму скопската компанијата на браќата Благој и Горан Димитрови, откако понудиле најниска цена во споредба со конкурентите.

Од Министерството како договорен орган не информираа дека сите пет понудувачи ја минале фазата на евалуација и учествувале на електронска аукција, меѓу кои, покрај избраниот економскиот оператор, учествувале и тетовската „Квалитет Бетонида“, струмичката „Жикол“, загребската „ЛСГ Билдинг Солушнс“ и скопската „Вардар Градба“.

Притоа, „Бауер БГ“ на негативното наддавање доставил најниска понуда во вредност од точно 101.766.000 денари без ДДВ, што било за само 148.000 денари или 2.400 евра пониска од понудата на второпласираната „Квалитет Бетонида“, која, според Централниот регистар, е формирана во 2006 година со седиште во Тетово од Емин Фазлии.

Според официјалните информации, повеќето учесници настапиле самостојно во постапката, но не и прворангираната „Бауер БГ“, која впрочем се јавува како носител на групација каде уште членува и тетовската градежна компанија „Еуровиа“.

Како што пишуваше Фокус, во време кога „Бауер БГ“ имаше едногодишна забрана за учество на тендерски постапки, браќата Димитрови преку друга друга компанија – „Енергоинвест Трејд Глигор“, склучија договор со Агенцијата за млади и спорт за изградба на 5 затворени базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево за 3,2 милиони евра.

Во рамки на истата деллива јавна набавка, АМС склучи договор и за изградба на шести базен во Тетово за сума од над 700.000 евра со „Еуровиа“, партнерот на „Бауер БГ“ во проектот за изградба на градинка во Чаир, за што беше донесена владина одлука за обезбедување на буџетски средства кон крајот на ланската година.

Исто така, неодамна објавивме дека „Еуровиа“ е дел од „Адел Холдингот“ на Елмедин Адеми, кој како правен субјект се јавува во списокот на донатори на ДУИ за 2019 година со донација од еден милион денари, што е втора по големина донација за владејачката партија во текот на годината.

Влатко Стојановски

Поврзани новости