„Бауер БГ“ добила забрана за јавни набавки, но друга фирма на газдите добила тендери од 5,5 милиони евра

by Фокус

Сопствениците на „Бауер БГ“, која има активна забрана за учество на тендерски постапки, поседуваат друга градежна компанија што на почетокот на годинава склучи договор за јавна набавка со Агенцијата за млади и спорт за изградба на 5 затворени пливачки базени, во вредност од над 3 милиони евра, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Станува збор за компанијата „Енергоинвест Трејд Глигор“, која, според податоците од Централниот регистар, е формирана во далечната 1996 година, како компанија за трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки.

Дури во 2014 година, приоритетна дејност на оваа компанија станува изградба на станбени и нестанбени згради, по што нејзини единствени сопственици стануваат сопствениците на „Бауер БГ“ – Горан Димитров и Благој Димитров.

Инаку, како што е познато, „Бауер БГ“ доби многу големи тендери за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, пред се од Град Скопје додека градоначалник беше Коце Трајановски, а воедно компанијата учествуваше во изградбата на објекти од проектот „Скопје 2014“.

Веднаш по промената на власта на локално ниво на изборите во 2017 година, оваа компанија заработи негативна референца од страна на Државното претпријатие за државни патишта, бидејќи, според претпријатието, компанијата не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост на реката Коселска во Охрид.

Но, „Бауер БГ“ одлучил да ја оспори ваквата одлука пред Управен суд, кој пресудил во корист на компанијата-жалител, аргументирајќи дека непотпишувањето на договорот не е вина на компанијата.

Во меѓувреме, компанијата најмногу соработуваше со Градот Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир, при што се издвојува договорот со Градот на чело со Петре Шилегов склучен во март минатата 2019 година за изградба на првата фаза од булеварот АСНОМ, во вредност од 915 илјади евра.

Безмалку во ист период кога е склучен овој договор, „Бауер БГ“ добива уште една негативна референца, која и забранува да учествува во тендерските постапки од март минатата до март оваа година.

Имено, референцата е изречена од страна на Министерството за образование и наука, од каде појаснуваат дека „Бауер БГ“ извршил само 20 отсто од договорот склучен во мај 2017 година за изградба на Основното училиште „Димитар Македонски“ во Општина Аеродром, вреден околу 915 илјади евра.

Од „Бауер БГ“, пак, ни изјавија дека оваа негативна референца е издадена незаконски, поради што и оваа одлука ја обжалиле на Управниот суд.

По изрекувањето на негативната референца, „Бауер БГ“ е надвор од јавните набавки, но затоа другата компанија на Благој и Горан Димитрови добила над 20 тендери од 2018 година досега, чија вкупна вредност, според податоците од Бирото за јавни набавки, изнесува околу 5 и пол милиони евра.

Патем, убедливо највисокиот договор „Енергоинвест Трејд Глигор“ го склучил со Агенцијата за млади и спорт за изградба на пет пливачки базени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Штип, Битола и Кичево во вредност од 3,2 милиони евра.

Во рамки на истата тендерска постапка, АМС склучила договор и со компанијата „Еуровиа“ со седиште во Желино, за изградба на базен во Тетово, чија вредност изнесува 705 илјади евра.

Од Агенцијата не известија дека на јавното отворање биле доставени вкупно 14 понуди, при што 4 понуди не се квалификувале за понатамошно учество во постапката поради формални недостатоци, односно неисполнување на условите за квалитативен избор.

Извештајот од спроведената постапка што го добивме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер соддржи и забелешки од двајца од петмината членови на Комисијата што ја спровела оваа јавна набавка, меѓу кои и претседателот Борче Митков.

Според нив, понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена во државниот буџет за 44 милиони денари во споредба со проценетата вредност на набавката и средствата обезбедени со одлуката за јавната набавка во износ од 200 милиони денари.

Во однос на тоа, директорот Дарко Каевски вели дека нема ништо спорно, појаснувајќи дека дополнителните 44 милиони евра ги обезбедила владата, со цел изградба на 6 базени за 244 милиони денари, што, забележува првиот човек на агенцијата, е помалку од средствата што неговите претходници ги потрошиле за само еден базен во Охрид.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости