ДУИ собрала 174 илјади евра од донации, бизнисмен уплатил максимални 32.000 евра

by Фокус

Владејачката ДУИ собрала најмногу средства од донатори во текот на минатата 2019 година во споредба со другите политички партии.

Според извештајот што партијата го доставила во Државниот завод за ревизија и други надлежни институци, партијата на Али Ахмети лани добила 95 донации во вкупен износ од 10,7 милиони денари или 174.500 евра, што е за 3-4 пати повеќе во споредба со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, најголем број од донаторите на интегративците се јавни функционери именувани од редовите на партијата, меѓутоа најголемите поединечни донации доаѓаат од бизнисмени и компании.

Поточно, најголемата донација ја уплатил бизнисменот Дритон Шуки, кој подолго време работи во Косово како дел од тобако групацијата ГЕКОС.

Всушност, неговата донација од 2 милиони денари е максимално дозволена донација, со оглед дека Законот за финансирање на политички партии предвидува оти физички лица може да донираат најмногу 75 просечни плати исплатени пред донацијата (за правни лица лимитот е 150 просечни плати).

Понатаму, втората по големина донација во износ од еден милион денари доаѓа од правното лице „Адел Холдинг“, кое, според Централниот регистар, се јавува како сопственик повеќе други фирми.

Една од нив е градежната компанија „Еуровиа“, која, како што покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки, во текот на минатата година добила повеќе тендери, додека годинава склучи договор со Агенцијата за млади и спорт за изградба на базенот во Тетово.

Законски, политичките партии не смее да се финансираат од приватни претпријатија, кои во моментот на давањето на прилогот кон политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или јавни установи по пат на договор.

Меѓутоа, експертите објаснуваат дека и вакви ситуации кога како донатори се јавуваат поврзани лица или друштва на компаниите што добивале тендери за време на донацијата се коси со духот на законот.

Фокус неодамна пишуваше за еден сличен случај. Станува збор за тетовската компанија „Дон-Хаус“, која минатата година склучила десетина договори за јавна набавка, а нејзиниот сопственик Насер Сеадини донирал 29.500 денари за СДСМ.

Инаку, најголемата владејачка партија минатата година собрала вкупно 1.172 донации во вкупен износ од 3,6 милиони денари или 58,5 илјади, главно од партиски и јавни функционери.

Наспроти тоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ примила двојно помалку средства по овој основ. Имено, на редовната партиска сметка легнале вкупно 1,8 милиони денари од само од тројца донатори.

Како што веќе објавивме, тројцата донатори се партискиот лидер Христијан Мицкоски, неговата сопруга Роза Мицкоска и неговиот татко Иван Мицкоски, кои на истекот на годината донирале по 600.000 денари.

Некои компании, пак, лани не добиле ниту една донација, што значи дека се финансирале од членарина или од буџетските средства.

Влатко Стојановски

Поврзани новости