Заев: Не ни текнало нас седејќи во Владата ај ќе правиме софтвер, сигурно имало потреба за тоа!

by fokus

Софтверот за сообраќајни прекршоци е купен со причина, а тоа ќе го покажеме со документи, рече денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ја набавката на софтверот за мерење просечна брзина на возилата и изрекување казни за сообраќајни прекршоци.

Заев уште еднаш повтори дека имало докази за комуникација меѓу Генералниот секретаријат и Министерството за внатрешни работи и претходни анализи за потребата од системот.

-Прво, ништо не е направено без причина, сите постапки што ги водиме ние како Влада, тоа е сметката Генерален секретаријат, нема друга сметка кај претседателот на Владата. Со таа сметка работат и Генералниот секретаријат, претседателот на Владата, потпретседателите на Владата, сите се со таа сметка. Нашето постоење е за асистенција на ресорните министерства. Има причинско правни последици зошто е тоа правено. Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвер кој може да се употребува во МВР. Постои писмена комуникација помеѓу двете институции – Генерален секретаријат и МВР, спроведен е тендер со проектирани 8 милиони денари, падната е цената на некои 5 милиони денари заради наддавањето, учествуваат компании коишто се капацитетни и самиот софтвер има конечна цел употребна вредност на улиците. Се работи за објект кој снима 360 степени, благодарение на претходни длабински анализи за потребата каков да биде, така што реков овие денови ќе ги соопштат сите детали и документи, ова е правено со причина. Не ни текнало нас седејќи во Владата ај ќе правиме софтвер. Имало потреба за тоа, затоа што е дел од сите политики и процедури поврзани со соодветните министерства, рече Заев.

Коментирајќи го ставот на МВР од каде што претходно изјавија дека не биле координирани за набавката на софтверот и дека развиваат свој проект за казнување преку видеонадзор, Заев рече дека ако полицијата не го користи сега, можеби ќе го користи во иднина.

-Ако не го користат, можеби во иднина ќе го користат. Јас не ги знам деталите, оставам на службите, знам дека е правено со причина. Чуму ние би правеле софтвер ако немало причина заради МВР? Нема зошто тоа да се прави. Убеден сум дека софтверот изнаоѓа практична примена во безбедноста на сообраќајот, рече Заев.

Поврзани новости