Синот на Мијалков ги купи конфискувани станови на неговиот татко

by fokus

Фирмата на Јордан Мијалков, Бест веј инвесмент, ги купи трите луксузни стана на Водно кои беа одземени од неговиот татко Сашо Мијалков во случајот ,,Империја”. Информацијата ја откриваат од Агенцијата за управување со одземен имот, споделувајќи дека нов сопственик на становите е Бест веј инвесмент.

Оваа компанија пак веќе една деценија е на синот на Мијалков.

Овие станови се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Мијалков, која, исто така, беше конфискувана, но тој си ја врати тапијата откако за неа уплати еден милион евра.

Пред неколку месеци овој имот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, но сопственикот не се откриваше. Директорот Дритон Небиу за ,,Фокус” вели дека тогаш ја немале информацијата.

Гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, пак, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.

Па така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.
Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што ја одредила Бирото за судски вештачења.

Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација е до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

Директорот Небиу за ,,Фокус” вели дека ова е парадоксална ситуација, но за жал таков е законот, кој тој мора да го почитува.

-Законот спречува само осуденото лице да не учестувува на продажбата, но не и неговата фамилија. Ова е парадоксална ситуација, од таткото да завршат кај синот, и досега сум реагирал и барав измени на законот, но тоа не е направено, ни изјави директорот.

И според законот е јасно дека на јавната лицитација нема право да учествува осуденото лице од кое е одземен имотот, но вакво ограничување нема за неговото семејство.

„Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице што службено учествувало во постапката за продажба“, се наведува во условите.

Тоа значи дека на јавните аукции можеле да учествуваат неговите деца, сопругата, семејните фирми…

Овие станови во Катастар пак се уште се водат на име на државата.

СТАНОТ ВО ОХРИД ЗАВРШИ ВО РАЦЕТЕ НА БИЗНИСМЕНОТ ЗЕМОСКИ

Како што веќе неодамна објавивме, еден од становите на Мијалков, лоциран во Горица, Охрид го купи Беким Земоски од Охрид.

Со мало пребарување се доаѓа до податоци од комерцијални текстови дека Земоски е успешен бизнисмен, односно е сопственик на консалтинг компанијата Де-Инвест, која уште од 2007 година соработува со голем број реномирани интернационални клиенти ексклузивно застапувајќи ги во настапот на меѓународни пазари.

Во дел од новинарските написи се наведува дека Де-Инвест е меѓу компаниите кои интензивно работат на привлекување на странски инвестиции и партнери кои би инвестирале во Македонија. Компанијата пред две години најави и конкретни инвестиции во земјата во партнерство со интернационални компании во делот на енергетиката.

Покрај успешното претприемништво, тој во минатото бил и политички активен. До 2005 година, работел како советник во Владата на тогашниот премиер на Република Македонија, Владо Бучковски.

,,Земоски е директно одговорен за поддршка на кандидатскиот статус на земјата во ЕУ, координација на меѓународни проекти, како и за односите со повеќе германски компании и институции”, пишува во написите.

Неговото име се споменуваше и во аферата ,,Маџар Телеком”, но тој ги демантираше обвинувањата.

Поточно, поранешниот разузнувач Слободан Богоески, обвини дека Земоски е лицето кое ги трансферирало парите во скандалот со „Маѓар телеком“. Бизнисменот пак се закани со тужба за клевета.

„Изјавата при сведочењето на Слободан Богоески за њујрошкиот суд дека јас Беким Земоски сум бил посредник, околу наводното мито во врска со аферата со „Маџар Телеком“ е злонамерна и тендециозна, со цел да наштети на мојот углед и интегритет. Со оглед на тоа дека станува збор на лажна, злосторничка и клеветничка изјава дадена под заклетва и под морална и кривична одговорност, јас ќе ги преземам сите законски мерки, лицето Слободан Богоески да одговара за клевета и лажна изјава дадена пред судски органи“, изјавил Земоски во 2015 година.

Станот кој го купи бизнисменот е со квадратура од 114 метри квадратни и е сместен во елитниот комплекс на една од плажите „Горица“ во Охрид.

Сумата која ја уплатил новиот сопственик на станот на сметка на државата е 146.400 евра, или по 1.300 евра за квадрат.

,,Фокус” го побара Земоски во неговата фирма, но од таму ни посочија дека не можат да не поврзат, туку тие ќе ни одговорат на прашањето.

– Во моментот не можеме да ја потврдиме информацијата. Стрпете се уште малку па ќе одговориме на прашањето, ни посочија од фирмата.

Валентина Вурмо

Поврзани новости