Слаѓана Цветковска: Тажно е да се каже, но не зажалив што ја напуштив Македонија!

by Фокус

Поранешниот топ модел Слаѓана Цветковска, која што веќе пет години живее и работи во Катар, а од пред три години ги повлече и своите родители во арапската земја, вели дека никогаш не зажалила поради одлуката да се пресели од родната земја, и тоа во време додека нејзината кариера како модел беше во најголем подем.

slagjana c6022

Денес, таа има нова професија, работи како претставник на Самсунг Ултрасаунд компанијата, а минатата година се омажи за египќанецот Фарук, директор во одделот за дијагностичка офтамологија во државната болница во Катар.

,,Одлуката да заминам во непознато, и токму во време кога мојата моделска кариера беше во полн ек и моите фотографии красеа голем број на весници и модни каталози, за многумина беше несфатлива. Но малку се оние кои што ја знаат вистината за нас, моделите кои што се обидовме да градиме кариера во Македонија. Факт е тоа дека популарноста не носи секогаш добра заработувачка и ниту една наша манекенка не заработува доволно од својата професија. Бев уморна од животот во неизвесност, па Катар ми се виде како ветената земја. Заминав сама, имав период на прилагодување и борба за своето место во оваа прекрасна сончева земја.

cvetkovski familija

Учев и работев истовремено, почетокот не ми беше лесен. Кога веќе застанав на свои нозе, решив да им помогнам и на родителите. Првин дојде татко ми, а по една година и мајка ми се пресели во Катар. Додека јас работам во здравството, тие се пронајдоа во угостителството. И двајцата рабоатат во кетеринг служба, а тоа што порано во Македонија имаа ресторан им дојде како голем плус и голема помош во приспособувањето. Да се напушти домот на нивна возраст не е баш лесно, но и покрај напорната работа и нивното големо искуство во Македонија, никогаш не успеваа да заработат повеќе од 300 евра месечно.

Овде платите беа примамливи, и само поради финансиите тие се одлучија на тој чекор, ги оставија моите тројца браќа во Скопје и се преселија во Катар,, – раскажува Слаѓана која што долги години беше во манекенството и ја започна својата кариера на свои 15 години, кога беше избрана за Мис лето 2004. Таа додава дека разделеноста со браќата тешко и паѓа, но веќе се свикнала да ги гледа два пати годишно, за време на летниот и зимскиот одмор.

slagjana faruk vencavka

,,Во Катар се повеќе има македонци, најчесто се тоа млади луѓе, поретки се оние како моите родители кои што се одлучуваат за нов живот во зрели години. Но за мене, нивниот чекор беше доста храбар, бидејќи го направија за доброто на своите деца, за да имаат сигурност, платени сметки, доволно храна во фрижидерот и секако услови за добро образование. Кетеринг службата во која што работат спаѓа во ланец на познати француски ресторани кои што се популарни по своите Макаронс колачиња, една од најуспешните овде, така да нивниот труд секогаш е награден. Дури веќе во менито се вметнати неколку македонски специјаитети кои што моите родители ги приготвуваат, а арапите ги прифатија со задоволство,, – изјави Цветковска.

slagjana cvetkovska10

Таа доаѓа во Македонија за Велигденските празници, и ќе остане до средината на месец јуни, бидејќи планира да направи свадба и во родното Скопје, покрај онаа која што ја направи во Катар. Убавицата која што во 2007 година беше прва придружничка на Мис Македонија, а во 2010 Топ модел на Македонија, четири пати ја претставуваше нашата земја на светски избори на убавина, и тоа на Мис модел на свет во Кина, Мис Самер интернационал во Бугарија, Том модел оф д ворлд во Германија и Квин туризам континентс во Турција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости