Силјановска-Давкова: Балканската слика мора да се смени со луѓе со европски дух

by fokus

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, денеска пред граѓаните на скопската општина Ѓорче Петров порача дека европските вредности треба да ги градиме најпрво дома.

За неа, бескрајната транзиција мора да заврши и мора да почнеме, како што рече, со демократска консолидација, а тоа значи стабилни институции и процес на одлучување внатре, во Парламентот и во Владата, а не надвор во некои неформални тела.

Според неа, ние овде треба да ја препознаеме Европската унија, и за тоа не е доволно, како што рече само да склучите Преспански договор, ниту да го смените Уставот, бидејќи тоа ќе ја подотвори уште малку портата, ама вие надвор се уште ќе чекате.

– Тие мислат дека ако го донеле законот за јавно обвинителство, ние ќе сме ги почнеле преговорите. Јас тоа го нареков правен илузионизам. Можете вие да хармонизирате регулатива со ЕУ колку сакате, меѓутоа, далеку е европското сонце, ако овде имате селективна правда, ако имате реваншизам, ако само луѓето од опозицијата се пред судовите, ако никој не слуша што вели народниот правобранител, ако не се гледаат пораките за економијата, корупција, криминал, тоа не е европска слика, туку балканска слика која мора да се смени со луѓе со европски дух, и европски идеали, а тие се право и правда, а не реал политика, посочи Силјановска.

Силјановска рече дека правото на самоопределување е задолжително право, и никој тоа право не може да го негира, ниту да го одземе, а тоа право, истакна таа, не постои без правото на името.

– Ние нема со пукање, нема ние со битки да биеме нови боеви, туку ќе посегнеме по правото во името на правдата и се што е надвор од меѓународното задолжително право и од Уставот, е проблематично и нема да остане вечно. Тоа мора да биде сменето на правен начин, порача Силјановска пред жителите на Ѓорче Петров.

Поврзани новости