Синот на пратеникот Џеват Адеми е еден од двајцата ранети на свадбата во Мала Речица

by fokus

Синот на пратеникот од ДУИ Џеват Адеми е еден од двајцата ранети при пукање од огнено оружје на свадба во Мала Речица. Според информации на албанските портали другиот ранет е роднина на пратеникот.

Семејството Адеми ја потврди веста на порталот „Лајм“ дека синот на пратеникот е ранет од огнено оружје, но демантира дека Адеми пукал при повредувањето.

-Станува збор за заталкан куршум од свадбена веселба – велат од семејството на Адеми и додаваат дека двете повредени лица се во добра и стабилна состојба.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека еден од повредените е потешко ранет и однесен на клиниките во Скопје, додека вториот е вон животна опасност и задржан на лекување во тетовската Клиничка болница.

„На 30.7.2019 околу 22 часот, на свадбена свеченост организирана во дворот од куќата на 47-годишниот Б.Д, на улица „172“ во тетовска Мала Речица, од испукани куршуми од огнено оружје повреди здобиле 27-годишниот А.Б. од Мала Речица и 26-годишниот Ф.А. од Голема Речица. Двајцата се пренесени во тетовската клиничка болница за укажување на лекарска помош. Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Поврзани новости