Заев: Баравме помош и од приватни фирми за набавката на вакцини, ама нема ништо незаконско

by fokus

Премиерот Зоран Заев ги отфрли обвинувањата за незаконско дејствување во однос на набавките на вакцина против Ковид – 19 од кинески Синофарм. Кажа дека за набавката на вакцините се одело преку приватни фирми, во случајов и преку Пауер Чајна, а нарачката е направена преку кинеската Амбасада и МНР на Кина на барање на кинеските власти.

-Апсолутно негирам какви било лоши намери или незаконско дејствување. Затоа што во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас а и министерот за здравство ја информираше јавноста дека после две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку Синофарм не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, рече Заев на новинарско прашање во врска со пишувањата на италијанскиот весник „Ла верита“ за набавката на кинеските вакцини за државава.

Секоја земја, додаде, прави напори, и ние истовремено имаме испратено писмо за намери, за интерес, преку десетина приватни компании од Австрија, од Велика Британија и од Америка, покрај официјалните преку амбасадите кои што ги имаме.

-Секако нарачките што сме ги правеле, во конкретниот случај со Кина, се со потврда и писма на Синофарм со сите документации регулирани. Донесени се сите неопходни одлуки, но на крајот се одлучи дека треба да одиме преку Кинеската амбасада, преку МНР на Кина за да може да се реализира самата количина од 200.000 вакцини кои се нарачани. Во првиот случај имавме и потврда на Министерството за здравство на Кина, но сепак ги почитуваме дипломатските ставови на пријателска НР Кина и затоа нарачката е сега преку Амбасадата и МНР на Кина, рече Заев, по посетата на „Ист Гејт Мол“ Скопје каде се одвиваат градежни активности.

Тој појасни дека Владата правела нарачка и преку приватни компании.

-Да, сме правеле нарачка и јас кажав ни помогна во целата нарачка Пауер Чајна која е мајка компанија на Синохидро која ги гради патиштата во С Македонија. Друга кинеска фирма и не работи во моментов на инфраструктурата. Пауер Чајна е еден од деветте кандидати за Чебрен. Џиновска компанија во државна сопственост на Кина. И од таму се обидувавме покрај од Амбасадата, изјави Заев.

Поврзани новости