Шумски пожар избувна утрово во областа Маратијас на грчкиот остров Закинтос, а на терен беа распоредени 22 пожарникари, со поддршка на авиони, хеликоптери и локални волонтери, соопшти Грчката противпожарна служба.
Во гаснењето учествува и пешадиска група од 17-та единица за специјални операции за шумски пожари, како и волонтери, пренесува ProtoThema.
На терен има осум противпожарни возила, два авиони и еден хеликоптер, додека цистерни на локалната самоуправа помагаат во гаснењето на пожарот.
До граѓаните кои се наоѓаат во загрозеното подрачје се упатува итен апел да бидат во состојба на готовност и строго да ги следат упатствата на надлежните служби.
Во Атика и шест други грчки региони, властите прогласија црвен аларм поради ризикот од пожар, како и високо ниво на подготвеност кај сите надлежни јавни служби, бидејќи временските услови се погодни за појава на пожари во голем дел од земјата.