Шведска ја освои бронзата на ракометното ЕП 2024 во Германија

by Fokus

Ракометарите на шведската репрезентација го освоија бронзениот медал на Европското ракометно првенство со победа од 34:31, над домашната селекција на Германија.

Шведска сосема заслужено славеше бидејќи освен на почетокот при водство на домаќините од 2:1, во останатиот дел од мечот го диктираа темпото.

Швеѓаните ја создадоа предноста во првиот дел од играта најмногу благодарение на бравурозните одбрани на голманот Андреас Паличка, кој беше нерешлива енигма за Нор, Гола и останатите Германци.

Шведска на средината на првото полувреме имаше седум гола предност, но Германија со голема поддршка од своите навивачи од трибините успеа да замине на пауза со „само“ -6.

Во исто толку силен ритам и брзо темпо се одиграа и вторите 30 минути. Швеѓаните беа решени со голови да ја замолчат „Ланксес арената“ во Келн и да не им се повтори истата ситуација како против Франција во полуфиналето, кога пропуштија големо водство и на крајот загубија.

Сепак, на средината на полувремето Германците ја преполовија разликата од првите 30 минути и задоцнија три гола (24:21).

Швеѓаните ја одржуваа својата предност, иако губат се повеќе самодоверба и често имаа проблеми во изведувањето на нападите, додека Германија со се помотивираниот Волф на голот и се поефикасниот Јуриј Кнор во полето, многу полесно се справуваше со нивните напади.

На осум минути до крајот, Германците беа во негатива од еден гол (30:29), а најзаслужен за тоа што Германците не успеаја да израмнат е голманот Андреас Паличка, кој одбрани обиди во три последователни германски напади, па Шведска успеа да ја врати предноста од три гола (32:29).

На самиот крај Германците немаа доволно сила и концентрација и мораа да го „положат оружјето“.

Најефикасен кај победниците беше Карлсон со 7 гола, додека Усинс имаше 7 кај Германија.

Европското првенство во ракомет ќе заврши со финалниот натпревар меѓу Данска и Франција кој започнува во 17:45 часот.

Поврзани новости