Дваесет и осумгодишниот А.П. пред три дена во семејниот дом го убил својот 75-годишен татко, нанесувајќи му повеќе убодни рани со нож по телото и главата, информираа од Јавно обвинителство.
Кога оштетениот се обидел да се одбрани, движејќи се кон ходникот, паднал на подот, а осомничениот продолжил да му нанесува убоди по целото тело додека не починал.
На убиецот му е одреден притвор за непречено водење на постапката и обезбедување на негово присуство.
Сепак, официјалните информации се уште не ја кажуваат главната позадина на убиството.
Како што дознаваме, синот бил со нарушена психичка состојба и бил хоспитализиран во Психијатриската болница „Бардовци. Овие информации за „Фокус“ ги потврди и актуелниот директор на болницата, Мухин Арифи.
„Пациентот е по втор пат хоспитализиран во нашата болница како доброволна хоспитализација. Пациент кој е на доброволно лекување според протоколите може да ја напушти болницата на свое барање, сам или во придружба на член од семејството.
Во конкретниот случај, пациентот на пробен престој е земен од страна на таткото“, истакна во изјава за „Фокус“, Арифи.
Од обвинителство пак тврдат дека за здравствената состојба на лицето се вршат вештачења.
„Јавниот обвинител е запознаен со сите околности од интерес на постапката“, кратко ни одговорија од ОЈО.
Сепак, тоа што останува нејасно во целата приказна е дали синот сам одлучил да си замине од болницата, дали од таму инсистирале или одлуката ја донел таткото.
Ирена Мулачка