Во време кога сè почесто се зборува за општествена одговорност, одржлив развој и активни локални заедници, ретки се иницијативите што успеваат истовремено да создадат спортски настан, да мобилизираат компании и институции и да остават трајна вредност за јавниот простор и локалната заедница.

Токму таков пример беше првото издание на Маврово Опен – хуманитарен аматерски тениски турнир кој минатото лето покажа дека спортот може да биде многу повеќе од натпреварување.
Во текот на три последователни викенди, Маврово беше домаќин на 48 тенисери рекреативци, повеќе од 2.000 посетители и над 30 компании, институции и организации кои ја препознаа и поддржаа иницијативата. Но, најзначајните резултати не се мереа во освоени гемови и пехари.
Средствата собрани преку турнирот беа насочени кон подобрување на условите во Основното училиште „Денче Дејаноски“ во село Маврово, додека паралелно беше ревитализиран јавниот простор околу тениското игралиште, кое повторно стана место за спорт, дружење и рекреација.
„Всушност, приказната за „Mavrovo Open“ не започна толку едноставно како што денес изгледа. Ние сме неколку пријатели чии животи со години се испреплетуваат во Маврово. Од тие дружби се роди идејата да организираме тениски турнир.
Кога првпат застанавме пред тениското игралиште во Маврови Анови, затекнавме простор обраснат со вегетација, опкружен со кабаст отпад и градежен шут. Но, игралиштето се наоѓа на фантастична локација – покрај езерото и опкружено со шума – и верувавме дека заслужува повторно да стане јавен простор за спорт и рекреација.
Со поддршка од Општина Маврово и Ростуше, локални жители, компании и пријатели, донесовме повеќе од 30 камиони земја, обезбедивме механизација и постепено го претворивме запуштениот простор во место каде денес повторно се игра тенис и се собираат луѓе.
Тогаш сфативме дека не создаваме само турнир, туку нешто што ќе остане да ѝ служи на локалната заедница и на сите посетители на Маврово. Си ветивме дека волонтерски ќе продолжиме да се грижиме за овој јавен простор и во иднина“, вели Милан Павловски, еден од организаторите на Mavrovo Open.

Со второто издание, кое ќе се одржи од 28 август до 13 септември 2026 година, Mavrovo Open продолжува да ја гради оваа приказна. Организаторите најавуваат поголем број учесници, вредни награди, збогатена програма покрај тениските натпревари и нови активности за деца и семејства.
За првпат годинава, Македонски Телеком ќе биде технолошки партнер на турнирот, обезбедувајќи професионален пренос во живо на натпреварите, како и бесплатен стабилен интернет на целата локација. Со новите партнерства, организацискиот тим планира да продолжи со уредувањето на јавниот простор околу тениското игралиште и повторно да обезбеди конкретна поддршка за локалната заедница.
ПР текст