СК / урбан дефакто

by Фокус

Без љубов знам ќе те проголта овој град
без гордост и без срам,
Ќе останеш без дела за вреднување,
ќе останеш без моќ и магија
било што да промениш
                                                 Архангел

Пишува
Александар ПЕТРОВ

Денешно Скопје  константно се уништува, а неговото ткиво се узурпира. Се блокираа цели населби: Дебар маало, Буњаковец, Кисела Вода, падините на Водно, места кои пред тоа изобилуваа со зеленило и јавен простор. Сообраќајот се повеќе е проблем, комодитетот се помалку, воздухот сè потежок.

Затоа Скопје сè повеќе е хистеричен, депресивен, мачен за живеење. Причина поради која градот убав ќе мора пак да се издигне. Колку и да се грди, Скопје ќе мора да се прероди. Можеби уште неколку години ќе се силува и осакатува, но на крајот сепак ТОЈ ќе победи, колку и да сме ние пасивни, колку и да сме ние апатични. ТОЈ  ќе биде главниот јазол на идното политичкото делување. Со него почна демократската деградација, со него и ќе се заврши.

На тоа наведуваат два недостатоци без чија имплементација градот нема прогрес. Првиот е нетранспарентноста. Сè уште не знаеме каде е крајот и што сè не очекува. Проблем со кој секој од нас е засегнат поединечно.

Другиот битен проблем е отсуството на податоци (потребен попис), каде аналитички ќе дознаеме дали градот демографски расте или опаѓа. Доколку расте кои би биле неговите нови контури, граници и кон каде би се ширел, доколку опаѓа што тоа би значело за неговите постоечки просторни ограничувања.

Единствени дата бази кои ни даваат транспарентен увид врз случувањата на  градот е интернет платформата Скопјерасте, која полека се развива и ги означува урбаните факти во кој градот се наоѓа.

Скопје е дезориентирано и нема концепт за урбан развој. Му недостига урбана визија. Социјалистичко Скопје изобилуваше со празен простор, кој беше запуштен. Тие празнини беа рационално корисни како урбана дистанца и критериум на крутите монолитни и тажни блокови. Тоа беше голем потенцијал чија корист градот не успеа да ја искористи во новонастанатиот либерален систем, каде режимот на земјиштето го гуши јавниот и непрофитабилен простор.

Ситуацијата се искомплицира со транзицијата каде дотогашните стандарди се оспорија, но никогаш не се зададоа нови, како база врз која градот ќе продолжи да се развива и да се надополнува. Тоа беше проблем со сите постсоциалистицки општества, иако истите  тие многу побрзо го изнајдоа излезот од транзицијата.

Низ годините се создаде административната децентрализација но не и културата за нејзиното урбано делување. Новите локални самоуправи станаа партиски управи. Дуповите кои произлегуваат од нив содржат само бледа контрола на дивиот постлиберализам, наметнат како таков и претставуваат бизнис-план од кои општините инсистираат на нивниот привиден  развој.

Оваков административен систем не може долгорочно да функционира,за тоа што и никогаш темелно ги нема разработено проблемите и последиците кои произлегоа од преминот на  политичко управување и користење на градското пространство. Општините се развиваат по инерција и не се во состојба да ги насетат современите процеси и проблеми.

Развојот на градот се крои преку тендери без притоа да се води сметка на потребниот квалитет и стандарди. Секое парче градежно земјиште се сведува на таблични параметри. Развојниот проект го добива најевтиниот понудувач, а тоа делува негативно по квалитетот и оформувањето на хабитатот (приватнио и јавниот) .

Плановите претежно ја  регулираат катноста  и густината на приватните парцели преку чии комуналии општината „профитира“. На тој начин урбаната морфологија се пополнува периметарски, каде просторот кој изобилуваше се изолира и затвора.

Самиот јавен простор што спонтано останува (кој не е тротоар или улица) се сведува на јавна кампања каде политичкиот субјект преку маркетинг ги задоволува своите страсти и учествува во крпење на тротоарчиња, поставување фонтани , урбана и сообраќајна опрема, споменици и што уште не.

Дуповите постојано се повторуваат, копираат едни од други и затоа од нив произлегуваат такви архитектури, мачни и кичести. Кога во урбаниот правилник се налагаат застарени правила за проектирање, како на пример поткровје со кров, паркирањето да се реши во склоп на парцелата, раздвоеноста да е минимална помеѓу градбите…нема повеќе надеж за современа, иновативна, експериментална и хумана архитектура.

Затоа само кај нас се раѓаат хибрид типологии, како на пример основно школо со подземен паркинг (две функции кои се во тотален конфликт), црква со бифе и многу други. Мутациите кои се создадоа на постоечките стамбени згради преку градежните доградби се токму тоа. Отсуство на чувство за јавен интерес  и современи урбани стандарди. Тогашните мутации денеска преминаа во градежни манипулации ширум градската површина.

За трагедијата да биде уште поголема ни се случи и Скопје 2014.Фантомско уфрлување со огромни негативни  последици. Скопје 2014 е градежна маска која цинично го сокрива  веќе постоечкото. Оваа политичка дисторзија не го пополни потребниот празен простор кој веќе беше на тој дел од централното градско подрачје, туку го узурпираоној субпростор надвор од урбаниот тек и градските содржини. Иако чинот е незаконски и проектот преставува дивоградба, тој не ги почитува ни современите човечки  димензии. Архитектурата отсекогаш се стремела кон совршенство хармонија и прогрес. Таа се споредува со композицијата во музиката (вариација на временски такти).

Тие се две сродни гранки чија разлика е во сетилната перцепција. Оттаму и произлегува дека Скопје 2014 не е само грда и лоша музика, туку  ненаштимана хаусцилација, чиј крици (звуци) го осакатуваат нашето слушно сетило. Насилно сме осудени да ги слушаме тие р’жења кои не пореметуваат и психички не осакатуваат.

Сепак крајот на 2014 година се наближува. Потребна е јавна љубов и нова  сила за да Скопје може да го врати својот градски интерес и конечно да излезе од несреќата која го затекна.

Првиот дел на борбата која се водеше против проектот заврши. Таа се изгуби, грдите  изданија се изградија. Сега почнува втората фаза на јавниот револт која ќе мора да се манифестира преку прашањето: Што ќе се прави со овој градежен шут?

Секоја урбана квалификација или риквалификација се разработува и продлабочува многу потемелно, демократски низ многу критериуми и сето тоа скапо чини. Преку меѓународни конкурси на најтранспарентен начин се избира најквалитетното решение, а сето тоа го бираат  експерти (и меѓународни) преку најквалитетно избрани стручни жирија. Еднаш добиен квалитетен и задоволувачки проект од јавен интерес (јавно излагање, забелешки, промени и дополнувања) се пристапува кон неговата изведба, која трае долги години и преставува макотрпен процес. Во меѓувреме не се менуваат урбаните планови со самата промена на власта, туку секоја администрација допринесува во усмерување и прилагодување на градот како јавна цел, во чиј соодност градот се прилагодува и амортизира на новите нагли антрополошки промени.

P.S.

Овој текст го посветувам на професорот Гоце Хаџи Митревски. Неговите размислувања и дебати не учеа како да се сака професијата, како да се сака градот.Овој прекрасен питом и сестран човек, беше педагог, кој целиот свој живот го посвети за  нашата современа еманципација.

Вечна Ви слава Професоре!

Поврзани новости