Синот на претседателот на Сомалија уби доставувач на храна во Истанбул

by Фокус

Синот на претседателот на Сомалија предизвика сообраќајна несреќа во Истанбул во која загинаа доставувач на храна и татко на две деца.

Мохамед Хасан Шеик Мохамуд наводно убил доставувач на мотоцикли на 30 ноември во сообраќајна несреќа во истанбулскиот кварт Фатих и наводно после тоа ја напуштил земјата.

Националниот дневен весник „Хуриет“ објави дека по ударот доставувачот летал во воздух и дека бил тешко повреден и пренесен во болница, но починал на 6 декември.

Доставувачот на мотоциклот не ги прекршил сообраќајните правила, а констатирано е дека за несреќата е одговорен возачот на автомобилот, Мохамуд, односно синот на сомалискиот претседател, пишува Ал Џезира.

Полицијата го ослободи Мохамуд по прелиминарната истрага за несреќата, но турското обвинителство издаде меѓународна потерница за синот на претседателот на Сомалија во петокот, неколку дена откако тој ја напушти земјата.

Полицијата отишла во домот на Мохамуд, но тој не бил таму. Градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу ги критикуваше властите што му дозволиле на осомничениот да ја напушти земјата.

-Животот на доставувачот е одземен поради несреќа што ја предизвикал синот на претседателот на Сомалија. Рековме дека ќе го следиме правниот процес, но осомничениот си замина од Турција со одврзани раце. Уште повеќе се зголеми болката на семејството на жртвата – објави Имамоглу на платформата Х.

Сѐ уште нема одговор од претседателот на Сомалија, ниту информации од неговиот кабинет.

Поврзани новости