Си велам…

by fokus

Слушајќи ги папагалски повторуваните партиски и лидерски „вистини“ од толпата која одамна станала партиска руља, си велам колку бил Андриќ во право кога рекол дека најголема будала не е тој што не знае да чита, туку тој што мисли дека сè што ќе прочита или слушне е вистина

Звонко ДАВИДОВИЌ

Читам коментари на Фејсбук напишани на изнесен став и мислење на луѓе што нешто значат и тежат во својата област. Коментарите простачки, потценувачки, навредувачки, најчесто со граматички и правописни грешки, без значење и смисла.

Го погледнувам профилот на критизерот и освен честитки за роденден, постирани песни и слики од автомобили или чевли и други сликички и сликовници, кои му прилегаат на дете, но не и на возрасен човек, никогаш не напишал или изразил свој став и мислење. И штом таков глупак и бленто коментира на ваков начин, си велам дошло време за кое Андриќ пишува, време кога будалите говорат, паметните замолкнуваат, а фукарите кај нас одамна се збогатија, уште во транзицијата.

ПАСТИРОТ МИСЛИ ЗА НИВ

Простотилак, некултура, невоспитаност, нерационалност и забеганост на секој чекор, исполитизираност, алчност и полтронство станаа доблести. Ретко кој со своја глава мисли, најчесто „пастирот“ мисли за нив и наместо нив, а тие тапо блеат на собири, митинзи и проговараат само за да го бранат својот „пастир“, и тоа одвај, со мака и забавен мисловен процес и ограничен вокабулар сведен на навреди.

Само кај нас постојат пет годишни времиња, покрај четири природни постои и време на војна. Ние сме постојано во војна со некого и нешто, докажувајќи кој е предавник и петтоколонаш, а кој патриот, кој е постар, кој од кого настанал не сфаќајќи дека секогаш сами со себе и против себе војуваме, губејќи го животот и времето попусто. Секогаш, без оглед на годишното време, е време на будали, кои секогаш наново врескаат, скандираат, обожаваат и величаат уште поголема будала од себеси, будала што се заканува со ѕвечкање оружје, репресија, нови делби и поделби, ново разнебитување и обезличување на народот, неговото потекло, минато, иднина.

Си велам, слушајќи ги папагалски повторуваните партиски и лидерски „вистини“ од толпата, која одамна станала партиска руља, колку бил Андриќ во право кога рекол дека најголема будала не е тој што не знае да чита, туку тој што мисли дека сè што ќе прочита или слушне е вистина.

Си велам, ајде прост народ, ама државата барем да е силна, ама кај нас ти е каков народ, таква власт, таква и држава. Државата е претворена во партиска сопственост дадена на употреба и користење на партијата на власт. Работните места се резервирани за партиските билборд лепачи или потрчковци, а тендерите се резервирани за партиското раководство и нивните семејства.

НАРОДОТ Е САМО ГЛАСАЧКА ТОЛПА

За власта, која е партиска и испреплетена во секоја клетка на државата и општественото битисување, народот е само гласачка толпа, а демократијата ја сметаат за данок на будали. Секоја партија декларативно по секоја цена тврди дека сака да биде поинаква, необична, различна, а суштински личат сите една на друга како толпа на исти шарени кловнови.

Длабоко поделени и разделени по партиски, социјални, верски, национални и какви ли се не основи, соочени со секојдневната борба за гол опстанок, дел од народот кој не е и не сака да биде партиска овца е маргинализиран, исклучен од можноста да влијае врз власта и нејзините одлуки и секојдневно е бомбардиран од „успесите“ на власта и „предавството“ на опозицијата.

Ниту власта има успеси, ниту опозицијата е предавник, туку се тоа две страни на една иста паричка, која народот ја плаќа скапо. Успесите со кои се фали власта не се опипливи резултати кои носат подобрување на животот на граѓаните, туку се само политикантски памфлети и празни зборови за замајување, исто вредни колку и оние на опозицијата со една единствена порака – оној другиот е полош од мене, јас сум помалото зло.
И додека будалите говорат, паметните замолкнуваат, младите се отселуваат, а покрај сите нас животот поминува неповратно и неповторливо, живот кој не го живееме, туку се занимаваме со глупостите и тривијалните работи на некои недоквакани типови и со лагите на оние превејаните.

Си велам и другите биле некогаш такви, инаку Макијавели никогаш не би рекол дека како што од неискусен судија не можеме да очекуваме праведна пресуда, така не можеме да очекуваме од народ полн со заблуди и незнаење, освен во ретки случаи, да биде разбран и паметен кога избира и нешто одлучува. Само нешто ми вели дека ние никако да пораснеме и сè уште сме во период на адолесценција обвиткани во незнаење и заблуди.

Поврзани новости